X
 06.02.2018 Образование

Румена Бужаровска, писателка: Жртвите на сексуално насилство и вознемирување не добија сожалување, туку охрабрување. Тоа е промена на свеста

Расказите ми се во најблиска сродност со секојдневието – ние постојано во текот на денот раскажуваме прикаски, мали раскази преку кои доживуваме откровенија или едноставно се забавуваме. Не велам „не“ на романот, но одбивам да го чувствувам како супериорна форма. 



Таа е една од најинтересните прозаистки од поновите генерации. Кога ги читате нејзините раскази, особено од последната книга „Мојот маж“ (во издание на „Или Или“) или ќе се смеете под мустаќи ако има луѓе околу вас или нема да се воздржите да се изнасмеете гласно, кога сте сами. Дека квалитетните дела си го наоѓаат својот пат до што поголема публика, покажува и третата збирка раскази на Бужаровска (првите две се „Чкртки“ и „Осмици“), која веќе е преведена на српски, хрватски, а од неодамна е потврдено дека ќе биде издадена на англиски јазик за Велика Британија, Шкотска и САД.

Румена Бужаровска е професорка на Филолошкиот факултет каде што предава американска книжевност. Таа е гласна говорничка и поборничка за женските права. Даде голема поддршка на инцијативата #Сега кажувам, која охрабри стотици жени и девојки отворено да зборуваат за сексуално насилство и вознемирување.

За само неколку дена неколку стотици постови со сведочења на девојки и жени осамнаа на „Фејсбук“. Ве радуваат ли одѕивот и храброста да се отвори оваа Пандорина кутија?
- Секако дека ме радува – главната придобивка на една ваква герилска акција е тоа што конечно отворено се разговараше и се дебатираше (иако не доволно и не по водечките медиуми – се чини дека никогаш не е „вистинско време“ за женските права, права што се однесуваат на половина од населението) на тема што одамна се пика под тепих. Идејата беше да почнеме мал бран – нè имаше триесетина – со надеж дека и други ќе сакаат да споделат слични приказни. Знаевме дека речиси не постои жена што не се нашла загрозена на ваков начин. Но, не знаевме дека постои толкава зрелост и храброст отворено да се разговара за вакви болни искуства, кои и интимно тешко се споделуваат поради придружните чувства на срам и вина. Во таа смисла, исповедите беа катарзични: тие создадоа чувство на солидаризација и емпатија, отворија простор каде што жртвите на сексуално насилство и вознемирување не добија сожалување, туку охрабрување, и што е најбитно, поттикнаа дел од еден многу тежок и мачен процес, а тоа е промена на свеста за ова прашање. 

За жал, има и многу невкусни коментари кои главно доаѓаат од мажите, кои сакаат да се шегуваат на вака горлива тема. Какво е македонското општество низ призмата на феминизмот?
- Токму невкусните коментари, несолените шеги, релативизирањата и многубројните мажјаснувања на темата – „чекајте сега јас да ви кажам зошто ова вака не треба, а како всушност треба“ (притоа не кажува како треба); апсурдните обвинувања од типот дека намерно дефокусираме од побитни работи од национален интерес (бидејќи времето за женски прашања никогаш не е добро), крајно несочувствителните критики од типот „зошто не ги посочите престапниците со имиња“, што повторно ја обвинуваат жртвата и го ставаат под знак прашалник нејзиното трауматично искуство – покажаа точно какво е македонското општество кога се во прашање женските прашања: закоравено патријархално, ригидно, очајно неинформирано. Се виде дека женските искуства се комплетно маргинализирани: нераскажани, неслушнати, па и затоа – неразбрани.

Заедно со Ана Василева учествувате и во организацијата на вечерите насловени „ПичПрич“, на кои гостинки раскажуваат лични или измислени приказни на претходно зададена тема. Одѕивот е голем, реакциите на публиката се одушевувачки. Помрднувате ли на таков начин некои затворени врати во нашето затворено општество полно со табуа и предрасуди?
- „ПичПрич“ настана токму како обид да им се даде глас, да се слушнат, а со тоа и да се нормализираат женските приказни, како и женските искуства. Често повторуваме дека „ПичПрич“ е обид за продолжување на женската усна историја, со оглед на тоа што канонизираната историја традиционално им припаѓа на мажите. Се осврнуваме на тоа и дека приказните во книжевноста, а секако и во визуелните уметности, главно се занимаваат со машки прашања (доминантните ликови и во карактер и во бројност се машки), додека женските улоги се споредни, често беспомошни и украсни.


Бужаровска на „ПичПрич“ во Битола 

Затоа „ПичПрич“ ги става во преден план женските искуства, со тоа детабуизирајќи ги и кршејќи ги предрасудите кон нив. Досега сме имале неколку успешни настани со извонредно релевантни приказни. Згора на тоа, голем дел од раскажувачките се многу забавни – што, исто така, пркоси на стандардното предубедување дека жените не се смешни, не знаат да кажат виц, или за нив е недостојно да се забавуваат на ваков начин – споделувајќи интимни приказни.

Предавате американска книжевност на Филолошкиот факултет. Како оваа богата литература стана Ваша професионална определба?
-Драго ми е дека ја нарековте „богата литература“ бидејќи постои една многу смешна предрасуда дека американската култура и книжевност се инфериорни (едно време беше модерно да се кажува дека Американците немале култура, иако сите гледаа американски филмови и слушаа американска музика). Забораваме дека се работи за еден континент кој од 19 век наваму постојано создава генијални книжевни дела. Поврзаноста со оваа култура и книжевност дојде природно, бидејќи во основно и во средно училиште престојував во Америка, а подоцна и работев таму, така што поврзана сум многу интимно со таа средина во една врска полна со нетрпение и љубов. Читајќи ги современите американски автори, ги препознав слоевитите и комплексни чувства што ги имам кон таа земја, како и волшебната атмосфера што се провлекува, на пример, кај авторите од американскиот југ, па веројатно затоа се определив да се занимавам со оваа книжевност, која на крајот играше и голема улога во моето пишување.

„Мојот маж“ не само што помина одлично кај нашите читатели, туку и во регионот го привлече вниманието на критиката и публиката. Во Хрватска добивте награда, во Србија „Мојот маж“ беше прогласена за најпродавана книга за 2017 година на книжарницата Booka, а неодамна потпишавте договор и со Dalkey Archive Press за издавање на книгата во САД, Велика Британија и Ирска. Кај нас сè уште не постојат агенти што ќе ги промовираат домашните автори по светот. Како нашата книга да стигне до странски читатели?
-Регионалниот успех на „Мојот маж“, а се надевам и меѓународниот, се должи на тоа што неколку уредници, писатели и книжевници препознаа дека книгата може да им се допадне на читателите во регионот и решија да ја објават – поточно, приказната тргна од Хрватска преку уредникот Круно Локотар, а потоа се рашири во другите републики од поранешна Југославија. Ја имав таа среќа да ми пристапи агентка во Хрватска, со која сè уште соработувам, така што грижата околу „Мојот маж“ веќе не е на мој грб. Инаку, начинот на кој нашата книжевност може да се промовира во странство е преку успешно претставување на странските саеми за книги (што, за жал, не се случува), застапување на нашите автори преку наши агенти (што исто така е непозната практика), како и давање финансиска поддршка за превод на наши дела на странски јазици (што веќе се случува). 



Подготвувате ново дело. Дали можеби дојде редот на Вашиот прв роман или им останувате посветени на расказите?
-Искрено, не разбирам зошто сите толку запнуваат дека треба да напишам роман. Едноставно немам некоја желба да напишам роман. Не го гледам ни романот како некое врвно дело, врвна форма до која треба да стигнам. Обожавам да читам раскази и вљубена сум во расказите на Елис Манро, Лусија Берлин, Лидија Дејвис, Фланери О’Конор, Џумпа Лахири, Синтија Озик, и други – и учам од нив. Расказите ми се во најблиска сродност со секојдневието – ние постојано во текот на денот раскажуваме прикаски, мали раскази преку кои доживуваме откровенија или едноставно се забавуваме. Не велам „не“ на романот, но одбивам да го чувствувам како супериорна форма. Така што, да, пак пишувам раскази.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование