X
 25.01.2018 Образование

Се пишува предлог-законот за практиканство – студентите ќе престанат да варат кафе на пракса

Прецизно утврдување на условите во кои ќе развива практиканство преку посебен закон е единствениот начин преку кој може да се развие оваа дејност. Практиканската работа во моментот е регулирана само преку законите за средно и за високо образование. Веќе е формирана работна група предводена од Министерството за труд и социјална политика, која подготвува работна верзија на предлог-законот за практиканска работа.


Тамара Тодоровска од ЕПИ Центарот

Ова беше еден од аспектите опфатени на денешната информативна сесија на проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“. Фокусот беше ставен на две теми: „Практиканство: потреби, искуства и предлози“ и „Приоритетни прашања и проблеми за промена на Законот за работни односи“.

Еден од проблемите со кои се соочуваат стопанските комори во Македонија е токму непостоењето на посебен закон за практиканство и начинот на кој во моментот е регулирана практиканската работа во државата.

Според Тамара Тодоровска од ЕПИ Центарот, главниот проблем произлегува од тоа што практиканската работа во моментот е регулирана само преку законите за средно и за виско образование каде е задолжително, додека во сегментот на работните односи не е конкретно регулирано.
- Така се отвара можност за злоупотреба и неусогласеност од двете страни. Треба да се разграничат условите под кои ќе се развива практиканството – вели Тодоровска.



Факултети.мк неодамна спроведе анкета за оваа проблематика. Ги прашавме студентите колку се задоволни од практичната настава, дали во компаниите им обрнуваат внимание и колку имаат корист праксата. Дури 40 проценти од анкетираните ја оценија со најниската оценка – единица. Следуваше заклучокот: македонски студенти одат на фиктивна практична настава и добиваат потписи без да се појават во компанијата што треба да ги обучува. Од 185 студенти што одгoворија на анкетата, дури 106 добиле потпис за задолжителната настава од компанијата која ги обучувала, но не се појавиле на пракса. Оние, пак, што посетувале пракса, воопшто не се задоволни од квалитетот на наставaта, па најголем дел ја оценија со единица и двојка.

На прашањето што би промениле во самиот процес и како може да добијат квалитетна настава која ќе им помогне во студирањето и секако ќе ги направи подобри работници во сферата што одбрале да ја работат, најголем дел одговорија - би промениле буквално сѐ.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование