X
 16.01.2018 Образование

Книгата „Лилав Пилав“, која го запали „Фејсбук“, не е на списокот со задолжителни лектири за основно образование

„Мебел и црнец дебел. Во турски тунел, црн ко црнец, турка мебел дебел црнец. Нигде светло, барем зрак, зарем сегде мрак до мрак! Ако блесне некој зрак, ќе го плесне воз, брз и јак“. Ова е само една од песните што предизвикаа негативни коментари на социјалните мрежи и повторно го отворија прашањето за ревидирање на списокот со лектирите за основците. Но, оваа книга воопшто не е на списокот со лектири за основно образование, како што се ширеше информација на „Фејсбук“.





Лектирата „Лилав Пилав“ на авторот Ванчо Полазаревски, која на социјалните мрежи привлече големо внимание и предизвика незадоволство поради содржината, не е на списокот со задолжителни лектири за основно образование, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).
На социјалната мрежа „Фејсбук“ еден пост од родител предизвика бура од негативни реакции кон содржината на книгата, за која тој вели дека е за второ одделение. Но, според списокот што го добивме од МОН, ова дело го нема во ниту едно одделение. Факултети.мк дознава дека книгата воопшто не била наменета за лектира и дека авторот воопшто немал намера да едуцира ученици со неа. Песните се всушност брзозборки за вежбање на јазикот. Но, факт е дека книгата извесен период навистина се користела како лектира за второ одделение и дека го поминала филтерот кај надлежните институции, а повлечена е од листата пред пет години.

„Мебел и црнец дебел“, песна во литература за деца

„Црф на крф. Од врв го видов – Крф. Таму црв, пак прв во срф“.

„Мебел и црнец дебел. Во турски тунел, црн ко црнец, турка мебел дебел црнец. Нигде светло, барем зрак, зарем сегде мрак до мрак! Ако блесне некој зрак, ќе го плесне воз, брз и јак“.

„За уши еден како пуши. Дедо фатил за уши еден како пуши. Пушти ме дедо, таков е редот, пушам јас, пушиш ти... Имам години тлиесет и тли. – Не личиш на тлиесет и тли, оди негде па се скли!“



Ова се само дел од песните за кои многумина сметаат дека се несоодветни за ученици, па во коментарите на „Фејсбук“ прашуваат како е можно ова да е одобрена литература за деца.
Се јавивме во МОН да прашаме дали ова дело е на списокот со одобрени лектири за основно образование. Оттаму ни ја испратија целосната прочистена листа со задолжителни лектири, на кои ја нема „Лилав Пилав“. Првачињата немаат лектири, а во второ одделение се „Снежана“ од Браќата Грим, „Зоки Поки“ од Оливера Николова, „Песни“ од Васил Куновски (се прави избор на песни соодветни на возраста) и дело од македонската литература – по избор.
- Оваа лектира, која предизвика внимание во јавноста, не е на списокот со задолжителни лектири за основно образование. Четврто дело за обработка е по избор на наставниците, па можеби некои ја работеле оваа книга – велат од МОН.





Ќе се менува списокот со лектири за основците


Одделенската наставничка Тања Спирковска вели дека не ја работи оваа книга со своите ученици. Таа објаснува дека во второ одделение на наставникот му е оставен избор да направи селекција од песни од авторот Васил Куновски.
- Затоа мислам дека никој од колегите не ја користи оваа лектира. Инаку, списокот со лектири е ревидиран пред неколку години, но сметам дека повторно треба да се направат измени. Има нова литература и од македонски и од странски автори која ќе им биде многу поинтересна на децата. Факт е дека дел од лектирите воопшто не будат интерес кај нив, а и не ги разбираат. Но, би било добро нас, наставниците, да нè консултираат околу ова прашање, ако се прават измени на списокот – вели Спирковска.
Но, целосна ревизија на содржините и на списокот со лектири сепак ќе има. Од Министерството за образование и наука потврдија дека во следниот период ќе се прави ревизија на списокот со лектири и дека сигурно ќе има промени.
Претходно и Друштвото на писателите на Македонија го побара истото. Оттаму оценија дека содржините во лектиритe во голем дел се застарени и не кореспондираат со вистинските потреби на образовниот процес и на интересирањата, нивото и сензибилитетот на новите генерации ученици од основното и од средното образование.

Ова е списокот со задолжителните лектири за основно образование што го добивме од Министерството за образование и наука:

Второ одделение

- Снежана, Браќата Грим
- Зоки Поки, Оливера Николова
- Песни, Васил Куновски (се прави избор на песни соодветни на возраста)
- Дело од македонската литература – по избор

Трето одделение
- Раскази, Лев Толстој
- Доктор Офболи, Корнеј Чуковски
- Волшебни приказни, Од словенските народи
- Дело од македонската литература – по избор
- Песни, Васил Куновски (се прави избор на песни соодветни на возраста)

Четврто одделение
- Шеќерна приказна, Славко Јаневски
- Орхан, Неџати Зекирија
- Дело од македонската литература – по избор

Петто одделение
- Пајажината на Клементина, Елвин Брунк Вајт
- Дело од македонската литература - по избор

Шесто одделение
- Белото Циганче, В. Подгорец
- Хајди, Ј. Шпири
- Робинзон Крусо, Д. Дефо
- Македонски хумористичи народни приказни: избор
- Црни и жолти, С. Јаневски
- Дело од најновата продукција по избор на наставникот и учениците

Седмо одделение
- 20 000 милји под морето, Ж. Верн
- Големи и мали, Б. Смаќоски
- Улавите години, Б. Ќопиќ
- Втората смена, В. Неделковски
- Песни од домашни и странски поети – избор
- Дело од најновата продукција по избор на наставникот и учениците.

Осмо одделение
- Бојан, Г. Поповски
- Калеш Анѓа, С. Попов
- Марта, Г. Петрески
- Девојките на Марко, О. Николова
- Дело од најновата продукција по избор на наставникот и учениците

Деветто одделение
- Чорбаџи Теодос, В. Иљоски
- Повик на дивината, Џ. Лондон
- Островот на скриеното богатство, Р. Л. Стивенсон
- Автобиографија, Г. Прличев
- Поеми – избор, Б. Конески
- Дело од најновата продукција по избор на наставникот и учениците.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование