X
 08.02.2018 Образование

Интервју со Мила Царовска: Самохраните родители нема да плаќаат за градинка, вработените ќе добијат трајни решенија

Се согласувам дека платите на вработените во градинките треба да растат, тоа е неспорно, тие се заборавени. Многу е голема разликата, на пример, со платите на вработените во основно образование. Таа нееднаквост мора да се доведе до некаков баланс, не може да има толкава разлика. Затоа со СОНК го отвораме прашањето за колективен договор, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

 


Вработените во градинките нема веќе да се вработуваат со договори на определено време, а за четири години опфатот на децата во предучилишно воспитание ќе се зголеми за 50 проценти. Ова ќе се овозможи со зголемување на сместувачките капацитети, како и со бројот на вработени. Самохраните родители наскоро ќе бидат ослободени од плаќање за престој на нивните деца во јавните градинки, а се размислува и за модел на скалесто плаќање соодветно на приходите на секое семејство. Ова се дел од новините што во интервју за Факултети.мк ги најавува министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Таа ни откри дека тим од експерти од Бирото за развој на образование, ресорното министерство и УНИЦЕФ моментално ја анализира примената на Програмата за ран детски развој, за која има сомнежи дали воопшто е користена во сите градинки.

Една од поголемите промени што ги воведовте во јавните градинки е втората смена. Колку градинки работат на овој начин и како го оценувате процесот?
- Од 65 градинки во земјава 13 имаат втора смена и имаме 20 детски градинки што нудат престој за деца секоја прва сабота во месецот. Практично, една третина од градинките работат по една сабота и речиси исто толку нудат втора смена. Ова покажува дека имало голема потреба за воведување на оваа новина. Во втора смена одат 189 деца, а 132 се згрижуваат во сабота. Ова е во интерес на родителите што навистина имаат потреба. Градинките добро го изменаџираа овој процес, а ние дадовме согласности и за нови вработувања.

Токму кај вработувањата имаше превирања пред Нова година. На многумина требаше да им се продолжат договорите за вработување. Што ќе се случува со вработените што имаат договори на определено време?
- До февруари дадовме согласност за вработување на сите на кои им требаше продолжување на договорот. Од февруари договорите ќе им бидат на неопределено време. Ние, како министерство, не вработуваме, но им даваме согласност на општините. Смешно е секој месец или секоја година да обновувате договор на вработен и тоа на некој што е постојан кадар. Таму имало потреба за тие лица, но злоупотребувано е од страна на претходната власт со цел да ги држат во неизвесност. Едноставно биле држени под контрола за случајно да не гласаат за некој друг, бидејќи договорот како таков можел да биде прекинат. Ние велиме „не“. Во градинките се потребни вработувања на неопределено време, кадар во кој ќе вложуваме, ќе го растеме и ќе го градиме за да имаме подобри услуги. Нема потреба од вакви малверзации.

 
Проценивме дека недостигаат 2.000 вработувања во градинките

Во голем број општини, поради недостиг на простор и кадар, се прават поголеми групи на дечиња. Некаде во групите има и над 40 деца. Што ќе се преземе во врска со овој проблем?
- Да, различни се бројките на децата во групите и некаде се навистина многу. Согласно Законот, има критериуми колкави треба да бидат групите според возраста на децата. Општините имаат можност според Законот да ги прошират групите. За секое проширување треба да обезбедат услови и кадар. Тука е проблемот, во обезбедувањето на кадарот и затоа ние проценивме дека недостигаат околу 2.000 вработени во сите градинки во Македонија. Тоа е таа штета што ја направила претходната власт. Едноставно го запуштила системот. Затоа и имаме групи од по 50 деца со двајца одговорни за нив. Сега ние пробуваме да го исправиме тоа. Проверуваме колку има трајно испразнети места за да дадеме согласности за вработувања, едноставно се трудиме да ја стабилизираме ситуацијата. Има градинки што не се оптоварени многу со деца, но има градинки како, на пример, во Аеродром или во други скопски општини кои имаат поголем опфат на деца. Исто така, оние листи со запишани деца не значи дека се точни. Не одат сите деца во градинка, иако се на листите на запишани деца. Тоа го знаат само од градинките и секако од општините.

Во Законот за заштита на децата, кој дозволува проширување на групите ако за тоа има потреба, сепак не е наведено колку може да биде максималниот број на деца во групите. Има ли, според Вас, потреба од вакво ограничување за да не се прават групи од по 50 деца?
- Ако го направиме тоа, ако го ограничиме бројот, веројатно голем број деца ќе немаат пристап до градинка. Инфраструктурата не се создавала. Ние бевме сведоци на претходната влада која постојано нешто отвораше, некои градинки кои јас денес не ги гледам во системот. Ние прекинавме еден куп договори затоа што ниту имаше легализиран простор. Тие сакале да градат, купиле опрема, а градинката не постои итн. Тоа се случувало. Ние може да го ограничиме бројот на деца, но што ќе постигнеме со тоа? Родителите нема да може да одат на работа затоа што ќе нема кој да им ги чува децата. Затоа треба да бидеме внимателни со радикални решенија. Да, ќе биде убаво за тие деца што се примени, но што со преостанатите. Не може секој да плати приватна градинка. Затоа е важно да споменам дека ние паралелно работиме на инфраструктурата.

Каков е конкретно планот за изградба на нови градинки и проширување на капацитетите?
- Во 2017 година се почнати 13 проширувања и нови објекти кои се во фаза на тековно потпишување на согласности. Но, овие 13 во најголем дел се надвор од Скопје, па притисокот врз постојните нема да се намали. Затоа, Владата заедно со Светска банка преговара за системско решение на проблемот, што ќе значи и задолжителен опфат на деца во градинка, посебно последната година пред одење во училиште. Но и изградба на нови капацитети кои ќе може да опфатат поголем број на деца. Ова е план за 2019 година. За 2018 година, пак, имаме 18 проширувања и нови објекти. Ние побаравме од општините, сите оние што имаат подготвени и легализирани планови за изградба и проширувања на градинки, да ни пратат информации. Добивме околу 50 апликации, а само 18 беа подготвени. Ако нема завршен проект-план, не може да се објави тендер. Затоа само оние 18 што имаа чисти планови ќе добијат. На сите што ќе се подготват во меѓувреме, меѓу кои и скопските, затоа што тие не беа спремни со плановите, ние ќе им одобриме. Ова се инвестиции во оваа тековна година.


Се проверува дали во градинките е користена Програмата за ран детски развој

Неколку пати сте изјавиле дека имаме низок процент на опфат на деца во предучилишно воспитание и дека за четири години планирате да го зголемите опфатот за 50 проценти. Како ќе го направите тоа ако се земе предвид проблемот со недоволно простор и кадар?
- Токму со овие проширувања на капацитетите и со изградба на нови градинки. До 2020 година верувам дека ќе го постигнеме тоа. Инфраструктура, нови вработувања и поквалитетни стандарди за ран детски развој, тоа се трите цели кон кои се стремиме. Ние во Македонија не сме направиле дистинкција меѓу градинка и предучилишно образование. Тоа во Европа е направено. Опфатот на деца во предучилишно образование, а тоа се на возраст меѓу 4 и 6 години, во Европа е 95 проценти. Ние треба да се стремиме кон тоа. УНИЦЕФ и Светска банка ни се партнери во целиот овој процес. Има други модели, на пример, во руралните средини каде што нема потреба децата осум часа да се згрижени во градинка, но има потреба за вклучување во предучилишно образование. Може да одиме со некој модел три часа во три смени. Во ист објект во различни смени може да се згрижат повеќе деца. Таму каде што има втора смена, не е целиот објект опфатен, па има слободни простории кои може да се искористат по 18 часот. Некои објекти се празни и во 14 часот, па тие простории може да се искористат за децата и да бидат вклучени во тој ран детски развој. Ќе бидат подготвени за училиште. Децата што одат во градинка имаат подобар старт во основно, во средно училиште и на факултет.

Покрај инфраструктурата и новите вработувања, споменавте дека третата цел е Програмата за ран детски развој. Какви промени ќе има во овој дел?
- Формиран е тим од Бирото за развој на образование, Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ. Тој тим проверува како се имплементира Програмата за ран детски развој, колку се воведени тие стандарди во градинките. Таа анализа ќе ни даде и почетна основа каде треба да зајакнеме, каде се потребни дидактички средства, каков е кадарот. Што е она што пречи таа програма да ја имплементираме во целост. Децата не добиваат целосен напредок во градинките. Таа анализа ќе ја објавиме јавно за да имаат информации и родителите. Кога дојдов јас, имаше една иницијатива за ревидирање на стандардите за ран детски развој. Што ќе ревидираме кога не знаеме што е имплементирано? Јас сакам да дознаеме зошто не е спроведуван тој план. Градинките немаат само згрижувачка дејност, тие треба и да едуцираат, да ги подготват децата. Оваа анализа ќе биде готова за еден месец и ќе ни каже до каде сме со тој процес. Иако програмата за ран детски развој е нова, таа е само ставена на хартија.


Платите на вработените во градинките треба да растат

Вработените во градинките носат голем товар, но имаат ниски плати. Потребна им е мотивација. Тие добија едно покачување од два процента, но какви се плановите за поголеми плати во иднина?
- Оваа година е планирано зголемување од пет проценти, но ние со СОНК веќе разговаравме да ги отвориме преговорите за колективниот договор. Се согласувам дека платите на вработените во градинките треба да растат, тоа е неспорно, тие се заборавени. Многу е голема разликата, на пример, со платите на вработените во основно образование. Таа нееднаквост мора да се доведе до некаков баланс, не може да има толкава разлика. Затоа со СОНК го отвораме прашањето за колективен договор.

Како ги замислувате градинките во Македонија за десетина години?
- Градинките во иднина ги гледам како места кои згрижуваат деца, но и центри за предучилишно воспитание. Да ги одвоиме овие две нешта. Таму каде што ќе има згрижувачки капацитети со преспивање, да има двосменско работење, но и соодветен број на деца со број на воспитувачи и негуватели. Предучилишното образование треба да понуди повеќесменско работење, тоа да бидат современи центри и сите деца да имаат пристап до нив. Идејата е да има и скалесто плаќање во градинките согласно примањата на родителите. Сега сите плаќаат исто и тоа не е праведен систем. Ние до Владата веќе имаме испратено Правилник, кој треба да се усвои, со кој самохраните родители ќе се ослободат од плаќање градинка. Чекаме само да се усвои ова. Ќе треба родителот да поднесе некои документи, а општините ќе треба да ги покријат тие средства.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование