X
 15.02.2018 Живот

Михајло Димитриевски - Тxе Мичо: битолчанецот кој ги нацрта ликовите од „Игра на троновите“

Македонија има можеби десетина активни илустратори што работат со полна пареа и се од светски калибар. И тоа е многу убаво, иако никој не нѐ есапи, вели Димитриевски.



Домашната јавност најмногу го препознава по илустрациите на омилениот детски лик Петко, во светот полудуваат по неговите цртежи на ликовите од популарната серија „Игра на троновите“, а неговото име стои рамо до рамо со легендите од светскиот стрип и илустрација во книгата „The Sakai Project“. Битолчанецот Михајло Димитриевски, попознат како Тхе Мичо, е еден од најпознатите илустратори и стрип-цртачи во земјава, но во изминатите години стана славен и кај пасионираните љубители на стрипот и илустрациите низ светот. Со Тхе Мичо, брзозборецот со специфичен хумор, разговаравме за тоа како цртањето од хоби се претвори во негова професија, за можностите што тоа ги отвора, за досегашните достигнувања и проекти, како и за идните планови.    


 
Како стигна до денешниот статус во светот на илустраторите? Потребно ли е формално образование за да се биде успешен илустратор и стрип-цртач или доволно е само да се има талент и желба за да се успее во оваа сфера?

- Да си еден од најпознатите илустратори во Македонија е исто како да си член на шампионите во ватерполо во земјава. Шампиони се затоа што нема други. Шегата настрана, Македонија има можеби десетина активни илустратори што работат со полна пареа и се од светски калибар. И тоа е многу убаво, иако никој не нѐ есапи. До овој статус (не сум сигурен до кој статус) стигнав благодарение на тоа што тетка ми беше судија во Врховниот суд. И плус цртав по цели денови, имав двојка по физика во средно и ништо друго освен цртање не ме интересираше (се смее). За да си илустратор, не треба формално образование, туку се потребни желба, упорност и вештина. А богами и тетка во Врховен суд или друга раководна функција во државата. Но, може и да се успее само со работа.



Стриповите и цртањето ти се огромна пасија од многу одамна. Помислуваше ли некогаш дека еден ден освен хоби ќе ти станат и професија?

- Апсолутно да. Тоа е единствената работа за која воопшто ме бидува. За сѐ друго сум труп. Добар сум кога на плејстејш играм „Овер воч“ и правам убави тостови, но тука некаде завршува листата со вештини што ги поседувам. Цртам од мал. Цртав каде што ќе стигнев, по маргините на книгите, на едни тефтери од битолскиот монопол каде што се запишуваше реколтата од тутунот и по тетратки. Отсекогаш планирав да бидам илустратор и никогаш не ни помислував да работам нешто друго. Додуша, за малку сосила ќе се запишев за доктор, ама за општонародна среќа не успеав.



Како влезе во светот на професионалните стрип-цртачи, кој беше клучниот момент?

-
Клучниот момент беше кога ми дадоа пари за тоа. Ако не се лажам, тоа беше некаде околу 1997 година – списанието „Студентски збор“. И пред тоа бев ангажиран за сликовници, книги и сл., но мислам дека тогаш почна официјална соработка со „Студентски збор“ за која ми плаќаа месечно. За лик од Битола кој пиеше кафе во локалното андерграунд-кафуле за 20 денари, тоа беше одлична сума. И потоа тргна работата. Илустрации, стрипови, контакти, па извесно време се преселив во Скопје каде што некое време работев во агенцијата „Идеа плус“ и во други маркетинг-агенции и се прошири кругот.



Пред неколку години влезе во светот на друштвените игри работејќи на илустрации за нив. На колку друштвени игри имаш работено досега и кои се најпознати од нив?

- Да, пред неколку години почнав да работам претежно на друштвени игри и добро ми оди. Барем така се надевам. Претпоставувам дека досега сум работел на педесетина игри и сѐ уште работам. Првата игра што ја изработив беше “Shipwrights of the north sea” на новозеландскиот издавач Шем Филип и претпоставувам дека на луѓето им се допадна играта и оттогаш тоа го работам. Се разбира, работам и на анимирани филмови, стрипови и книги, ама поголемиот дел од денот го посветувам токму на друштвените игри. Интересно е тоа што досега немам изиграно ниту една друштвена игра, но тоа е, некој мора да ги црта. Би рекол дека најпознати се “Raiders of the north sea”, “Valeria”, “Viral”,”Game of thrones-Hand of the king”, како и македонските “Cavern Tavern”, “Rise to nobility” и “Warlords: Battle for dominion” кои одлично котираат во светски рамки.



Во Македонија си најпознат по Еднооки и Петко, во светот по друштвената игра „Игра на троновите“. Како дојде до тоа да работиш на друштвена игра поврзана со мегапопуларниот серијал?

-
Работата на „Игра на троновите“ испадна случајно. Јас како фан на серијалот решив да нацртам неколку карактери од серијалот (според книгите што ги прочитав) и за брзо време почнаа еден куп луѓе да се лепат на тоа. Така, на шега, нацртав околу 500 карактери од серијалот. Голем дел од тие илустрации се наоѓаат на светските википедии за „Игра на троновите“, така што пред извесен период ми се јавија луѓето од Fantasy Flight Games и ми дадоа понуда што не можев да ја одбијам. И така, сега има официјална игра “Game of thrones” со мои цртежи.



Неодамна твоите илустрации и твоето име се најдоа во книга заедно со најдобрите светски стрип-илустратори. Какво признание е тоа за тебе?


- Станува збор за книгата „The Sakai Project”, која излезе пред неколку години од издавачот “Dark Horse Comics” по повод 30 години од излегувањето на стрипот Усаги Јоџимбо. Па сега можам да кажам дека да си во иста книга, рамо до рамо со буквално легендите од светскиот стрип и илустрација, годи, и тоа многу. Мињола, Дејв Гибонс, Ричард Корбен, Мат Гроенинг, Серџо Арагон, Алекс Малеев, Џеф Смит, Адам Хјуз, Чајкин... не знам зошто воопшто ви правам муабет (се смее).



Дел си од екипата што работи на првиот македонски долгометражен цртан филм „Јон Вардар против галаксијата“. До каде е реализацијата на овој проект?

 - Јас сум коавтор на ликовите и арт-директор на проектот. До каде е? До никаде. Чекаме да падне некој денар, па да продолжиме со работа. Досега слабо добивавме поддршка од институциите, ќе видиме отсега како ќе биде. Лично, би сакал да го видам реализиран бидејќи навистина нешто вакво не е видено кај нас во оваа област. Но, времето ќе покаже дали ќе успееме. Ако не, барем можеме книга да објавиме бидејќи и така имаме направено милион цртежи за филмот.



Каков е статусот на стрип-цртачите и илустраторите кај нас, има ли иднина оваа професија во Македонија? Кој е твојот совет за младите што сакаат да се занимаваат со тоа? 

- Статусот на илустраторите во земја каде што половина се неписмени, а половина се побратими со Хунзите е по малку разнишан, но опстојуваме. Да бидам искрен, ние сме земја на тажни луѓе за кои во моментов не сум сигурен дали воопшто минимално се заинтересирани за цртежи и книги. Иднината е во младите во секој случај бидејќи ние „постарите“ ја зезнавме работата. Затоа се надевам дека младите, кои имаат огромен интерес за поп-културниве уметности, ќе нѐ извадат некако бидејќи тоа е - ќе избегаме сите. Ова е тежок занает во земја каде што не се смета како занает. Ама ќе се бориме. За среќа, светот со технологијата нема граници (фала Богу), така што може да се пофалиме малку со талентите и надвор.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот