X
 30.01.2018 Култура

Овие професии некогаш беа многу почитувани, а денес сѐ повеќе се деградираат


Наставничка пред испишана табла
(Фото: Pixabay)


Професиите се живи „организми“ – едни умираат, други се раѓаат, а третите еволуираат со текот на времето. Некои од нив пред дваесетина години биле многу почитувани, но денес или изумираат или, пак, сè повеќе се деградираат.

Еве неколку професии што се измениле од корен, но како пример се највпечатливи за темата:

Учител/ка

На времето повеќето девојчиња растеа со желбата кога ќе пораснат да можат, по примерот на нивните учители/ки, да им пренесуваат знаења на деца и да ги воспитуваат за да станат добри другари, паметни ученици и трудољубиви луѓе. Оваа професија некогаш беше една од најпрестижните на пазарот на труд. Иако просветарите никогаш не примале високи плати, барем во нашиот регион, сепак биле многу почитувани. Во селата или во помалите населени места учителот се сметал за најпаметен човек, кој бил консултиран за сите работи. Учениците ги обожавале учителите и беспоговорно ги слушале, а родителите ги ценеле како луѓе кои им пренесуваат знаења и ги воспитуваат нивните деца.

Денес ситуацијата е свртена за 180 степени.

„Системот нè претвори во административни работници, а некои родители нè сметаат за лица на кои слободно можат да им се развикаат кога сакаат. На децата не смееме ништо да им кажеме, а тие не избираат зборови кога нè навредуваат. По осумчасовно работно време во училиштето, дома треба дополнително да пополнуваме купишта формулари и табели“, коментираат обесправените и угнетени денешни учители/ки, иако се многу поедуцирани во споредба со повозрасните колеги, затоа што освен основните студии, мора да завршат и постдипломски студии.

Секретарка

Секретарката некогаш била сопруга, мајка и прв советник на директорот. Тогаш не постоеја мобилни телефони, па секретарките биле единствениот телефонски пат до директорот или управникот. Први знаеле да користат машина за пишување, а потоа и компјутер. Секогаш средени и нашминкани, тие биле лицето на компанијата.

Денес до директорот не се стигнува преку жената што седи пред неговата канцеларија, туку преку оној што има канцеларија веднаш до директорот, неговото величество ПР-експертот. Овие експерти им го одзедоа приматот на секретарките, кои во меѓувреме станаа обични потрчковци. Тие денес се задолжени да носат хартии од една во друга канцеларија, да работат на копир-машина или да прават кафе за сите. Целата работа во фирмата и понатаму оди преку нејзините плеќи, па денешната секретарка има повеќе работа, а многу помалку бенефиции.

Банкар

Да се биде банкар, порано значело да се биде на самиот извор на моќта – се ценело тоа што ракуваш со туѓи пари, за што биле потребни знаење, огромна одговорност и беспрекорна етичка регулатива. Банкарите биле одлично платени и секогаш убаво облечени луѓе, препознатливи во својата средина.

Корпоративната филозофија денес најмногу се чувствува во банките. Платите на банкарските службеници, кои седат зад шалтерите, не се многу повисоки од просечните, кои се заработуваат со пониско ниво на образование и многу помала одговорност.

Кога купуваат нова облека, таа мора да биде во пропишаната боја на компанијата, од целодневните кликања по тастатурата добиваат тикови и многу често се цел на вербални напади од страна на нељубезни клиенти.

Стјуардеса

Дамите што доминираат на небото, секогаш уредни со капчиња на главата и црвен кармин на секогаш насмеаните усни, љубезни и грациозни, можат на многу јазици да раскажат колку пати биле во опасност поради сериозни турбуленции, притоа не дозволувајќи да им се расипе совршената фризура.

Но, откако патувањето со авион престана да биде луксуз, и оваа професија изгуби од својот гламур.

„Главно сме мртви уморни. Стануваш среде ноќ за да се средиш тип-топ, затоа што мораш да се појавиш на аеродром во униформа, а со неа не смееш да влезеш во јавниот превоз. Комбето што доаѓа по нас, обично по час и половина-два кружи низ градот да нè собере сите. Во авионот има купишта работи кои патниците не смеат да ги забележат или видат. Ние мораме секогаш да бидеме прибрани и насмеани, да укажеме прва помош, да ги смириме вознемирените, да се грижиме за имиџот на компанијата, да породиме бремена патничка ако има потреба, а со текот на времето, сè почесто слушаме дека сме ’келнерки во авион‘ или ’продавачки на сендвичи‘“, раскажува една девојка, додавајќи дека тоа не ѝ смета премногу затоа што и самиот назив за стјуардеса на англиски јазик значи „домаќинка во авионот“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура