X
 12.01.2018 Култура

Извадоци од дневниците на Лев Толстој: „Говори само за она што ти е јасно, во спротивно – молчи“


Насликан Толстој
(Фото: Wikipedia)


„Секој човек е дијамант, кој може да се исчисти или да не се исчисти, и во зависност од тоа колку е исчистен, низ него свети вечна светлина; според тоа, задача на човекот не е да се обидува да свети, туку да се труди да се исчисти себеси.“ (Книга на записи – 13 март 1890)

***
„Ако се нема сила да се гори и да се создава светлина, тогаш барем не засолнувајте ја...“ (Круг на читање)

***
„Една од најчестите заблуди е кога проценуваме дали луѓето се добри, лоши, глупави, паметни. Човекот тече и ги има сите можности: бил глупав – па се опаметил, бил лош – па станал добар и обратно. Во тоа е големината на човекот. За тоа не треба да се суди за човекот. Вие сте го осудиле, а тој веќе станал поинаков.“ (Дневник – 1898)

***
„Би бил најнесреќниот човек да не ја најдев целта на мојот живот – општокорисноста.“ (Дневник – 1847)

***
„Замисли дека целта на твојот живот е твојата среќа, и тогаш животот е силно  бесмислен. Прифати го она што го говори човечката мудрост, и твојот разум и твоето срце: дека животот треба да е служење на оној што те пратил во светот, па тогаш истиот станува постојана радост.“ (Круг на читање)

***
„Прво и најважно знаење што е потребно да им се предава на децата и на возрасните кои учат е одговорот на вечните и неизбежните прашања што се јавуваат во душата на секој свесен човек. Првото: кој сум јас и каков е мојот однос кон бесконечниот свет? И второто, кое произлегува од првото е: како да живеам и што под секакви услови и секогаш да го сметам за добро, а што за лошо?“ (За воспитувањето)

***
„Луѓето се како реките: водата во сите нив е еднаква и секогаш е една и иста, но секоја река е или тесна, или брза, или широка, или тивка. Секој човек во себе ги носи зачетоците на сите човечки особини и понекогаш се пројавуваат едни, а понекогаш други, па честопати човекот не наликува на себе, останувајќи сам со себе.“ (Воскресение)

***
„Природата влегува во човекот и преку дишењето и преку храната, така што не може тој да не се чувствува како дел од неа и неа да ја чувствува како дел од себе.“ (Дневник – 1899)

***
„Луѓето учат како да зборуваат, а главното знаење е како и кога да молчат.“ (Пат во животот)

***
„Говори само за она што ти е јасно, во спротивно – молчи.“ (За секој ден)

***
„Ако само еднаш зажалиш за нешто што си кажал, стопати ќе зажалиш за нешто што не си го кажал.“ (Круг на читање)

***
„Сите големи промени во животот на еден човек, а исто така и на целото човештво, почнуваат и завршуваат во мислите. За да може да се случи промена на чувствата и однесувањето, пред сè мора да се променат мислите.“ (Пат во животот)
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура