X
 16.02.2018 Образование

МОН притисна: Учениците добија шанса за утрешниот регионален натпревар по математика, тестовите ќе им бидат прегледани

По објавата на Факултети.мк дека за малку недолжни ќе настрадаа педесетина најдобри математичари од средните училишта „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз-Тито“, „Алгоритам“ и медицинското „Д-р Панче Караѓозов“, утрово комисијата за прегледување на тестовите ги зела непрегледаните тетратки од канцеларијата на Сојузот на математичарите на Македонија (СММ).



Со посредство на Министерството за образование и наука, проблемот со непрегледаните тестови на учениците од Општина Центар, на кои им беше скратена можноста утре да учествуваат на регионалниот натпревар по математика, е решен.

По објавата на Факултети.мк дека за малку недолжни ќе настрадаа педесетина најдобри математичари од средните училишта „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз-Тито“, „Алгоритам“ и медицинското „Д-р Панче Караѓозов“, утрово комисијата за прегледување на тестовите ги зела непрегледаните тетратки од канцеларијата на Сојузот на математичарите на Македонија (СММ).

Претседателот на СММ, Алекса Малчески, ја потврди оваа информација и ни изјави дека веднаш штом од Комисијата ќе ги добие резултатите, ќе ги стави на веб-страницата на СММ, за родителите и децата да видат кој се пласирал за утрешниот регионален натпревар.
- Прагот за влез е навистина низок, ова се талентирани деца за математика, па не се сомневам дека повеќето ќе треба утре да дојдат на регионалниот натпревар – рече Малчески.
Тој ни кажа дека утрово добил повик од МОН, ги известил за проблемот и им рекол дека единствен надлежен за прегледување на тестовите е комисијата составена од наставници од училиштата од Центар кои имале свои ученици на натпреварот што се одржал на 27 јануари.
По извесно време му се јавиле од училиштето домаќин, гимназијата „Јосип Броз-Тито“ и ги зеле тестовите за да ги прегледаат.



Проблемот со непрегледаните тестови настана кога родители на овие ученици упатија јавна реакција до надлежните институции и до редакцијата на Факултети.мк. Сојузот на математичарите на Македонија се повика на Правилникот за организирање на натпреварите по математика за средните училишта, според кој се формира Комисија која ги прегледува задачите, а е составена од наставници од училиштата што учествуваат и еден делегат на СММ.

Активот на наставниците по математика од „Јосип Броз-Тито“, кој беше домаќин на натпреварот, тврдеше дека СММ е информиран навреме дека тие нема да прегледуваат тестови. За таа одлука им јавиле уште кога почнале подготовките за натпреварот. Се повикаа на негативно искуство бидејќи натпреварот се одржува во неработен ден, дека не се членови на СММ, како и тоа дека немаат писмено решение дека се работно ангажирани, ниту пак материјално обесштетени за тој ангажман.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование