X
 13.02.2018 Култура

Ејч-би-о ќе снима серија по македонско сценарио во режија на оскаровецот Денис Тановиќ

Сценариото за серијата „Успех“ го напиша Македонецот Марјан Алчевски, кој победи на конкурсот на Ејч-би-о Адриа за најдобро оригинално сценарио од земјите од поранешна Југославија. Популарната телевизиска мрежа Ејч-би-о (HBO) наскоро ќе почне да ја работи својата прва оригинална серија од Адриа регионот (кој ги опфаќа земјите од поранешна Југославија), која ќе се снима по сценарио на Македонецот Марјан Алчевски, а ќе ја режира познатиот босански режисер Денис Тановиќ. Станува збор за серијата „Успех“, со која Алчевски ќе се најде рамо до рамо со сценаристите на едни од најпопуларните ТВ-серии на Ејч-би-о, како што се „Сопранови“, „Игра на тронови“, „Сексот и градот“, „Дедвуд“ и сл.



Веста дека Ејч-би-о Европа дала зелено светло за снимањето на серијата „Успех“ под режисерската палка на Тановиќ ја објавија повеќе светски медиуми. Сценариото на Алчевски, кој во моментов живе и работи во Хрватска, победи на конкурсот „Фрст драфт“ на Ејч-би-о Адриа објавен кон крајот на 2016 година. На овој конкурс се бараа оригинални сценарија за ТВ-серија од земјите од поранешна Југославија, при што луѓето од Ејч-би-о го оценија сценариото на Алчевски како едно од двете најдобри меѓу 447 дела пристигнати на натпреварот. Освен по сценариото за „Успех“, Ејч-би-о одлучи да снима уште една серија, „Остров“, по сценарио на Иван Кнежевиќ од Србија. На конкурсот пристигнаа сценарија и од други автори од Македонија, но за жал не го привлекоа вниманието на продуцентите од телевизиската мрежа.

Серијата „Успех“ е драма чие дејство се одвива во Загреб во денешно време. Како што објасни Алчевски по победата на конкурсот на Ејч-би-о, станува збор за повеќеслојна драма фокусирана на ликовите. Тоа е приказна за група од различни луѓе кои ги поврзува едно злосторство, при што секој од нив на свој начин се обидува да ја преземе контролата врз својот живот додека последиците од нивните дејства им се закануваат да ги заробат.

За режисерот Тановиќ „Успех“ ќе биде првата телевизиска серија на која работел досега. Босанскиот режисер стана познат во светската јавност откако освои оскар за најдобар странски филм со „Ничија земја“ во 2001 година, кој всушност беше и негов дебитантски филм.

- Долго време добивам понуди да работам на телевизиски серии, за кои во моментов сметам дека се многу поинтересни и покреативни отколку филмовите, но ниту една од нив досега не ме заинтригира. Сценариото на Марјан Алчевски е неверојатнно напишано и многу сум среќен што Ејч-би-о го препозна неговиот квалитет и ми даде шанса да соработувам со него - изјави Тановиќ за светските медиуми.

Конкурсот на Ејч-би-о Адриа беше наменет за сите сценаристи и писатели од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словенија. Од нив се бараше да испратат оригинално сценарио за ТВ-формат (со исклучок на филм) кое се случува во денешницата. За сцеаристите не беше неопходно да имаат претходно искуство, а од нив се бараше да испратат сценарио за првата епизода во траење од 30 или 60 минути.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура