X
 25.01.2018 Живот

Врската на обожавателите и Тоше и денес е нераскинлива, поради него учат македонски јазик

Минатото лето во Крушево се запознав со една Русинка од далечниот Сибир, исто така голема обожавателка на Тоше – Наташа Кондрашова. Пиевме кафе во „Планет“, таа имаше роденден и јас ѝ подарив една книга. А знаете на каков јазик си зборувавме цело време? На македонски, а не на нашиот мајчин, руски, раскажува Оксана Данаилова, обожавателка на Тоше



Обожаватели од целиот свет го чуваат споменот за Тоше. Сите ги врзува огромната љубов кон нашата најголема музичка ѕвезда, што само ја потврдува онаа посебна врска што тој ја имаше со нив. Таа едноставно е нераскинлива. И со часови остануваше со нив, да разговара, да се фотографира, да ги гушне и бакне, иако беше изморен од одржаниот концерт или промоција. Кога беа во прашање неговите фанови, тој не знаеше за умор и исцрпеност, едноставно беше тука за нив. Тие тоа добро го знаат, па затоа на различен начин ја изразуваат почитта кон него. Денес, дел од нив ќе се соберат во Крушево каде што се организира манифестација во чест на неговиот роденден.

Подобро да го слушате Македонецот Тоше

За Тоше знаат во Русија, Словенија, Израел, а поради него учат и македонски јазик. Таков е случајот со Наташа Кондрашова од Русија. За Тоше првпат слушнала на 9 јуни 2011 година од еден руски православен свештеник.
- Тој во коментар на објавеното видео на бугарскиот пејач Азис напиша: „Зошто ви е потребно да слушате такви пејачи? Подобро да го слушате Македонецот Тоше“. Дури без презиме. Од интерес отворив „Јутјуб“ и во пребарувачот внесов „Тоше“. Ја најдов песната „Чија си“. Го слушав со отворени усни од неверување, а потоа почнав да пребарувам за него. Моето срце препукна од тага кога прочитав дека не е жив. Но, благодарение на него, сега имам толку многу прекрасни пријатели во Македонија – вели Кондрашова.
Таа, поради Тоше, почнала да го учи македонскиот јазик, а и често доаѓа во Крушево.
- Книгата „Ова не е крај“ ја купив во Крушево и токму оваа книга ми помогна понатаму да го учам македонскиот јазик – вели таа.




Една од најголемите обожавателки на Тоше во Словенија е Ирис Ирена, која првпат го видела кога ја пеел песната „Тајно моја“, а потоа и на „Евросонг“ во Истанбул.
 - Бев позитивно изненадена од неговиот глас и харизма, а кога го слушнав цедето „Божилак“, останав без здив - тогаш момчето од Македонија стана маж. Во „Игри без граници“, за жал, ја почувствував и неговата тага, болката што ја носеше во себе. За жал, не успеав да одам на ниту еден негов концерт во Словенија и се надевав дека ќе имам уште многу шанси за тоа, но небото го повика да пее со ангелите – вели Ирис.
И таа ја има книгата „Ова не е крај“, која за Тоше ја напиша новинарката Соња Алексоска-Неделковска, и вели дека ја чува како скапоцен дар.
- Ми беше како на родниот словенечки јазик да ја читам оти македонскиот јазик го учам со душата и со срцето, а „виновник“ за тоа е Тој.

Тоше денеска требаше да полни 37 години

Во Словенија, Тоше има уште една верна обожавателка, 60-годишната Дарија Илиќ. Таа раскажува дека пред да почне да го слуша Тоше, 30 години го слушала само Елвис. Тоше првпат го видела во спотот за песната „Волим осмјех твој“ и била буквално погодена од убавината на момчето со прекрасен глас.
- Само неколку дена потоа на радио слушнав дека загинал пејач од Македонија. Во истиот момент ме обзеде силна болка, како нож да ми се зари во срцето. Се прашував зошто таква болка чувствувам за човек што не го познавам. Го замолив Бог само да не е она момче што го видов пред некој ден на телевизија – раскажува Илиќ.
Потоа почнала да ги слуша неговите песни и да се информира за неговиот живот.
- Знаев дека мора да одам во Крушево, да му се поклонам на овој великан, да се помолам за него. Од љубов за него, многумина повторно почнавме да учиме кирилица и многу ми е драг македонскиот јазик. Познавам млади од Словенија што перфектно го совладаа, токму поради Тоше – вели Илиќ.
Ева од Израел има 62 години, мајка е на пет сина и има дваесет и еден внук. Благодарение на нејзиното српско потекло, ги разбира песните на Тоше, а во Крушево била двапати.

Оксана Данаилова од Бугарија, која е родена во Русија и ги знае и двата јазика, постојано оди во Крушево. Таа ни откри дека исто така е инспирирана да го учи македонскиот јазик. Кога го пронашла Тоше, посакала да дознае за што пее во песните.
 - Сега сакам и влашки да научам за да разберам уште повеќе што си зборуваат некои крушевчани по кафеаните – вели Данаилова.


Оксана Данаилова- Фото: Фејсбук

Таа раскажува дека има другарка која се омажила за момче од Крушево кога одела во манастирот. - Може да ми се смеете ако ви признам нешто. Минатото лето во Крушево се запознав со една Русинка од далечниот Сибир, исто така голема обожавателка на Тоше – Наташа Кондрашова. Пиевме кафе во „Планет“, таа имаше роденден и јас ѝ подарив една книга. А знаете на каков јазик си зборувавме цело време? На македонски, а не на нашиот мајчин, руски, вели Данаилова.

Денеска во Крушево многу обожаватели на Тоше по којзнае кој пат ќе се сретнат да го обележат неговиот роденден. Тоше денеска требаше да полни 37 години. Во негова чест во Крушево ќе се одржи културно-уметничка програма. Музичката манифестација ќе започне во претпладневните часови со локалното дуо „Кики и Пеце“, а свои настапи ќе имаат и хорот на СОУ „Наум Наумовски Борче“ и сопранот Билјана Јосифов придружувана од клавијатуристот Сашо Николовски. Претходно, во 11:15 часот ќе биде положено цвеќе на вечното почивалиште на Тоше. Со дозвола од Фондацијата „Тоше Проески“, повеќе хуманитарни активности традиционално ќе бидат реализирани и во неколку други градови.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот