X
 10.01.2018 Живот

Стивен Хокинг – лекарите сакаа да го исклучат од апаратите уште пред 33 години...


Стивен Хокинг
(Фото: Getty images)


Познатиот англиски теоретски физичар, космолог и автор на повеќе книги, кој се смета за еден од најголемите умови на денешнината и чие дело значително влијаеше врз современата теорија за општата релативност и квантната механика, уште од 1963 година страда од амиотрофична латерална склероза (АЛС).

Кога на Стивен Хокинг му била дијагностицирана таа тешка прогресивна невромоторичка болест, лекарите предвидувале дека ќе живее уште најмногу две години. Меѓутоа, Хокинг успеа да се бори со болеста повеќе од пет децении. Поради болеста, тој поминувал низ разни тешки состојби.

Кога во 1985 година страдал од сериозни последици од воспаление на белите дробови, тогашната сопруга на Хокинг го одбила предлогот на лекарите за исклучување на апаратите што го одржувале во живот. Тој тогаш се наоѓал во кома, која била предизвикана од лекарствата, во една болница во Женева, пишува Indy100.

„Лекарите сметаа дека нема да се повратам од комата, па ѝ предложиле на Џејн да ги исклучат апаратите. Таа го одбила тоа. Инсистирала да ме вратат во Кембриџ. Наредните две недели интензивна нега беа најтешкиот период од мојот живот“, раскажал Хокинг во документарниот филм за него, снимен во 2013 година.

По сè изгледа случајот на Хокинг е редок исклучок кога станува збор за неговата болест, која му била дијагностицирана кога имал само 21 година. Лекарите сметале дека нема да ја доживее 25-тата, а тој пред два дена наполни 76 години.

„Токму затоа што секој ден би можел да е последниот во мојот живот, постојано имам желба да искористам сè што можам од секоја минута живот“, истакнал Хокинг во документарниот филм „Hawking: Brief History of Mine“.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот