X
 14.02.2018 Наука

Тест за рано откривање на аутизмот (за деца од 18 до 36 месеци)

deca

Аутизмот е тешко да се препознае во раните фази бидејќи сè уште не постои единствен модел кој би бил соодветен за сите деца.

Сепак, научниците од Универзитетот „Ратџерс“ сметаат дека прашалникот во продолжение може да им помогне на лекарите да го детектираат нарушувањето, дури и кај малите деца, во време кога интервенцијата е многу значајна.

Бидејќи не постои медицински тест за дијагностицирање на аутизмот, а станува збор за нарушување што се карактеризира со тешкотии во социјалната интеракција, комуникацијата и склоност кон повторувачко однесување, лекарите мора да го проучуваат однесувањето на детето за да можат да ја постават дијагнозата.

Истражување од 2012 година истакнува дека во повеќе од 50 отсто од случаите на дијагностициран аутизам кај децата тие биле постари од 5 години, додека само во 20 отсто од случаите нарушувањето било дијагностицирано кај двегодишни деца.

Експертите тврдат дека токму доцнењето во поставувањето на дијагнозата го спречува добивањето помош во клучен момент. Исто така, многу е потешко да се дијагностицира нарушување кај девојчињата бидејќи критериумите главно се прават на машки примероци.

Лидерот на истражувањето, доктор Волтер Захородни, истакнува дека неговиот тим собрал податоци од 2.000 деца на возраст од една до три години, а повод биле родителите кои рекле дека жалат што претходно не го препознале нарушувањето кај децата.

Децата што на таканаречениот ПДQ-1 тест (Psychological Development Questionnaire) имале лоши резултати, се сметаат за ризична група, па е препорачано да се подложат на понатамошни истражувања.

Овој тест е наводно 88 отсто точен кога станува збор за идентификација на деца со аутизам, што значи дека кај повеќето деца што на тестот имале позитивен резултат бил откриен аутизам.

„Точната дијагноза може да биде потврдена само преку сеопфатна процена од експерти“, објаснува д-р Захородни, но додава дека овој тест е првиот чекор во дијагнозата и дека доколку научната заедница сака да го зголеми бројот на рано дијагностицирање на аутизам кај децата, овој тест мора да биде вметнат во широката употреба.

Тест за рано откривање на аутизмот


На тестот одговорете си „да“, „понекогаш“ или „не“. Доколку одговорот е „не“, обрнете внимание и понатаму и доколку е потребно, побарајте медицинска помош.

Моето дете...

1. Гестикулира за да покаже интерес или да привлече внимание;
2. Вообичаено реагира на звуци (се чини дека слуша нормално, не е премногу чувствително или пак да реагира претерано);
3. Се смее и редовно воспоставува контакт со очите со другите луѓе;
4. Реагира кога го довикувате неговото/нејзиното име;
5. Покажува интерес за игра;
6. Ужива во игрите како криенка;
7. Се поврзува со другите преку зборување, гестикулирање или менување на изразот на лицето;
8. Користи повеќе од три збора често и правилно;
9. Спојува зборови (на пример „сакам сок“ или „одиме па-па“)
10. Се смее кога се смеат другите.

*Тестот не се однесува на деца постари од 36 месеци.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука