X
 19.02.2018 Образование

Државата ги стипендира да учат на најдобрите светски универзитети, но не ги користи нивните знаења

Од Министерството за образование и наука немаат точна информација колку од стипендистите нашле работа или каде работат откако се вратиле во Македонија.



Само минатата година државата потрошила 3,3 милиони евра за стипендиите за студии од прв, втор и трет циклус наменети за студенти што се запишале на некој од 100. светски универзитети од Шангајската листа. Стипендијата ги обврзува кандидатите да работат во Македонија по завршувањето на студиите. Но, државата не ги користи нивните знаења бидејќи голем дел од нив не се вработени во државните институции, но и со години лутаат барајќи  какво било вработување.
- Зошто државата нѐ финансира, а потоа не нѐ користи за развој на институциите? Да покажеме што сме научиле на светски познатите универзитети - прашува стипендистка.
Од Министерството за образование и наука немаат точна информација колку од стипендистите нашле работа или каде работат по враќањето во Македонија. Од МОН нѐ информираа дека за седум години, колку што трае проектот, 98 стипендисти веќе ги завршиле студиите на прв, втор или трет циклус. Само за 28 од нив имаат информација дека имаат работен ангажман. Нема податоци колкав е бројот на оние што се без работа.

Магистрирала во Лондон, по три години ја прашале дали се снашла

Македонка, која пред четири години магистрирала на University College London, на насоката руска книжевност, вели дека веднаш штом се вратила во Македонија го информирала МОН дека е достапна за ангажман како што налага договорот, но не добила никаков одговор.
- Се вратив бидејќи бев обврзана првите шест месеци да сум достапна за работа во македонска институција и очекував дека ќе најдам работа. Откако пишав дека сум вратена, никој не ми одговори. Ми пишаа дури по три години да ме прашаат дали сум се снашла. Им вратив дека е срамота по три години да ме прашуваат како сум се снашла за работа. Да знаев, ќе останев во Лондон и ќе барав чаре да продолжам со докторски студии бидејќи имав виза за уште шест месеци – објаснува таа.



Оваа стипендистка ни кажа дека истата приказна се случила и со нејзиниот свршеник, кој студирал во Лондон, како и уште неколку други лица.
 - Не ја разбирам поентата да се трошат државни пари за образование на кадар, а да не се искористат нивните знаења за развој на институциите на државата. Едноставно за џабе е сето тоа – вели таа.
Сега работи во приватна компанија, но вели дека познава многумина што завршиле на врвни универзитети и немаат работа. Некои се соочувале и со проблеми додека студирале бидејќи им доцнеле со плаќање на ратите за студии, како и за режиските трошоци.
- Мојот свршеник, на пример, извесен период немаше пристап до универзитетската библиотека бидејќи доцнеа со плаќање на ратата за студии – објаснува таа.

193 стипендисти за седум години

Од Министерството за образование и наука велат дека досега ваков тип стипендија им е доделена на 193 државјани на Република Македонија. Буџетот што за финансирање на образованието на овој тип студенти се одвојува на годишно ниво е различен. Тој зависи од бројот на апликанти чија апликација е прифатена, како и од тоа на кој факултет се запишани, во која земја, колкави се тамошните трошоци за живот, сместување и слично.



- Конкретно, во 2017 година се обезбедени околу 3,3, милиони евра наменети за новите стипендисти, но и за оние што веќе студираат – велат од МОН.
Од ресорното министерство потенцираат дека во моментов преку координирана активност на повеќе владини ресори се прави анализа на потребата од кадарот што ги има завршено студиите, со цел да им се понуди на дипломираните студенти соодветен работен ангажман во институциите на системот.
- Вкупно 98 стипендисти веќе ги завршиле студиите на прв, втор или трет циклус. Дел од нив продолжиле со студии на повисок степен, а од досегашните информации што ги доставија стипендистите до нас, 28 имаат работен ангажман – велат од МОН.
Инаку, по завршувањето на студиите кандидатите, согласно потпишаниот договор за користење на стипендијата, имаат обврска да се вратат во Македонија и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на студирање. Првите 6 месеци по враќањето во земјата треба да бидат на располагање за вработување во органите на државната управа, но тоа не е задолжителна обврска на Владата, односно на Министерството за образование и наука.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование