X
 07.02.2018 Култура

Аце Коцевски, градоначалник на Велес: Училиштата тонат во долгови. Некои ќе згаснат, а некои, каде што нема доволно деца, ќе се спојат

Сакам да го подобрам културно-забавниот живот на младите и Велес да стане место кое туристите ќе сакаат да го посетат

Водењето општина не му е непозната работа. Аце Коцевски му се врати на градот на Рацин како прв човек на Велес, место кое го напушти во 2009 година, по девет години раководење. Факултети.мк, како дел од серијалот посветен на Велес, се сретна со градоначалникот Коцевски и поразговара за најважните теми што го мачат градот, а особено младите.

Аце Коцевски

Кои се најважните приоритети во однос на образованието на велешките деца? Во каква состојба се училиштата?
- Образованието е една од најсложените дејности кои со процесот на децентрализација во 2005 година им беа пренесени на општините. Состојбите се многу лоши, не само во Велес, ами во цела Македонија. Еден од проблемите е што во Македонија често се случуваат политички избори и партиите на власт се менуваат, а оваа област не е популарна за избирачите, па политичарите не се залагаат многу. Во мојот претходен мандат успеав да згаснам едно училиште оти Велес има многу екстензивна мрежа на училишта и мораше да се направи рационализација за средствата што ги добиваме да бидат колку-толку доволни за нормално да се одвиваат образовните процеси. Некои училишта имаат толку малку ученици, што не е стандард дозволен ниту во Шведска ниту во Швајцарија... Мојата мисија сега е да го потстегнеме образованието, според потребите на Велес, за да се подобри квалитетот на наставата. Во моментов училиштата имаат огромни долгови за превоз на учениците и за греење. Тој проблем не е по вина на директорите или училиштата. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ имаше една контрадикторна ситуација кога бројот на учениците драстично се намали, а бројот на наставниците се зголеми. Плус, кога ги пренесуваа надлежностите на општините, настана проблем кога донесоа закон за иста плата за иста работа, па платите на сите наставници, дали со високо дали со вишо образование, беа изедначени. А за сметка на тоа, не ги зголемија трансферите кон училиштата. Во моментов во Велес имаме училиште со блокирана жиро-сметка. Цела зима морав да наоѓам начини како да го обезбедат училиштето „Васил Главинов“ со огревен материјал. Тоа е најголемо училиште во Македонија, со најмногу подрачни училишта. Исто така, на тендерите превозниците се договараат меѓу себе и не си конкурираат, па на тој начин легално прават повисоки цени. За 9 км во двата правца наплаќаат по 220 денари! Образованието е многу сериозна обврска за мене. Си зацртав дека во наредната учебна година ќе спојам две основни училишта - ОУ „Благој Кирков“ и „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ (кое дели иста зграда со посебното училиште „Маца Овчарова“). Првиот пат не ми успеа тој обид, вработените се плашеа дека ќе останат без своите работни места. Тоа нема да се случи. Едно училиште треба да го изгуби статусот на деветгодишно училиште оти има помалку од 16 паралелки, а уште едно ќе стане четиригодишно. Не е иста состојбата со детските градинки. Таму има многу деца. Периодов отвораме клон во Чашка. Проблемите се сериозни и можам да кажам во име на сите градоначалници, во едно од нашите главни барања до Владата, преку ЗЕЛС, бараме да обезбеди доволно пари кога ѝ префрла некаква надлежност на локалната самоуправа. На пример, кога некој заминува во пензија, државата веднаш го укинува тоа работно место и ако Општината сака да го пополни, треба самата да го финансира.

Прошетавме низ градот и впечатокот беше дека таму живее главно старо население. Има ли голем одлив на луѓе?
- Отселувањето е голем проблем, и во Велес е многу изразен, можеби не како во Источна Македонија, ама сепак. Тоа е огромна загуба за македонското општество оти главно заминуваат млади брачни парови, кои овде се образовале и сега кога треба да ѝ вратат на заедницата со своето знаење, ние како готови профили му ги даваме на светот. Бројот на жителите е сериозно намален. Особено загрижува податокот од една анкета што покажува дека голем дел од младите велешани кажаа дека кога би им се укажала шанса, би го напуштиле својот град. Поголема шлаканица од тоа нема. Едно од моите главни ветувања беше дека Велес повторно ќе го направиме убаво, посакувано место за живеење, во кое младите не само што ќе ја гледаат својата иднина ами и својата сегашност.



Како би ги задржале младите дома?
- За да ја гледаат својата иднина овде, треба да заработуваат, за да можат да обезбедат егзистенција за себе и за своите семејства и да сакаат да градат семејства. За жал, поголемиот дел од инвестициите, од т.н. трудово-интензивни гранки што дојдоа во Македонија, понудија масовно вработување, но работникот се плаќа малку. Македонија треба да дочека да влезе во следна фаза, во која ќе дојдат инвеститори чии производи ќе имаат повисок степен на додадена вредност, што значи дека ќе бидат потребни поголемо знаење и интелигенција, а ќе добиваат повисоки плати. Голем дел од младите секојдневно патуваат во Скопје. Тоа во западни услови е вообичаено, ама таму има добри сообраќајни врски. Во време кога железницата е бавна, возовите доцнат, луѓето главно патуваат со автобус.
Сакам да го подобрам културно-забавниот живот на младите. Имаме идеја во зградата на поранешното кино да ја преселиме библиотеката, а сегашната да ја оспособиме да биде Младински-креативен центар. Големата сала, која има повеќе од 200 седишта, да ја оспособиме да биде кино (во Велес во моментов немаме кино), а во другите простории да можат да вежбаат млади рок-бендови, музичари, хорови, КУД-ови, со цел да ги збогатиме можностите и младите да сакаат да творат во својот град.


Велес отсекогаш важел за град што поставил многу основи од областа на образованието и културата, тој е град-музеј. Ќе преземете ли нешто за Велес да стане туристичка дестинација?
- Веќе имаме соработка со францускиот амбасадор во земјава, со Асоцијацијата на градови со архитектонско наследство од Франција. Имаме добра комуникација со два региона од Франција кои обрнуваат посебно внимание на заштитата на ова наследство, за развој на руралниот и винскиот туризам. Велес има специфични архитектонски градби и во наредниот период планираме и да откупиме некои куќи, кои се многу убави, за да бидат достапни за јавноста. Имаме доволно елементи за да направиме убави приказни. Сакам да вработиме квалитетни млади луѓе кои ќе знаат барем по два јазика и да имаат искуство во подготовка на проекти. Велес, за жал, не е богата општина и надежта ја гледаме во тоа да привлечеме што повеќе европски фондови. Велес има богато културно наследство. Во минатото имало многу повеќе објекти прогласени за споменици на културата, ама поради негрижа од страна на државата, го изгубиле тој статус и еден дел од нив се срушени.
Ние сме горди на Рацин, куќата на Јордан Хаџиконстантинов-Џинот, во која се наоѓа седиштето на Асоцијацијата на општини со богато архитектонско наследство. Ќе споделам како оваа куќа стана спомен-куќа. Случајно дознавме дека оваа куќа не е прогласена за споменик на културата, а нè известија од банка дека тогашниот сопственик сакал да ја продаде. Со тогашниот министер за култура Благоја Стефановски се договоривме брзо да ја прогласиме за споменик на културата. Обезбедивме донација од Светска банка. Блиску е и куќата на Васил Главинов, првиот социјалист на Балканот, во непосредна близина е куќата на Касапови, прекрасна куќа, позната како куќата што лебди, градена во 1840 година, поставена е врз карпи и сите студенти од Архитектура ги носат да ја видат затоа што е фундирана на карпи, а не на темели. Тука се Музејот, кој ја откри окарината, и Спомен-костурницата, која има прекрасен мозаик.
Велес е основач на неколку важни културни манифестации. Основавме Копаничарска колонија, фестивалот „Стоби“, колонијата „Папрадишки мајстори“, Меѓународниот фолклорен фестивал. Од годинава сакаме да има и рок-фестивал, кој би се одржал пред платото на костурницата. Користиме искуства од слични фестивали во Ниш и во Суботица. Намерата е фестивалот да служи за промоција на млади рок- и поп-бендови. Сакаме Рациновите средби да ги издигнеме на повисоко ниво. Богатите велешки чорбаџии ги праќале своите деца во странство и тие се враќале и го пренесувале своето знаење.



Најавивте затворен базен, кој би бил голема придобивка за населението, пред сè за децата и младите. Кога би станал реалност?
- Овој проект брзо ќе стане реалност. Во завршна фаза се измените на Детаљниот урбанистички план, оти немавме планирано таква локација. Идејата е да биде во дворот на ОУ „Васил Главинов“. Нашите намери се во текот на денот да биде за спроведување настава по физичко образование за сите училишта, а во приквечерните часови и за викенди да биде за рекреативна употреба. Ова го работиме заедно со Агенцијата за млади и спорт, влезени сме во годишната програма. Пливањето е многу убав спорт за правилен развој на децата и се надевам дека ќе направиме добро дело.

Некогаш Топилницата за олово и цинк беше рак-рана за Велес и за околината. Каква е денес еколошката состојба во градот?
- Во времето на Југославија, Велес важел за трет најголем индустриски град, по Скопје и Куманово. За жал, со транзицијата, менаџерите не се снашле добро - пропадна Топилницата за олово и цинк, заедно со Хемиската индустрија, па најголемата фабрика со 3.400 вработени - „Порцеланка“, текстилната фабрика, па Велес од град со многу вработени стана град со најмногу невработени. Сега состојбата е малку подобрена поради иселувањето и поради отворањето понекоја фабрика со евтина работна сила. Сега доминираат метало-преработувачката и кожарската индустрија.
Од аспект на загадувањето на животната средина со Зелената коалиција успеавме Топилницата да не работи повеќе, но, за жал, таа сѐ уште претставува опасност за населението затоа што т.н. индустриско загадување не е решено. Во близина на Топилницата има еден рид со олово-цинкова згура, даден на концесионер од Скопје, кој сѐ уште не презел ништо за да се отстрани таа згура и кога дува ветер, ги носи штетните честички накај градот. Најголема опасност е што почвата на длабочина од 40 см е многу загадена со тешки метали и тоа во радиус од неколку км, токму кај што е најплодната земја во околината на градот. Мојот став е дека сопствениците на тие ниви треба да се обесштетат, а со помош на меѓународната заедница да ја деконтаминираме почвата. Во Западна Европа таа почва се префрла во напуштени рудници, кои се пломбираат за да не направат ново загадување. Топилницата има прекрасна инфраструктура, кога би се отстраниле постројките, може да се направи индустриска зона. За тоа ќе се дебатира и кога ќе се носи Генералниот урбанистички план, но таа не е во државна сопственост, туку во приватна.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура