X
 16.02.2018 Образование

Најдобрите средношколци–математичари од Центар утре нема да одат на регионален натпревар зашто не им ги прегледале тестовите

- Мака ни е... Децата се подготвуваа два месеца, дење-ноќе. Како да им објасниме зошто сите се дисквалификувани, а тестовите воопшто не им се прегледани – велат револтираните родители кои ни го раскажаа случајот во Факултети.мк.



Средношколци од неколку училишта од Општина Центар немаат право утре да учествуваат на регионалниот натпревар по математика затоа што не им се прегледани тестовите од општинскиот натпревар, кој се одржа на 27 јануари. Ниту еден од овие педесетина ученици не се најде на ранг-листата со пласман, каде што се објавени имињата на учесниците кои ги исполниле условите и продолжуваат на регионалниот натпревар.
- Мака ни е... Децата се подготвуваа два месеца, дење-ноќе. Како да им објасниме зошто сите се дисквалификувани, а тестовите воопшто не им се прегледани – велат револтираните родители кои ни го раскажаа случајот во Факултети.мк.
Тие побараа помош од нас, откако со денови тропаат на вратите на сите релевантни институции за некој да им објасни што се случило. Од Министерството за образование и наука ги упатиле во Град Скопје, надлежен за средните училишта во градов.

Зошто не се прегледани тестовите?

Општинскиот натпревар во Центар се одржа кон крајот на јануари во гимназијата „Јосип Броз-Тито“. Тестовите на ученици од неколку средни училишта од оваа општина не се прегледани. Ранг-листата со пласман на ученици кои утре треба да продолжат на региoналниот натпревар по математика е објавена, но без да се земат предвид резултатите од тестовите на овие ученици. Родители на овие деца нè известија дека проблемот е во тоа што не била формирана комисијата за преглед на тестовите. Тие сметаат дека е направена елиминација на поголем број ученици на кои им се скратува можноста од идните придобивки, како што се конкурирање за стипендии, упис на домашни и на странски факултети.
- Од таа војна меѓу професорите и СММ единствена жртва се нашите деца, оние за кои постојат овие натпревари – напишале родителите во писмо до Министерството за образование и наука и до Просветниот инспекторат.
Зошто тетратките на учениците од „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Алгоритам“ и медицинското „Д-р Панче Караѓозов“ не се прегледани? Факултети. мк се обиде да дојде до одговор на овие прашања. Родителите не знаат.
- Немаме одговор, знаеме дека наставниците не ги прегледале. Од Сојузот, пак, ни рекоа дека не се надлежни за прегледување на тестовите – велат револтираните родители.

Топката се префрла, децата се жртви

Претседателот на Сојузот на математичари на Македонија, професорот Алекса Малчески, ни потврди дека тестовите на учениците од Општина Центар што учествувале на општинскиот натпревар, каде што домаќин била гимназијата „Јосип Броз Тито“, не се прегледани. Според него, вината е во комисијата, односно сите училишта од Општина Центар кои не испратиле свои делегати-наставници за да се формира комисија која ќе ги прегледа тетратките.
- Во другите 35 општини се навреме прегледани и резултатите се објавени на нашата веб-страница. Домаќини на општинските натпревари се училиштата, за Центар таа обврска ја презеде „Јосип Броз Тито“. Сѐ беше во најдобар ред, дојдоа децата, ги решија задачите. По натпреварот ми се јави одговорната од Сојузот и ми кажа дека комисијата не сака да ги прегледа тетратките. Потоа се јавија и ни кажаа дека немаат формирано комисија и не ги прегледуваат задачите. Ни ги доставија во Сојузот – објаснува Малчески.

Од Активот на наставниците по математика на гимназијата „Јосип Броз Тито“, пак, велат дека СММ бил навреме информиран дека наставниците од овој актив нема да учествуваат во прегледување на тестовите. Оваа одлука ја донеле според Правилникот за начин и критериуми на организирање и изведување на натпревари во основни и во средни училишта, донесен од МОН, како и од претходните искуства - регионален натпревар по математика 2015 г. - кога домаќин била гимназијата.
- Членовите на Активот останаа на работа од 8 до 19 часот, во сабота – неработен ден за наставниците. Активот контактираше со секретарот на СММ, г-ѓа Шекутковска, и истото ѝ беше пренесено, бидејќи г. Алекса Малчески, и покрај упорното наше инсистирање, не беше достапен за комуникација на од него доставените телефонски броеви – информираат наставниците.
Во нивниот записник велат дека до денот на натпреварот немало формирано комисија за прегледување на тестовите, за што претходно биле известени во СММ.
- По завршување на натпреварот во 12 часот, повторно беа направени неуспешни обиди за контакт со г. Малчески, поради што Активот повторно контактираше со секретарката на СММ и се договори да ѝ ги предаде тестовите од натпреварот во просториите на СММ. Ова беше сѐ навреме направено со цел да нема негативни последици за учесниците на натпреварот. Сѐ до завчера, ние како училиште и нашите ученици, иако според правилникот тоа треба да го направат за 15 дена, не бевме информирани за резултатите од натпреварот, кој е во надлежност на СММ.



Професорите потенцираат дека не чувствуваат вина за настанатата ситуација бидејќи денот на одржување на натпреварот бил сабота - неработен ден за сите наставници во средно и во основно образование, кога секој од нив си има свои планови и обврски кон семејството.
- Според Правилникот за начин и критериуми на организирање и изведување натпревари во основни и во средни училишта, член 8, не сме членови на нивното здружение и не сме обврзани да бидеме во комисијата за прегледување. Немавме никакво писмено решение дека сме работно ангажирани, ниту пак материјално обесштетени за нашиот ангажман. Сѐ како и досега беше наша добра волја и љубов кон професијата и учениците – информираат од Активот на наставници по математика во „Јосип Броз-Тито“.

Комисијата за преглед ја формира организаторот, составена е од наставници

Малчески е дециден дека СММ не може да ги прегледува тестовите.
- На родителите им кажав да не бараат од нас да ги прегледаме тетратките зашто немаме надлежност да го правиме тоа. Ние не прегледуваме, си има комисија за прегледување на задачи според Правилник. Со оваа постапка тие како организатори на Општина Центар се самодисквалификуваа – вели Малчески.

На прашањето дали ранг-листата на учесници што в сабота ќе се натпреваруваат на регионалниот натпревар по математика е регуларна бидејќи одреден број тестови воопшто не се земени предвид, Малчески вели:
- Да, ранг-листата е регуларна, тврдам дека е така бидејќи самите домаќини се самодисквалификуваа.

Инаку, според Правилникот за изведување на натпревари по математика во средното образование, комисиите за прегледување на задачи ги формира Организаторот на општинските, односно регионалните натпревари. Комисијата е составена од наставници по предметот математика и делегатите на СММ. Секое училиште што учествува на натпреварот е должно да делегира еден член во оваа комисија, при што секој член прегледува во клас во кој не предава и нема свој натпреварувач. Комисијата се состои од најмалку три члена. Малчески ни потврди дека на општинските натпревари во овие комисии нема делегат на СММ.




Во известувањето за одржување на регионалниот натпревар што ќе се одржи утре, кое е ставено на веб-страницата на СММ, со црвена боја е јасно потенцирана една промена. Отсега, секое училиште што нема да делегира најмалку еден прегледувач на тест ќе биде дисквалификувано, односно нема да се прегледаат задачите од тоа училиште.
- Оваа промена ја направивме сега. Воопшто не било предвидено нешто слично во Правилникот бидејќи ни на крај на памет не ни дошло дека некој може да направи ваква работа. Потенцирам дека вакво нешто,  да не се формира комисија и наставници да одбијат да прегледаат задачи, не ни се случило откако сме почнале да ги организираме натпреварите. Тие треба да ви кажат зошто – вели Малчески.
Тој потенцира дека му е многу жал за децата бидејќи има многу талентирани за математика.

Родителите велат дека учениците се разочарани, се чувствуваат понижено, не им е јасно што се случило.

- Ако немало кој да ги прегледува тестовите, зошто ги оставија три часа да полагаат и да се изложуваат на стрес. Секој ден чекаат одговор од нас, можеби некој од нив има 100 поени, можеби 7, но секако заслужуваат да добијат одговор – вели еден од родителите.

МОН ПРИТИСНА: УЧЕНИЦИТЕ ДОБИЈА ШАНСА ЗА УТРЕШНИОТ РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР ПО МАТЕМАТИКА, ТЕСТОВИТЕ ЌЕ ИМ БИДАТ ПРЕГЛЕДАНИ
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование