X
 15.01.2018 Образование

Атанас Сопотски, професор во „Корчагин“: Кај денешните ученици авторитет не функционира, тие сакаат искреност и фер игра

Учениците сакаат искреност, фер игра, а досега сум ја давал и повратно сум ја добивал. Тие се толку паметни и остроумни да проценат дали ние, возрасните, манипулираме со нив, покажуваме лицемерие само за да дознаеме некои информации за нешто или некого или сме чесни, отворени за соработка



Професорот Сопотски во скопскатата гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ 

„Затоа што човекот е подвижна енциклопедија и не постои година која тој може да ја утне или заборави. Повеќе од праведен човек и премногу посветен на работата“... „Затоа што во 45 минути може да те извози од камено време до Втора светска војна без да забележиш. Се вложува максимално и е премногу посветен“. Ова се само дел од писмата што негови поранешни ученици ги напишаа за него на страницата „Мојот омилен професор“. Идејата на овој проект е да се искаже благодарност до сите учители што оставиле белег кај учениците, а Атанас Сопотски, професор по историја во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, и тоа како го паметат сите. Тој е еден од македонските професори што добија најмногу писма од свои ученици. Го прашуваме како се чувствува додека ги чита убавите зборови упатени до него?
 - За овој проект дознав пред извесно време кога мојата многу драга колешка и пријателка професорката Фросина Митрушева ми испрати на „Месинџер“ дел од пораките во писмата што беа наменети за мене. Во првиот момент помислив дека е некоја шега што ние, колегите, меѓу себе знаеме да си ја направиме, а потоа следуваше и порака од друга моја колешка, професорката Даниела Николова, која ме извести дека имало пораки и за неа. Содржината во пораките ми е особено драга затоа што знам дека е искрена и чиста и доаѓа токму од учениците. Тие за мене се движечката сила во работата, тие ме одржуваат во работата што ја работам и ми даваат енергија за да продолжам понатаму со успехот, што не е ниту малку едноставно и лесно. Секогаш напишаното и кажаното од учениците е најголема потврда за вложениот труд и успех на секој вистински професор што си ја сака и почитува професијата.

Верувам дека не е едноставно да се биде професор во денешно време. Како се чувствувате работејќи ја оваа благородна професија?
- Од денешен аспект, да се работи оваа благородна професија воопшто не е лесно, иако многумина мои пријатели, роднини и другари сметаат дека имаме една од наједноставните професии. Верувајте дека професијата е премногу комплексна ако навистина се заземеш да ја работиш, вистински и со срце, со полна душа. Тогаш е сложена. Професијата не подразбира само носење на дневникот под рака, да се појавите пред учениците и да ја завршите својата должност, да ја предадете наставната единица предвидена за часот, да се прошетате до работното место, училиштето. Или да „глумите“ авторитет, односно, како што велам јас, да понудите форма без суштина, туку во личноста на професорот се преплетуваат многу моменти, професионалност, стручност, ерудитивност на наставникот, многу емотивни моменти. Тој истовремено треба да биде одличен методичар, педагог, психолог, пред сѐ човек кој ги поттикнува своите ученици на вистинските вредности во животот. Во многу ситуации низ годините знам со учениците да поразговарам на теми што ги загрижуваат, надвор од предметот, да останам со ученици по часовите и да им поделам совет од сопственото искуство, а често тоа знам да го направам и на часот пред класот. Понекогаш и часот по историја може да ни отиде во сосема друга насока, доколку им се допадне темата на учениците, па тогаш им давам целосна слобода да ги кажат своите мислења. Потоа задоволни, и јас и тие, си заминуваме, а сме имале успешен час од кој сме извлекле многу поуки.



Со учениците разговара и за проблемите што ги мачат

Со денешните млади генерации воопшто не е лесно да се работи. Јас не знам дали тие знаат да почитуваат авторитет како што некогаш тоа се случувало со нас кон нашите професори. Кај денешните ученици авторитет воопшто не функционира, напротив дава спротивен ефект. Со овие ученици треба да се балансира, „топло - ладно“ за да ги придобиете на своја страна. Јас конкретно тоа го правам многу искрено и чисто, јавно и транспарентно, па без разлика дали тоа ќе биде околу известувањето за оценките или околу дисциплината. Учениците сакаат искреност, фер игра, а досега сум ја давал и повратно сум ја добивал. Тие се толку паметни и остроумни да проценат дали ние, возрасните, манипулираме со нив, покажуваме лицемерие само за да дознаеме некои информации за нешто или некого или сме чесни, отворени за соработка. Јас постојано велам дека децата се во ред, туку дека ние, возрасните, треба да се запрашаме што правиме со нив. Меѓутоа, секогаш со моите ученици практикувам да се задржи таа граница професор – ученик затоа што и сѐ што е премногу „демократско“ не е во ред, се злоупотребува од нивна страна во поинаков, негативен контекст.

Даскалската работа во Македонија денеска не е на цена. Од многу проблеми во образованието некако се извалка оваа професија. Го делите ли ова мислење?
- Апсолутно се согласувам со вас. Кога вложувате во нешто, очекувате и сакате да имате позитивни резултати. Но, денес, за жал, оваа прекрасна, исполнувачка професија се најде на дното од општествените случувања. Во минатото учителот имал најважна улога во општеството, да произведува интелектуалци, здрави кадри, критичка маса, основа на секое општество и кога било задоволство да се наречеш професор, а денес имаме дијаметрално спротивен ефект. Денес никој не се грижи за тоа каде се наоѓаме ние, учителите, професорите во општеството. Секој може да ви се обрати како што сака, почнувајќи од учениците, нивните родители, личности на повисоки функции, а притоа да не чувствува никаква морална одговорност, ниту кон нас како личности ниту како професори, луѓето што половина од работниот ден им го посветуваме на нивните деца во образование и воспитание. Моето лично гледиште за причините за оваа состојба во која се најдовме како фела се повторно општествените случувања и текови, а последните десетина години и силното присуство и мешањето на политиката таму каде што најмалку треба да биде присутна. Тоа е еден цел магичен круг на кој му нема крај. Но, јас и поголем број луѓе од моето опкружување, кои навистина ја сакаме и ја почитуваме оваа професија, сме оптимисти и ќе се бориме и ќе вложуваме за оваа благородна професија да ја искачиме на пиедестал над сите општествени и политички случувања и повторно да се врати на она високо ниво угледот на учителот, професорот, како што заслужува.

Дека сте омилени меѓу учениците, покажа и овој едноставен експеримент со праќањето писма до саканите учители. Се издвојувате и најмногу писма се упатени токму до вас. Како се станува омилен професор?
- Преку содржината на овие писма веќе сте ги добиле одговорите. За ова прашање можат да ви одговорат само моите ученици, а сѐ што јас понатаму ќе ви кажам ќе биде само моја претпоставка. Нема некоја посебна формула по која би станале омилен професор меѓу учениците. Секогаш велам дека во оваа професија, која ве обзема и плени со нејзината моќ и енергија, влегувате со сето срце и отворена душа, а притоа ја поседувате и ја имате таа способност и талентот да одговорите на предизвиците што ги бара. Секако, многу од вештините во оваа професија се учат, но пресудниот момент е талентот, дарбата да се биде учител, како и за секоја друга професија. Мојот идол, водачот кон оваа мисија ми беше, а и сѐ уште е мојот класен раководител и предметен професор по историја од гимназиските денови - проф. Јорданка Патковиќ, на која ѝ го должам мојот живот, ќе си дозволам така да кажам. Затоа што не само што ме нурна во историските води, туку ме научи на многу поголеми работи, таа во вистинска смисла ми го даде в раце веќе „испечен“ занаетот, а секогаш ми велеше да не заборавам кој сум и да останам свој. Од неа учев, пред сѐ, да бидам чист, искрен и отворен кон секого, кон моите колеги, кон моите ученици и сам со свој труд да ги завршувам работите навреме во дадените рокови. Ме научи на професионализам и стручност и во предметот, но и во тековните работи на работното место. Денес од оваа позиција на професор, дијалогот со учениците, отвореноста, позитивната енергија, ведрината, екстровертноста (живиот темперамент) и искреноста за мене се примарни, многу важни карактерни особини по кои ме препознаваат моите ученици. Максимално се заложувам да им пренесам барем мал дел од нив на учениците за да станат пред сѐ луѓе, ги учам на тие етички и морални вредности, да бидат искрени, чесни и со разговор да ги решаваат сите проблеми. Постојано ги „карам“ да не трчаат по оценки, зашто оценката е варијабилна бројка, туку да гледаат колку што можат да учат за знаење, да учат за себе, а не учењето да им претставува товар и да учат за нивните родители, како што самите знаат да кажат дека дома им барале само 5-ки. Тие оценки да се заслужат и понатаму сѐ во животот да стекнуваат по заслуга. Секогаш им велам да растат интелектуално, да се изградат како вистински личности со свој став и мислења и секогаш отворено да настапуваат, затоа што тие се нашата критичка маса на која во иднина треба да се потпре државата. Ете, најверојатно тоа е само дел од начинот да се стане омилен професор меѓу своите ученици.



Кога ќе ставам слаби оценки, со денови размислувам дали проблемот бил во мене или во ученикот

Што Ви значат учениците, сигурно не ги гледате само како бројка, генерации кои се менуваат во училишните клупи. Во спротивно сигурно не би биле омилени и не би Ви адресирале писма?
- Многу емотивно прашање. Како бројки никогаш не ги гледам, уште од самото влегување во гимназијата, па до нивното матурирање сите еднакво имаат ист третман кај мене и по мојот предмет. Максимално се трудам да бидам коректен, принципиелен, транспарентен, да му излезам во пресрет на секој на кој му е потребна помош, по предметот или надвор од предметот, совети за проблемите што ги имаат учениците, разговори со нив, така што уште од првата година кога почнав да работам до денес се сеќавам речиси на сите мои ученици што поминале низ овие генерации. Многу често знам да бидам и строг, барам дисциплина на часовите кога предавам, сакам активно вклучување во дискусиите за многу прашања и не сакам моите ученици на часовите да бидат само пасивни примачи на информации. Знам кога ќе ставам слаби оценки потоа со денови да размислувам и да се прашувам зошто тоа така требало да биде со ученикот или проблемот бил во мене. Многу се соживувам и ги преживувам работите по работното време. Секој ден знам да направам една ретроспектива на денот - како поминал, што да менувам кај себе, дали треба да менувам нешто во начинот на предавањата, оценувањето, односот кон учениците. Ова последното ми е особено важно затоа што и на моите ученици постојано им кажувам дека тие за 4 години образование во гимназија се ученици, а личности остануваат целиот живот. Така и ги почитувам - како личности со оглед на годините во гимназија и многу пати се зачудени дека не им покажувам гордост, суета, а честопати знам и да им се извинам за многу работи кога не сум во право и достојно да ги испочитувам како што и тие мене ми возвраќаат. Откако ќе завршат, ќе матурираат, ми е особено тешко за секоја генерација и долго време не можам да ги преболам, ми треба време да се приспособам на новата генерација ученици што ја земам. Но, најубавото чувство ми е кога по одреден период ќе ги сретнам некаде низ градот, ќе ми се јават, ќе ме прегрнат, ќе поразговараме или, пак, најчесто кога се враќаат во посета да кажат колку сме заслужни за тоа што се денес, колкаво влијание сме имале врз нивното понатамошно образование, колку солиден успех постигнуваат на факултет или, пак, станале успешни луѓе. Ете, тоа е убавината во оваа професија, се вложуваш неограничено многу и резултатот кога ќе се завртите зад себе се генерациите што сте ги изучиле и станале зрели и паметни луѓе, вистински личности. Тоа најубаво чувство не може со ништо материјално да се купи. Тоа чувство ме одржува и ми дава сила за нови успеси понатаму со новите генерации.

Работите во една од најпопуларните гимназии во Скопје - „Корчагин“. Што ја прави оваа гимназија посебна?
- Гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ традиционално е најдобра и една од најпопуларните гимназии, ако не и најпопуларна не само во Скопје туку и пошироко на територијата на Македонија. Тоа што гимназијата ја прави посебна се квалитетот и капацитетот на учениците што доаѓаат во ова училиште, а потоа професионалноста, стручноста и односот што голем дел од колективот на гимназијата го има кон учениците. Посветеноста и квалитетот за образовниот процес што ја покажува голем дел од кадарот, заинтересираноста на учениците за повеќе и поголеми знаења од различни области на гимназиското образование, современата опрема за изведување на наставата, специјализираната кабинетска настава со надгледни средства што овозможува полесно и визуелно совладување на наставните програми, успесите и големиот број освоени награди на градски, државни и меѓународни натпревари по различни предмети, учествата во воннаставните активности, односот на кадарот кон учениците, сето ова ја прави оваа гимназија место на приоритет и предизвик за работа и реализирање на професорската дејност.



Едно од писмата адресирано до професорот Атанас

Предавате историја, предмет кој бара меморирање на многу податоци, години, настани, локации. Имате ли некој метод како да им помогнете на учениците полесно да ги совладаат?
- Точно дека предметот изобилува со податоци, години, настани, локации, односно хронологијата и локацијата, каде и кога се случиле настаните се два многу важни сегмента од историјата, но тие и не се приоритетните од кои треба да се тргне кога се учи овој предмет. Посебен метод за полесно совладување на наставниот материјал немам, единствено што ги учам моите ученици е да сфатат дека историјата е жив процес кој и денес трае, да ги разбираат околностите под кои се случил некој настан, односно да ги разбираат причинско-последичните врски за тој настан од историјата, да ги поврзуваат настаните меѓусебно во процес. Практикувам секогаш да ги учат работите на интердисциплинарно ниво во корелација со други предмети, како македонски јазик и литература, социологија, вовед во право, филозофија, географија, историја на уметност, музичка уметност, за знаењата да бидат долги и трајни. Често се случува да правиме на часовите и актуализација на историјата, односно настаните за кои зборуваме да ги компарираме со денешните општествено-политички случувања во светот и кај нас, па да извлекуваме заклучоци и констатации за тоа дали учиме од грешките на минатото за да креираме подобра сегашност и да чекориме кон уште подобра иднина. Секогаш при изучување нова наставна единица применувам надгледни средства, историски карти, фотографии, документарни филмови, за подобро и поживо да им ги доближам на учениците историските случувања, а како актив по историја со колегите имаме специјализиран кабинет кој е одлично опремен со надгледни средства за успешно изведување на наставата. Посебно морам да потенцирам дека посветувам големо внимание на истражувачките вештини на учениците и нивно презентирање со цел да ги развиваат говорните вештини и вештините за пишување историски есеи, бидејќи во таа насока новите генерации ученици се многу слаби, а своето си го прави технолошката ера, ерата на интернетот, мобилните телефони, таблети итн., кои се неопходни, но за жал претставуваат бариера на учениците да не читаат книги, литература.




Кога би имале моќ да промените нешто во македонското образование, што би било тоа?
- Многу работи би сменил во македонското образование. Прво да се врати високото ниво на углед и дигнитетот на професорот во образованието, прием на проверен квалитетен наставен кадар, да се ослободи образованието од политиката, професорите да се ослободат од обемната администрација од која навистина нема потреба, а тоа време да го искористат во следење и читање на новините во нивните предмети.

Што би им порачале на младите?
- Да ја зачуваат човечноста во себе, праведноста и чесноста да им бидат основни водичи низ животот што ќе ги одведат до успехот!
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование