X
 16.01.2018 Живот

Зошто Сталин не сакал да го види Тито на чело на Југославија?

Тито и самиот сакал да зборува за тоа како, наводно, го заробиле Черкезите од „Дивата дивизија“. Дедие во биографијата за Броз опишува како страшен Черкез со копје скокнал во ровот во кој бил Тито. Веднаш се поставува прашањето: Зошто седел во ров ако бил извидник? Тоа е веќе чудно.


По проучување на документите од архивите, утврдено е дека таму ни во близина немало Черкези, туку Тито бил заробен од страна на единиците со кои управувал Манерхајм. Идниот претседател на Финска го заробил идниот претседател на Југославија. Вистински историски куриозитет.

Подоцна, судбината го одвела Тито во Русија. Бил ранет, па го сместиле во болница, а потоа цело време се наоѓал на периферијата на Русија, каде што мнозинството не е руско население. Дедие во биографијата пишува дека Тито заминал во Петербург, сакал да ја прејде советско-финската граница и да побегне, но бил заробен во затворот во Петропавловска тврдина, но овие информации не се потврдени. Најголемиот град што Тито го видел во Русија е Омск, каде што во православна црква се венчал со својата руска жена Пелагија. Иако како комунист подоцна спроведувал антирелигиска пропаганда, сепак во Југославија престанале активните прогони против православните цркви за да не се нарушуваат односите со нив.

Постојат повеќе теории за тоа кој бил Тито всушност. Се зборува дека не бил Хрват, дека во СССР бил заменет, дека е вонбрачно дете или унгарски Евреин со презиме Амброз, но изворите ништо од тоа не докажуваат. Инсинуациите за тоа што не зборувал добро српско-хрватски и што според својот изглед не личен на човек од Балканот почнале кога се нашол на чело на Југославија. Велат дека имал чуден акцент. Сепак, за необичниот изговор пишуваат само Србите, додека на Хрватите тој не им изгледа како чуден и необичен.

Кога Тито излегол од затвор во 1934 година, партиското раководство заклучило дека во Југославија повторно ќе биде уапсен, па го испратиле во Москва. Големо прашање е што правел таму. Формално требало да работи во Коминтерната, но тој всушност не го правел тоа, туку работел на други места. Сепак, експертите дошле до заклучок дека Тито одел на обука во извесни структури кои истовремено биле подредени на Коминтерната и надворешната служба за известување.

Исто така, познато е дека Тито од самиот почеток не бил човекот кој Сталин сакал да го види на чело на Југославија. За тоа има повеќе причини. Можеби затоа што Тито имал премногу блиски врски со Велика Британија. На Сталин му бил потребен човек кој значително помалку е врзан со Западот. Друга причина може да е и тоа што Тито има премногу сопствени амбиции. И биле оправдани, бидејќи тој раководел со едно успешно и масовно партизанско движење во цела Источна Европа. Што се однесува до формалната причина за конфликт, таа е веќе добро позната. Поттик за конфликтот било прашањето за Балканска федерација, во врска со тоа дали Бугарија и Албанија да бидат нејзин дел. Тито почнал да работи во тој правец, без претходен договор со Москва. Сталин ја искористил оваа пригода, што за Тито било сосема неочекувано. Ни Тито ни југословенското раководство во целост не знаело што се случува, бидејќи самиот повод бил сосема формален, па Сталин се одлучил на раскинување на сојузот.

За да се налути Сталин, придонеле и Американците, бидејќи во списанието „Лајф“ бил објавен портрет на Тито на насловната страница и огромен текст со наслов „Пролетерскиот проконзул“. Тоа многу го налутило и го разбеснило Сталин.

Извор: „Russia beyond“/ д-р Никита Бондарев
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот