X
 23.01.2018 Култура

Внимание: Расте бројот на жртви на глупавата игра наречена „Tide Pod Challenge“!


Момче става во уста детергент
(Фото: Youtube screenshot)


Ако не сте чуле, Tide Pod Challenge собира глупави млади луѓе кои снимаат видеа додека јадат пакетчиња со течен детергент. Тоа почна во 2015 година како сатиричен текст објавен во Onion, но денес веќе се претвора во епидемија на глупавоста.




Во 2016 година беа забележани 39 случаи на намерно консумирање на такви пакетчиња, во 2017 година - 53 случаи, а само во првите две недели од 2018 веќе имаме 39 случаи забележани кај деца од возрасната група меѓу 13 и 19 години. До тој момент сите претходни случаи се однесувале на деца помали од 5 години, кои ненамерно ги голтнале пакетчињата.

Не е потребно да се констатира колку може да биде опасна ваквата „забава“. Токму затоа, новинарите на BuzzFeed одлучиле да консултираат експерти за да појаснат што се случува во телото по голтањето пакетче течен детергент.

Што точно има во пакетчињата?

Се работи за комбинација на разни хемиски состојки, како што се сурфактантите (тензиди). Станува збор за супстанција која го намалува површинскиот напон на водата, па затоа е одлична при перење облека, но е опасна за здравјето. За разлика од класичните детергенти (кои предизвикуваат благи стомачни тегоби), овие пакетчиња содржат концентрат, што значи дека се и поопасни. Понекогаш пакетчињата, во зависност од производителот, содржат и омекнувач и избелувач.

Што се случува кога ќе го гризнете пакетчето?

Кога ќе го ставите пакетчето в уста и ќе го гризнете, тоа ќе експлодира затоа што пластичната обвивка е под притисок. Тоа значи дека содржината веднаш ќе ја прекрие слузницата во устата, а pH-вредноста на концентрираната течност автоматски ќе предизвика иритација и повраќање. Главно, повеќето луѓе би се закашлале обидувајќи се да ја отстранат мачнината, рефлексно ќе ја исплукаат содржината. Но постојат и такви што ја голтаат. Тоа само ја зголемува штетата. Хемикалиите можат да ја оштетат внатрешната страна од устата, како и хранопроводот, а потоа и желудочната обвивка, па консументите треба да очекуваат повраќање и силна болка во желудникот.

Откако ќе помине низ организмот, настануваат оштетувања на целиот систем за варење на храната. Зборуваме за гастроинтестинални тешкотии и дијареја. Некои хемикалии можат да предизвикаат и оштетувања на централниот нервен систем, па може да дојде и до појава на истоштеност.

Што се случува ако содржината стигне до белите дробови?

Е тогаш почнуваат вистинските проблеми. Ако вдишете детергент, што е лесно можно затоа што предизвикува кашлање и задушување, хемикалиите можат да завршат во душникот и во белите дробови. Откако ќе стигнат таму, тие можат да предизвикаат кашлање и сериозни респираторни проблеми. Лицето што вдишало од течниот детергент најчесто завршува на респираторни машини.

Дали е смртоносно?

Одговорот е едноставен – „технички, да“. Меѓутоа, возрасно лице би требало да проголта поголемо количество детергент, а само едно пакетче е доволно да убие дете, под услов содржината да дојде до белите дробови.

Многу зависи и од комбинацијата на работи што можат да се случат. Ако се случи воспалителна каскада, иритацијата на белите дробови може да доведе до акутен респираторен дистрес, кој предизвикува создавање течности кои се слеваат во дробовите, што може да биде смртоносно.  Консумацијата може да доведе и до напади и кома, но и стегање на хранопроводот, што може да предизвика задушување.

Што треба да се направи ако случајно пакетче детергент се најде во вашата уста?


Најдобро е во истиот момент да ја исплакнете устата со вода и да се напиете вода или млеко, но немојте намерно да предизвикувате повраќање. Треба што побрзо да повикате лекар и да му дадете точни информации за  производот.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура