X
 19.01.2018 Култура

Добро, бре Македонци, гдје сте... не мислите ваљда да ќу вас ја спашавати?

Никаде ве нема. На Грците им оставате празен простор. Си шират секакви памфлети со неточни содржини во кои пишуваат дека сте вештачка творба на Јозеф Тито, дека вашиот јазик е исто така вештачки...

Проф. д-р Елка Јачева-Улчар

Како Македонија се грижи за заштитата на македонскиот јазик, идентитетот, топонимите? Колку вложува во меѓународни конференции, во членувањето во меѓународните организации каде што најмногу се лобира за своите позиции? Зошто Националната комисија за стандардизација на географски имиња, која сме ја имале први во поранешната држава, денес не функционира?
Проф. д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик објави текст во кој се навраќа на низа случувања во изминатата деценија кои се директно поврзани со овие прашања. Факултети.мк ги пренесува интегрално нејзините раскажувања што ќе ги објавува во продолженија.

ЗА ИМЕТО, ЗА УНГЕГН И ЗА МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТИ
(дел 1)

Некаде во почетокот на 2008 година бев повикана во МАНУ каде што од академик Зузана Тополињска ми беше соопштено дека од Австриската академија добиле барање за учество на некој ономастичар на ономастичка конференција под наслов Geographical Names as a part of the Cultural Heritage. Конференцијата требаше да се одржи во месец мај и јас со задоволство ја прифатив поканата. За конференцијата го пријавив рефератот со следниов наслов: Geographical Names Of Macedonia as part of its Cultural Heritage. Рефератот ми беше прифатен и некаде кон крајот на април ја добив програмата, во која насловот на мојот реферат гласеше: Geographical Names of FYROM as part of its Cultural Heritage.



Бев шокирана! Веднаш се јавив во нашето МНР од каде што на прашањето – под кое име ја има признато Австрија нашата земја – го добив одговорот – под уставното! Во истиот момент му пишав писмо на г. Петер Јордан, со кого комуницирав сето време дотогаш, во кое го изразив моето незадоволство за сменетиот наслов. Оттаму, Петер Јордан, организаторот на Конференцијата, со кого комуницирав во сиот изминат период, љубезно ми одговори дека Конференцијата се организира под покровителство на УНЕСКО и на УНГЕГН (United Nation Group of Experts for Geographical Names), па со оглед на тоа што нашата земја во ООН е примена под референцата FYROM, единствено нешто што може да смени е во насловот да стои FYRO Macedonia. По консултација со неколку колеги се согласив, иако не на драга волја, со вака сменетиот наслов на моjот реферат и заминав за Виена.


Проф. д-р Дуња Брозовиќ

И така се најдов на Конференцијата во Виена. Од сите што беа присутни таму, единствено лице што го познавав беше Дуња Брозовиќ, ономастичар и во тоа време директорка на Институтот за хрватски јазик во Загреб. Само што ме виде, Дуња, како и секогаш директна, ми се обрати остро:
- Добро, бре Македонци, гдје сте... не мислите ваљда да ќу вас ја спашавати?
Се најдов во чудо.
- Што е работата, ја прашувам.
- Што е? Уште прашуваш. Никаде ве нема. На Грците им оставате празен простор. Си шират секакви памфлети со неточни содржини во кои пишуваат дека сте вештачка творба на Јозеф Тито, дека вашиот јазик е исто така вештачки, дека нема никаква врска со оној на Александар Македонски...
- Па нормално дека нема – ѝ велам. Белки, ти не молчеше, а знаеш дека не е...?
Ме гледа и ми вели:
- Слушај, јас многу добро знам и дека многу добро знам јас лани на Генералната конференција во Њујорк за малку само што не направив дипломатски скандал. Не можев да ги издржам грчките лаги, станав ѝ реков: Македонскиот јазик е словенски јазик кој е најдоцна стандардизиран словенски јазик во 1945 кога станал официјален јазик во НР Македонија, како една од шесте републики во рамките на федеративна Југославија. Грците толку се налутија, што до вечерта му испратиле протестна нота на нашиот амбасадор во ООН со прашањето: „Што има Хрватска да зазема страна во нашиот спор со ФИРОМ за името“. Кога ќе се вратиш назад да им кажеш таму на тие твоите да не дремат.

Ја послушав. Кога се вратив назад, навистина им кажав на моите: испратив известување до Советот за македонски јазик, на чие чело тогаш беше проф. д-р Димитар Пандев, разбрав дека нашата Комисија за стандардизација на географски имиња, која сме ја имале први во бившата држава, сега не функционира, направив елаборат за таква комисија по урнек на словенечката, кој го поднесов во декември 2009 година до Министерството за култура.



До ден-денес одговор не добив! На јавната расправа што се водеше во Музејот на револуционерната борба есента во 2012 истакнав дека ни е неопходна ваква комисија со оглед на проблемите што ги имаме со преведените топоними на албански внатре во земјата, како и со името на земјата – надвор. Со поддршка од МАНУ, формирањето на Комисијата беше ставено како дел од Националната стратегија на Министерството за периодот од 2012 до 2017 година, но, за жал, до ден-денес таква комисија не е формирана. (Од некои вработени таму тогаш дознав дека таквата комисија имала „големи финансиски импликации“. Какви? Само тие си знаат!).

До 2012 година добивав покани за конференциите на УНГЕГН и учествував уште на две, на тие што не можев да учествувам (главно од финансиски причини, зашто, речиси, сè паѓаше на мој личен товар), ги известував во МНР преку приватни врски, да пуштат, барем да присуствува некој наш од амбасадите во соодветните земји, за да не оставаме „село без кучиња“. Да не зборувам дека ми се отсака да одам од причина што секаде каде што се појавував сите ми го поставуваа истото прашање:
- Каков е официјалниот став на вашата земја во однос на името? Прашање на кое јас немав одговор!!!

-продолжува-
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура