По девет години градење, во мај или јуни во Кина ќе биде отворен мостот Хонг Конг - Зхухаи - Макао.
Станува збор за вистински мегапроект. Со вкупни 55 километри должина, ова е најдолгиот мост што се протега преку вода. Изграден во форма на буквата „Y“, мостот поврзува три големи града (Хонг Конг, Зхухаи и Макао), а целата структура е всушност спој на мост и подводен тунел.
На пример, главниот дел од структурата се состои од 22,9 километри долг мост и 6,7 километри долг подводен тунел.
Дека мостот е импресивен, кажува и податокот дека е 20 пати подолг од познатиот „Голден гејт“ во Сан Франциско.
Макотрпната изградба била обележана со пречекорување на роковите, буџетот, смртни несреќи на работа и низа други проблеми, но инженерите и работниците сепак го завршиле овој мегапроект.
Притоа користеле најнова достапна технологија за да овозможат структурите да издржат и при најсилни природни катастрофи, како земјотрес од 8 степени, удар на супер тајфуни и удар на брод од 300.000 тони во структурата на мостот.
Во структурата биле вградени 400.000 тони челик, што е 60 пати повеќе од потребата за изградбата на Ајфеловата кула. На двата краја од тунелот што одат под морето се изградени и два вештачки острови, од кои секој е засилен со 120 челични цилиндри, високи 55 метри, широки 22 метри и тешки околу 550 тони.
Главниот дизајнер на мостот, Мен Фанчао, изјави дека неговиот тим за време на дизајнирањето на структурата барал совети од експерти од различни области, од заштита на околината, хидрологија, навигација на морските патишта, авијација, економија и цела низа инженери што се занимавале со изградба на мостовите и други големи инфраструктурни проекти.
Цел проект чинел околу 18,5 милијарди долари, а неговите дизајнери очекуваат неговиот животен век да биде 120 години, околу 20 години повеќе од нормата за мостови изградени на море.
Кога ќе биде пуштен во употреба, патот од меѓународниот аеродром Хонг Конг до источниот брег на Макао ќе биде скратен од 4 часа на 30 минути, велат официјалните процени. Во 2030 година преку него дневно би поминувале 29.000 возила и 126.000 патници, додека истовремено над подводниот тунел ќе поминуваат 4.000 брода на ден.
Идејата за мостот ја претставил тајкунот Гордон Ву Јинг-шеунг во
далечната 1983 година, а властите сериозно почнале да ја разгледуваат по обединувањето со Кина, во 1997 година. Конечно, после серија преговори помеѓу властите, трите града што ги поврзува мостот, преку Националниот совет во 2009 година, го одобриле планот и со тоа започнала изградбата на мостот.