X
 10.02.2018 Образование

Академијата за наставници сепак ќе се отвори... Нема да може секој да биде наставник

Од Министерството за образование и наука нѐ информираа дека процесот на отварање на Академијата за наставници нема да запре, но дека е потребно прво да се создадат услови за истата добро и ефикасно да функционира.



Академијата за наставници сепак ќе се отвори, но засега е стопиран процесот, со цел да се создадат услови за работа на оваа институција. На страницата на ЕНЕР има известување за почеток на процесот за подготовка на Закон за изменување на Законот за академија за наставници.
Измените се однесуваат на одложување на започнување со примена на овој закон. Во образложението стои дека целта на предложените законски решенија е да се создадат оптимални услови за отпочнување со примената на Законот за Академијата за наставници.
Од Министерството за образование и наука нѐ информираа дека процесот на отварање на Академијата за наставници нема да запре, но дека е потребно прво да се создадат услови за истата добро и ефикасно да функционира. Најверојатно Законот нема да трпи никакви промени во иднина, но не се исклучува и таа можност.

Инаку, Академијата за наставници е идеја на претходната Влада, а примената на Законот за Академија на наставници требаше да започне во септември 2016-та година.
Според Законот, Академијата која ќе биде лоцирана во Скопје треба да организира обуки за наставници, а по успешно завршената обука, наставникот ќе добие лиценца за работа. Програмата за обука се организира за наставниците да се стекнат со практични и теоретски знаења и вештини, со цел да се создадат високообучени, стручни и ефикасни наставници во основните и средните училишта, како и за стекнување на професионални компетенции за изведување настава во основно и средно училиште. Законот предвидува кандидатите да полагаат приемен испит за упис, а времетраењето на Програмата за обука е различна. Кај учесниците со завршени студии на наставнички факултет, програмата за обука трае вкупно осум месеци. Оние пак, со завршени студии кои немаат наставна насока, програмата за обука трае вкупно 12 месеци. Кај учесниците вработени наставници во основните, односно средните училишта, програмата за обука трае шест месеци. На крај, секој кандидат ќе полага завршен испит. На кандидатот кој се стекнал со лиценца за наставник при вработувањето во училиште му се исплаќа плата за наставник зголемена за 3.000 денари месечно. Лиценцата ќе треба да се обновува, а после третиот пат станува трајна.
Подготвил: М.A.M

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование