X
 26.01.2018 Живот

Водич: Грипот може забрзано да напаѓа – научете како да се заштитите

Лекувањето на грипот, исто како и на настинките, е симптоматско, односно се лекуваат симптомите, а не самата болест. Се спроведува хигиенско-диететски режим (мирување, пиење повеќе течности – топли напивки, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака од доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови.



Сега е сезона на грип. По почетокот на второто училишно полугодие вирусот почна побрзо да се шири и иако е неблагодарно да се прогнозира како ќе заразува, епидемиолозите велат дека може да се очекува зголемување на број на заболени. Иако овој вирус многумина не го сфаќаат сериозно, тој може да е многу опасен за организми со ослабнат имунитет.
Секоја година имаме смртни случаи на заболени од грип.
Во текот на третата недела од годинава (од 15 до 21 јануари 2018 година) кај лекарите помош побарале 637 новозаболени со симптоми на грип, што е зголемување за 74 отсто во споредба со една недела претходно. Досега, според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи изнесува 2.393. Се смета дека годишно во светот 3-5 милиони луѓе заболуваат од тешки форми на грип, а од 250 до 500 илјади од нив умираат.

Каков вирус е грипот?

Од ИЈЗ објаснуваат како да се заштитиме, кога да побараме помош ако се разболиме, кои знаци на болеста да не ги игнорираме и како да им помогнеме на другите.
- Грипот е акутно заболување на дишните патишта, предизвикано од вирусите на инфлуенца тип А и Б. Најчесто, поголем број заболени или епидемија има во зимскиот период. Во овој период чести се и инфекциите со други респираторни вируси кои имаат исти или слични симптоми со грипот - велат оттаму.
Во практика, објаснуваат од Институтот, тешко може да се направи разлика дали се работи за грип или обична настинка само врза база на симптомите, ако не се направи лабораториска, т.е. микробиолошка потврда на причинителот на заболувањето.

Како се пренесува и кога се јавуваат симптомите?

Грипот, објаснуваат лекарите од ИЈЗ, е заразно заболување кое се шири директно од човек на човек, главно преку ситните капки што ги исфрла заразениот човек при кашлање и кивање, индиректно преку контакт со респираторни секрети (течности) од заболен човек со кои се загадени неговите раце или околните површини што ги допирал или, пак, преку предмети со кои се служел. Симптомите на заболувањето се јавуваат по еден до четири дена откако вирусот ќе навлезе во телото. Најголем дел од луѓето може да го пренесат вирусот на друг човек еден ден пред да се појават симптомите и од пет до седум дена откако болеста се манифестирала. Ова значи дека човек може да го пренесе вирусот пред да знае дека е инфициран.



Како се манифестира?
- Заболувањето има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа премаленост, истоштеност, болки во мускулите и во зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција од носот, како и кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите овие симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии, тој процент се движи од 20 до 30 отсто) или, пак, со благи симптоми на настинка - објаснуваат од Институтот.
За потврдување на дијагнозата на грип, со брис се зема материјал од грло и од нос и се испраќа во специјализирана лабораторија, каде што во доставениот примерок се докажува присуство на вирусот или негови делови. Во време кога грипот е веќе широко распространет, има лабораториска потврда дека е присутен, велат од ИЈЗ, не е неопходна лабораториска дијагноза на секој поединечен случај, туку дијагнозата се поставува врза база на клинички знаци и симптоми.

Како се лекува?

Лекувањето на грипот, исто како и на настинките, е симптоматско, односно се лекуваат симптомите, а не самата болест. Се спроведува хигиенско-диететски режим (мирување, пиење повеќе течности – топли напивки, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака од доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови. Антибиотска терапија се дава само во случај на секундарни бактериски инфекции кои го влошуваат текот и исходот на болеста, односно за лекување на компликациите од грипот, исклучиво по налог на доктор. Вакцината против грип е најдобра превентивна мерка. Иако нема 100-процентна гаранција дека оној што е вакциниран нема да добие грип, се смета дека и да се разболи, тоа ќе биде во поблага форма, а ризикот од компликации значително е намален. Не се препорачува употреба на лекови за превенција од грип или заболувања слични на грип.




Заштита

Општите мерки за заштита од грип се мерки што се насочени кон сите акутни респираторни заболувања и може да се од голема корист, особено ако се применуваат во текот на целиот зимски период:
• Да се избегнува собирање и престој во простории со повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе што се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура!
• Често да се мијат рацете со вода и сапун или со дезинфекциско средство!
• Да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат!
• Препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи!
• Да се пијат топли напивки (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимон.
• Да се земаат свежи продукти богати со витамини и минерали, најдобро овошје и зеленчук, кои му се неопходни на организмот. Особено се пожелни продукти богати со витамин Ц (цитрони, лимони, портокали, пиперка). Доколку не се располага секогаш со свежи прехранбени продукти, може да се користат и мултивитамински напивки и препарати.
• Како дополнителни средства може да се користат препарати на база на прополис, ехинацеа, мед, ѓумбир, лук и сл.
• Практикување здрав начин на живот и здрави навики, вклучително добар сон и одмор, здрава храна, одржување на физичката и психичката активност, намалување на стресот. Силниот имунитет, објаснуваат од ИЈЗ, помага да се остане здрав или за полесно справување со грипот и заболувањата слични на грип.

Што ако се разболам?
• Останете дома и не одете на работа, во училиште или на места каде што има многу луѓе!
• Одморајте се и земајте многу течности и лесна храна!
• Избегнувајте блиски контакти со лицата со кои живеете, не примајте посети!
• Ставајте маска или шамиче на устата и на носот кога контактирате со своите блиски во домот, кога кашлате и кивате!
• Мијте ги рацете со топла вода и сапун – често и темелно, особено после кивање или кашлање!
• Користете влажни марамчиња кои содржат алкохол или средство за дезинфекција на рацете!
• Избегнувајте да ги допирате очите, носот и устата со раце!
• Соодветно отстранете ги или дезинфицирајте ги загадените предмети од околината!
• Често проветрувајте ја просторијата каде што престојувате!
• Одржувајте ја чиста вашата околина – предмети, површини со средства за хигиена на домот!
• Ако сте над 65 години или имате хронични заболувања, или доколку симптомите на болеста се влошуваат или траат повеќе денови – побарајте лекарска помош!

Ако негувате болен...

Ако негувате болен, од ИЈЗ советуваат миење на рацете со сапун и вода (доколку се располага и со средство за дезинфекција) пред и по излегување од собата на болниот и по секој контакт со него, користење заштитна маска за време на престојот во собата на заболениот, избегнување директен контакт лице в лице со него.
- Доколку постои можност, може да се користат и ракавици за еднократна употреба при директен контакт со болниот или со предмети од неговата блиска околина. Оттаму советуваат и често миење на рацете со сапун и вода или бришење на рацете со влажни марамчиња на база на алкохол за сите членови на семејството. Доколку се појават симптоми слични на грип (висока температура, кашлица, грлоболка, тешкотии при дишење), веднаш треба да се побара лекарска помош. 
Подготвил: Наташа З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот