Сите имаме другарка што постојано објавува слики од нејзината бременост, па од раѓањето на нејзиното бебе, па потоа фотографии од креветчето, излегувањето од болница и така натаму.
За новите генерации е природно она што го окупира нивниот живот да го окупира и нивниот профил.
За овој тип родители се измислени и нови термини „шерентинг“ (sharing+parenting). Трендот главно го имаат прифатено мајките.
Меѓутоа, ова се неколку работи на кои родителите треба да обрнат внимание пред да ги објават фотографиите од нивните деца.
„Твое бебе, мое бебе“
Пред три години една мајка останала во шок сфаќајќи дека на друг профил од непозната жена се наоѓаат слики од нејзиното бебе, и како оваа жена зборува дека бебето е нејзино.
Жената ги презела фотографиите од профилот на вистинската мајка, ги поставила на својот профил и ги убедила нејзините следбеници дека тоа е нејзино бебе.
Детска порнографија
Најголемиот кошмар за секој родител е сликата од неговото дете да заврши меѓу содржините за детска порнографија. За жал, овие работи се случуваат и баш поради тоа, родителите треба да бидат екстремно внимателни. Она што нормална личност го гледа како невина содржина, педофилот го гледа на различен начин.
Искористени фотографии за промотивни цели
Некои нискобуџетни компании од другиот крај на светот, кои не планираат своите производи да ги испратат токму во нашата земја, лесно можат да ја преземат сликата од вашите деца и да ја искористат за промотивни цели.
Токму ова му се случило на едно американско семејство кога нивните пријатели од Чешка им донеле слики од нивното дете кои биле искористени за реклама против Даунов синдром.
Мемиња
Сите ги користиме и знаеме колку се смешни. Но прашање е колку ќе бидат забавни ако фотографијата од вашето дете, кога тоа прави гримаси, се претвори во интернет-сензација.
Експертите велат дека е сосема природно што родителите сакаат да се фалат со своите деца и нивните постигнувања, но доволно е една личност за да ја злоупотреби сета таа добрина и среќа - и тоа ќе го уништи цел систем.
Најдобро е да не се поставуваат слики од
децата, а ако веќе се прави тоа, тие да бидат видливи само за проверените пријатели.