X
 10.01.2018 Култура

Уште ни е срам од опинокот, а паѓаме во несвест на салса и танго

Си поставив задача во САД да ги промовирам македонската традиционална музика и игра, и тоа често го правам преку семинари, работилници и конференции - вели Филип Петковски, асистент во одделот за светски танци и култури на престижниот УКЛА

 

Ќе ни треба многу простор за да доловиме што сѐ му е поле на интерес на Филип Петковски. Танц, културно наследство, фолклор, режија... ова се дејностите што го интересираат асистентот на одделот за светска уметност, култура и танц на врвниот универзитет УКЛА во Калифорнија. Има само 26 години, а еден куп проекти, семинари, работилници зад себе. Петковски е голем поборник за зачувување на културното наследство.

 

 

Огромното претходно вложување во себе, во образованието, Ве донесе во оваа врвна институција. Што поточно предавате таму и како изгледа да се биде дел од ваков универзитет?

 

- UCLA беше случаен избор. Откако завршив со мастер-студиите по танц, имав кризен период и не знаев што да правам бидејќи немаше работни позиции по таа струка во Скопје. Работев на мала претстава и се сеќавам дека парите од малиот хонорар што ги добив како режисер на претставата ги потрошив за да аплицирам за докторски студии на Yale, NYU и UCLA. Не верував дека ќе бидам примен бидејќи сметав дека немам доволно професионално искуство. Но, ете, ме примија на UCLA на одделот за светска уметност, култура и танц и ми понудија целосна стипендија. Имав многу тежок почеток и неколку пати сакав да се откажам и да се вратам во Скопје, но благодарение на многу пријатели, сепак, решив да останам. Веќе работам како асистент по предметите Светска историја на танц, предавам Академско пишување, а од јануари ќе предавам и Културно наследство. На универзитетот студираат неколкумина Македонци. Уште не сум сигурен како и зошто ми се случи UCLA, освен што знам дека имам многу среќа и умеам да се снаоѓам. Од 18 години сум надвор од Македонија и досега развив секакви вештини за преживување и адаптирање на нови места и култури. Но, тоа е приказната на речиси секој интернационален студент во странство. Имам многу пријатели што студираат во САД и во Западна Европа и знам колку им било тешко. Јас сум од тие што сакаат да се вратат во својата земја и да им го пренесат стекнатото образование и искуство на македонските студенти. Се надевам дека државата ќе ми даде таква можност.

 

 

Дипломиравте на Универзитетот во Питсбург, Продукција на нови медиуми/театар. Следуваше конзорциумот на неколку универзитети. Кои сѐ се областите што најмногу Ве интересираат?

 

- Ова ми е најкомплицираното прашање. Кога ќе ме прашаат што сум студирал и со што се занимавам, не знам што да одговорам. Од седум години се занимавам со танц, во Средното музичко училиште учев и балет и музика, продолжив со додипломски студии по режија, а паралелно студирав и медија-продукција. Следен чекор беа мастер-студиите по танц и сега докторските студии по култура и перформанс. Ме интересираат многу работи, а некогаш дури и премногу, до тој степен што морам да бидам во конфликт самиот со себе и да мора да се фокусирам на некои полиња кои ми се приоритетни за студиите. Со танц моментално се занимавам исклучиво концептуално и академски, но не и практично. Пред година и пол асистирав на две претстави во „Малиот театар” на UCLA, но оттогаш паузирам и со театарот. Моментално сум максимално посветен на студиите. Ме интересира танцова антропологија, танцова етнографија, интелектуална сопственост и нематеријално културно наследство, како и теми поврзани со институционализација, идентитет и нацијата.

 

 

Имате ли можност во Лос Анџелес да ги едуцирате студентите или барем да им го доближите македонскиот фолклор, за кој сте голем поборник?

 

- Верувам дека сум голем поборник и горд сум на тоа. Со првото заминување во САД си поставив задача да ги презентирам и промовирам македонската традиционална музика и игра и тоа често го правам преку семинари, работилници и конференции. Во план ми е да предавам час по танцова антропологија каде што ќе се базирам на танцови примери од Македонија, па се надевам дека студентите ќе имаат шанса да научат нешто повеќе за нашата богата традиција. Досега имам одржано неколку работилници надвор од факултетот и просто е неверојатно колку многу луѓето уживаат кога играат македонски ора. Нашата култура се вреднува, а трудот се наплаќа и до 200 долари за час, што верувам дека говори само по себе колку се квалификува трудот. Драго ми е што моето образование и искуство тука се ценат и што можам да заработувам од тоа.

 

 

Се чини дека во Македонија како да се намалува интересот на децата и младите за изучување на народниот танц, на она богатство што е наш идентитет. Ве загрижува ли тој момент?

 

- Ако споредиме со 90-тите години на минатиот век, да, интересот е намален, но сè уште постојат културно-уметнички друштва во кои членуваат многу млади луѓе. Но, ако споредиме регионално, интересот не е на тоа ниво како што е во соседните Бугарија и Србија. Во Скопје и околината некогаш имало околу 40 културно-уметнички друштва, а денес не знам дали има и 10. За да се појави интерес кај младите, за тоа мора да се погрижат Министерството за култура и НУ „Танец”. Би било одлично кога конечно би се променила монотоната и досадна програма и би се работеле нови проекти кои ќе вклучуваат едукативна настава за деца и возрасни, ќе се експериментира со фолклорот и ќе се работат нови проекти соодветни за денес. Додека живеев во Норвешка држев часови по фолк-денс-фитнес, заедно со колегите кои предаваа зумба и пилатес. Во Хрватска, Националниот ансамбл „Ладо“ направи проект наречен „Ладо Електро“ - спој на техно и хрватска традиционална музика. Денес таа музика се слуша во хрватските дискоклубови. Во 2010 година со Тони Китановски и студентите по етнокореологија имавме турнеја низ Македонија каде што свиревме и пеевме традиционална музика во дискотеки во комбинација со џез- призвуци. Ги имавме Даутовски, „Синтезис“ и многу други, а многу ми е мило што денес „Љубојна“ постави нови параметри на ова поле. Ете толку малку треба за традиционалното да стане меинстрим и да се приближи до младите. Во Македонија, уште ни е срам од опинокот, уште паѓаме во несвест на салса и танго (кои притоа се традиционални игри исто како што е и орото) и уште мислиме дека сме „сељаци“ ако разговараме на оваа тема. Јас во неколку наврати јавно ја критикував работата на „Танец“, а слично мислење имам и за другите танцови институции. Мора да постои критика, мора да се учи од критиките и мора да постои прогрес. Мора да се приспособуваме на времето и околината во која живееме, мора да следиме трендови и мора да следиме што се нуди на т.н. „пазар“. Орото ќе си остане оро, но можеби е време да одмориме од кореографиите што се веќе стари 70 години и да размислуваме за нови проекти кои ќе го задржат вниманието на секој граѓанин.

 

На отворањето на Latino Theatre Company

 

Америка е земјата во која секој човек, без разлика со што се занимава, треба да се бори на суровиот труд на пазарот. Тешко ли е за уметник како Вас, кој се занимава со танц, кореографија, графички дизајн и со што уште не, да се најде во тим за да реализира проекти, а особено да се обезбеди буџет за истите?

 

- Aко ви кажам дека од 18 години живеам од стипендии, нема да ви се верува, но вистина е. Имав среќа досега целото образование да ми е покриено од стипендии, освен додипломските студии кои ми беа половично спонзорирани. Сум работел и како келнер, шанкер, продавач и што ли уште не. Како и да е, благодарен сум бидејќи некој ми дал шанса да заработам за да можам да вложам во себе. Како уметник, каде било, многу е тешко финансиски да се опстане. Сите досегашни проекти ми биле спонзорирани од странски фондации и грантови, а ниту еден проект не ми бил прифатен (и спонзориран) од Министерството за култура. Немам партиска книшка, јасно ми е. Бидејќи немав шанса во Македонија, решив да творам надвор. Тешко е, но не е невозможно. Треба упорност, тврдоглавост, но најмногу нетворкинг. Често патувам и запознавам луѓе од целиот свет. Со многу од нив се договараме за заеднички проекти, дознавам за нови фондови и апликации и аплицирам. Се случува и да сум одбиен, но не се обесхрабрувам. Постојат милиони стипендии и фондови кои им даваат финансиска потпора на луѓе како мене, а сè што треба да направиме е да се обратиме за помош.

 

 

Македонија впиша уште две културни богатства на листата на нематеријални богатства на УНЕСКО. Умееме ли дома да си ги почитуваме нашите вредности, да им ги пренесеме на нашите идни генерации и да им оддаваме вистински простор во образованието и меморијата?

 

- Не умееме и срамота е. Македонија моментално има впишано пет културни добра и сите тие се по заслуга на колешките Велика Стојкова-Серафимовска и Ивона Опетческа-Татарчевска, членови на Интернационалниот совет за традиционална музика преку кој научивме многу за УНЕСКО. Нивното име не го прочитав никаде, а сите впишани добра се резултат на нивниот труд. За последните две впишани добра- „Х’дрлез“ и „Мартинките“ напишаа точно три онлајн-медиуми. Немаше прес-конференција, немаше никаков прилог на телевизија, немаше никаква дојава! Македонија беше зафатена со платите на ДИК и секојдневниот фејсбук-хејтеризам. Хрватска е четврта во светот и прва во Европа по бројот на впишани добра. Сите од нив се вклучени во туристички аранжмани и позитивно влијаат врз туризмот и економијата во државата. Толку ли е тешко да земеме пример од соседите? Кога станува збор за образование, верувам дека некои од елементите се вклучени во наставна програма, но потребен ни е маркетинг и потребно ни е медиумско покровителство. Со колешките често одиме на конференции и презентираме на оваа тема - македонско нематеријално културно наследство. Јас моментално ја пишувам својата докторска дисертација на тема „Танц како нематеријално културно наследство“. Неколкумина сме во државава што нѐ интересира оваа тема, но трудот не ни се вреднува и не ни се признава. Срамота е. Како и да е, веќе размислуваме да впишеме нови елементи, продолжуваме со истражување, читање и пишување и се надеваме дека еден ден ќе се освестиме дека треба да се радуваме на успех и ќе си ја сакаме и почитуваме државата, без да мешаме политика и национална припадност.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура