X
 10.02.2018 Живот

Во наредните денови и недели се очекува зголемен ризик од поплави и свлечишта низ Македонија

Повеќедневните, долготрајни врнежи што се случија на подрачјето на нашата држава во изминатите денови, како и дополнителните кои според сите релевантни светски, регионални и домашни метеоролошки институции ќе следуваат до крајот на февруари (но и во почетокот на пролетта), ќе предизвикаат поизразено превлажнување на земјиштето и значителен „вишок на водена маса“. Овој „вишок“ веќе сега тешко се апсорбира во земјиштето и во дренажниот систем, па се очекува негово засилено површинско акумулирање во вид на речно-инундациски, речно-езерски, издански, речно-поројни и други видови поплави. Дополнително, поради поволните метеоролошки услови, во следните 2-3 недели ќе се зголеми зачестеноста на свлечишта и одрони во пониските, а лавини, лавино-урниси и други гравитациски процеси во повисоките подрачја (главно над 1500 метри).


ГИС-модел на подрачја под зголемен ризик од поплави (виолетова боја), свлечишта (портокалова) и засилена ерозија (црвена боја). 

Под зголемен ризик од појава на свлечишта, одрони и урниси ќе бидат стрмните планински и долински терени со растресита геолошка или земјишна подлога, неотпорни карпи и претходно познатите лавинско-свлечишни коридори. Воедно, зголемена веројатност од такво нешто ќе има и на поголемите засеци на патиштата, посебно во долината на реката Радика и патниот правец Маврово-Дебар-Струга, кој е познат по честа појава на свлечишта и лавини, потоа на патиштата Охрид-Ресен-Битола, Струмица-Берово-Делчево-Кочани (особено Делчево-Македонска Каменица), Скопје-Велес, Гостивар-Охрид, Куманово-Страцин-Кратово, поголемите засеци на железничките линии и многу други. Во таа смисла, населението, возачите и сите други треба да внимаваат и да го имаат предвид зголемениот ризик од вакви природни непогоди на наведените стрмни или нестабилни места.

Во ниските делови, пак, треба да се очекуваат локални поплави покрај речните корита и широките крајречни рамнини. Особено засегнати ќе бидат долината на Вардар кај Долни Полог, потоа од Драчево до Зелениково, па ниските долински делови во велешкото ерозивно проширување, потоа низ Тиквеш и низводно од Демиркаписка Клисура (особено Валандовско и Гевгелиско Поле). Исто така, позначајно излевање треба да се очекува на делови од Пчиња од с. Пелинце до с. Шупли Камен и низводно од с. Пчиња до с. Долно Коњаре, како и на пошироките долински дна на Крива Река, Кумановска Река со Липковска, Брегалница, посебно во Пијанец и Кочанско Поле, во долината на реката Струмица, широките рамничарски делови во долината на Црна Река низ Пелагонија и Тиквеш и др.


MODIS-базиран предиктивен модел на ризик од свлечишта во висока резолуција. 

Исто така, очекуваме полнење на вештачките акумулации со вонредно испуштање на вишокот вода и можен поплавен бран низводно од браните. До крајот на февруари и почетокот на март можен е висок водостој и на Охридското Езеро, слично на состојбата во 2010 година.

Причините за очекуваните хидролошки и хидро-гео-непогоди во Македонија се во натпросечно топлата зима оваа година, која пак главно е последица на специфичната атлантско-медитеранска циркулација во јужниот дел на Балканскиот Полуостров во истиот период. Ваквата веројатност, од наша страна беше најавена уште во декември 2017 година во оваа статија. Во поширок контекст, причините се многу покомплексни: од слабите арктички влијанија (во споредба со минатата година, на пример), до локалната манифестација на глобалните климатски промени, термалните аномалии на Голфската струја, трендот на западните ветрови и др.

Поради зачестените неповолни метеоролошки состојби кои во идниот период ќе бидат уште поизразени, неопходна е стручна процена на очекуваните природни непогоди (поплави, ерозија, свлечишта, одрони) кои причинуваат сè поголеми директни и индиректни штети. За таа цел, неопходни се итни активности и мерки од страна на ЦУК, ДЗС и другите засегнати државни, регионални и општински институции, пред да биде доцна. Особено важна е отворена и редовна комуникација, консултација и координација помеѓу надлежните институции, како и помеѓу нив и научноистражувачките организации и експерти од соодветните области, со цел што е можно подобра подготовка, превенција и планирање на адекватни мерки. На подолг рок, како што нагласивме во претходните статии на ИГЕО, потребно е да се изработи национален катастар на загрозени (и деградирани) подрачја од соодветните природни хазарди, каков што имаат речиси сите држави од ЕУ. Во негови рамки, неопходно е воспоставување на комплексен ГИС-систем со прецизни модели и сценарија за потенцијалните непогоди, загрозени површини и степени на ризик. Денес, за таа цел на располагање ни стојат деталните висински модели на релјефот, потоа слободните тематски сателитски снимки кои се обновуваат доста често (Landsat 8, MODIS, MeteoSAT, Sentinel) и сл. Преку нив ќе може да се врши постојан мониторинг, потоа меѓурегионално и меѓуопштинско информирање за потенцијалната претстојна природна непогода, нејзиниот просторен опфат, степен на ризик и др. Добар пример за ГИС-базирано моделирање на потенцијалните природни непогоди, кое се покажа како доста реалистично и прецизно, е изработено за Општината Пехчево, под стручно раководство на авторот на статијата.

Автор: д-р Ивица Милевски / иГео

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот