X
 13.02.2018 Здравје

Д-р Јани Ангеловски: Да се укине „Мој термин“! Донесе најнеквалитетни прегледи откако постои македонското јавно здравство

„Па докторе, требаше да ме прегледате во 16:20, а веќе е 16:30...“ Тензијата расте... Притиска за преглед чичето што има закажан термин во 16:30 за проширени вени, а до него е итниот пациент со тромбоемболија за кој секоја минута е важна... За да преживее. Докторот се обидува да го прими на преглед итниот пациент преку ред, но се испречуваат другите што имаат закажан термин. Чичето вели: „Ма каква тромбоемболија, јас сум на ред“.


Д-р Јани Ангеловски

„Мој термин“ донесе најнеквалитетни прегледи во македонското јавно здравство откако тоа постои. Донесе систем на роботизација на пациентите и на докторите. Наместо прегледот да биде релаксиран чин со максимална концентрација и посветеност на докторот кон болеста на пациентот, го претвори во напнат, нервозен чин, без концентрација кон симптомите на болниот, дециден е Јани Ангеловски, специјалист-трансфузиолог од Институтот за трансфузиона медицина во Скопје. Тој е еден од гласните поборници против овој систем и неколку пати го критикувал на социјалните мрежи. За најавуваните системски промени во здравството, д-р Јани вели:

- Само една промена треба - да се укине целосно! Да се деинсталира тој проект. Опасно е да се модифицира „Мој термин“ - тој не треба да постои. На пациентите не им требаат естетика и печатени болдирани зборови на хартија, а напишани секакви грешни дијагнози и лекови... Им треба ментално убаво осмислен преглед, напишан со молив или пенкало на хартија – категоричен е Ангеловски.


Како пилот-проект почна кон крајот на 2011 година

Системот како пилот-проект почна да се користи на 1 декември 2011 година на Клиниката за радиологија, во градската општа болница „8 Септември“ и во хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје, а потоа беше имплементиран целосно во институциите од јавното здравство. Ангеловски пластично објаснува од сопственото искуство што донел „Мој термин“ во неговата стручна практика и работата со пациентите во изминатите години. Ова е неговата анегдота:

Речиси е невозможно да им се даде приоритет на итните случаи


Пациент на седумдесетина години веќе 30 години има проширени вени без некое акутно воспаление или тромбозирање. Закажал редовен контролен преглед на 5 март 2018 година, во 16:30 часот. Прегледот му е закажан сигурно месец или два однапред... Но, што се случува? Истиот ден, во 16 часот доаѓа пациент со отежнато дишење, кашлица, изнемоштен, со оток на ногата... Сите симптоми одат во прилог на тромбоза со компликација тромбоемболија на белите дробови. Опасна, витално загрозувачка состојба! Поради акутноста на состојбата, тој нема упат, треба да му се искреира ургентен упат... Сè е тоа во ред, но се јавува проблем. Докторот има пополнети термини, закажани на десет минути. Пациентите што го чекаат своето време за преглед се нестрпливи. Некој брза за дома, некој да го земе детето од градинка, некој брза од друга причина... Во чекалницата се создава тензична атмосфера ако некој преглед трае подолго од предвиденото. „Па докторе, требаше да ме прегледате во 16:20, а веќе е 16:30...“ Тензијата расте... Притиска за преглед чичето што има закажан термин во 16:30 за проширени вени, а до него е пациент со тромбоемболија за кој секоја минута е важна... За да преживее. Докторот се обидува да го прими на преглед итниот пациент преку ред, но се испречуваат другите што имаат закажан термин. Чичето вели: „Ма каква тромбоемболија, јас сум на ред“. Конфликт, тензија... Моите вени се најважни во светот, си размислува човекот... Таков ужас донесе „Мој термин“. Резултат - брз, некомплетен преглед на итниот пациент чиј живот виси на конец поради закажаниот преглед во 16:30 два месеца порано, преку фамозниот „Мој термин“.

Докторот почна да го доживува пациентот како нужно зло

Д-р Ангеловски е дециден дека секој лекар треба да има автономија самиот да одлучува за своето време.
- Докторот повеќе се заморува со десетици кликања на компјутерот за да ја задоволи софтверската програма отколку да му се посвети на пациентот. Најмногу од сè отежнува временскиот лимит – прегледот да мора да заврши за 10 или 15 мин. Тој не може да размисли, да се консултира. Едноставно спроведува конфекциски прегледи, небаре пациентите се чифт чевли кои мора дневно да се произведат во норма 50 или 60. Ексклузивно право на докторот е колку време ќе потроши на преглед на пациентот! Не смее да има временско ограничување. Брзањето на прегледот носи ризик од грешки и превид и во дијагнозата и во лекувањето. Искуствата се далеку понегативни отколку подобрувањата – објаснува тој.


Д-р Ангеловски: „Мој термин“ е девијантен

Како специјалист-трансфузиолог, неговата примарна работа е во лабораторија. Работа во амбуланта со пациенти има еднаш неделно, но работата многу им ја отежнува системот на закажување на прегледите.
- Самиот концепт на „Мој термин“ е девијантен. Нехумано и немедицински е поради навреме извршениот преглед, задоволството на пациентот да се става пред доктрината на квалитетен преглед, макар траел и 45 минути. Се девалвира неприкосновеното право на докторот да одлучи кој пациент има предност за преглед. Така, зависиме од добрата волја на совесните пациенти да направат отстапка и да овозможат итниот пациент да се прегледа. Но, не се сите совесни...


Не треба докторот да го доживува пациентот како нужно зло

На прашањето што би променил тој, со оглед на тоа што се најавуваат промени во здравствениот систем, д-р Јани е категоричен:
- Не треба докторот да го доживува пациентот како нужно зло, кое треба да се откачи што побргу на каков било начин, најчесто со десетици препраќања на други клиники и играње пинг-понг со пациентот. Напротив, пациентот треба да почувствува внимание од докторот, да знае дека тој се задлабочува во неговиот здравствен проблем и размислува полека, без тензија околу третманот. Не рекле за џабе - брза кучка слепи кучиња раѓа. Затоа сега има најнеквалитетни прегледи во македонското јавно здравство откако тоа постои. Да се укине, навистина треба да се укине тој проект – вели тој.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје