X
 21.02.2018 Живот

И на сторителите на семејно насилство им треба помош, но кој ќе им помогне?

Во Македонија постои само еден центар во кој се работи со сторителите на семејно насилство, а третманот што треба да го добијат не е доволно организиран од институциите на државата. Тие ретко кога се свесни дека им е потребна помош, па без третман од стручни лица (социјални работници, психијатри и психолози) најчесто го повторуваат насилното однесување, чии жртви се партнерите и децата во семејството. Првиот и единствен семеен центар во кој се нуди помош работи во состав на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.

Социолозите, социјалните работници, психијатрите и психолозите се единствени во заклучокот дека мора да се организира системски третман за сторителите на семејно насилство, да се охрабруваат жртвите да зборуваат за тоа, но и општеството да научи полесно да го препознава преку подигање на општествената свест.





Премал број сторители добиваат помош


- Сторителите на семејно насилство што добиваат помош од терапевтите, советувачите во нашиот центар најчесто доаѓаат по изречена судска мерка според која треба да дојдат на советување во Прв семеен центар, а има и сторители што немаат мерка изречена од суд, туку се препратени од Центарот за социјална работа. Ние сме специјализирана установа за советување и имаме потпишано Меморандум за соработка со Центарот за социјална работа и врз основа на тоа тие упатуваат клиенти во нашиот центар. Меѓутоа, постои опција тие да доаѓаат и самостојно, односно секој што има потреба од поддршка или сака да добие информации во врска со семејно насилство, како жртва или како сторител, може да се обрати кај нас – вели Фросина Ивановска, менаџерка на центарот.
Повеќето сторители на насилство што доаѓаат во центарот се мажи. Лани таму работеле со околу 30 сторители на насилство, од кои со изречена мерка дошле шестмина, а од нив две биле жени.

- Истовремено работевме и со 90 жртви на семејно насилство. Ме радува што некои од сторителите, кои покажуваа отпор кога првпат дојдоа тука, по пет-шест месеци од третманот го сменија односот кон нас и поради стекнатата доверба, сакаа да остане отворена можноста доколку пак имаат потреба, повторно да може да дојдат и по завршувањето на третманот – вели Ивановска.



Каде се губат во системот сторителите на семејно насилство и што треба да се направи за да им се помогне?

- Ние сме единствената држава во европски рамки што има недоволно изграден увид за тоа дека една од најбитните ставки на едно демократско живеење е здраво и стабилно семејство, како и коректни меѓучовечки релации – вели асс. д-р Насер Дурмиши, психијатар кој е ангажиран во центарот.
Во нашата држава институциите, како што се здравствените, воспитно-образовните институции и слични се задолжени, доколку постои индикација дека има злоупотреба на жена, дете или маж, тоа да го пријават во Центарот за социјална работа и во МВР.
- Случајот се пријавува, тие ја повикуваат жртвата и со тоа започнува постапката за нејзина заштита и прекинување на насилството – објаснува м-р Александра Цонева, социјален работник, исто така ангажирана во центарот.

Недоволно свесни дека им треба помош

Во нашата средина, објаснува д-р Дурмиши, сторителите на насилство имаат недоволен увид за потребната помош.
- Најверојатните причини се културолошката средина и културолошкото ниво, односно присутните предрасуди, социјални стереотипи, социјално наученото однесување. По поминатите неколку подготвителни (две-три) средби, тие стекнуваат увид и стануваат свесни и го критикуваат настанатиот конфликт што ескалирал во насилство. Тогаш вообичаено реагираат зачудено, збунето, а потоа дури и велат дека ќе донесат и нивни пријатели за кои сметаат дека им треба таква помош. Сигурно дека им се менуваат увидот и ставот околу конфликтот што се случил и насилното однесување, но тоа е веќе друг сегмент. Со самото тоа им се менува мислењето за оваа програма и психосоцијален третман. Знаете, на почетокот многумина имаат отпор кон тоа да влезат во некоја ваква програма, а камоли да бидат свесни дека таа програма им треба. Но, веќе по првите неколку средби, кои се подготвителни, тие се освестуваат, па дури и се чудат зошто некој уште од многу порано (пред партнерски соживот) не им понудил такво нешто за да се превенира ескалацијата на конфликтот во релацијата, па дури и да се стаса до поквалитетни партнерски релации – вели д-р Дурмиши.



Психосоцијалниот третман преку предвидените тематски единици им овозможува на сторителите на насилство да се соочат со нивниот проблем и да се справат со него.
- Но, секако дека нашата програма не е адекватна за сите случаи на сторено насилство. Затоа, во одредени случаи по средбите за процена за адекватност за вклучување во писхосоцијален третман на сторители на семејно насилство може да им се препорача друг вид психолошка или можеби и психијатриска помош што би била поадекватна во нивниот случај – објаснува д-р Дурмиши.

Разбирање и прифаќање

Д-р Дурмиши вели дека стручните лица што го водат третманот ги разбираат сторителите на семејно насилство. Целата постапка на работа со нив се темели на меѓусебно разбирање и доверба за да се дојде до конечен заеднички заклучок за тоа кои се причините за таквото однесување. Целта е да се научат нови обрасци на социјално прифатливо однесување, што воедно ќе овозможи решавање на висококонфликтни ситуации.
- Потребно е внимателно користење на терминот насилник бидејќи станува збор за одредена група вообичаени луѓе кои во одредени ситуации, поради недостиг на посоодветни обрасци на решавање на секојдневни животни конфликтни ситуации, манифестираат насилно однесување - објаснува докторот.
Во нашето општество, културолошки, под насилство се подразбира само физичкото насилство. По правило, на физичкото насилство му претходи долготрајна континуирана емоционална злоупотреба. Вообичаено не се препознаваат другите форми на злоупотреба, како што се психолошката, економската и сексуалната злоупотреба, кои се децидно дефинирани во законот, па поради тоа, најчесто стореното насилство се пријавува дури откога тоа ќе ескалира во својата најгруба форма, т.е. физичка злоупотреба.
 - Затоа, во програмата за психосоцијален третман на сторители на семејно насилство е предвидено запознавање со сите видови насилство, стекнување увид и критичност за настанот, учење нови обрасци на однесување. Притоа неретко се добиваат реакции како: „Па ако е тоа насилство, тогаш мојот пријател, мојот сосед, мојот роднина е насилник“. Терминот сексуално насилство во брачна заедница во нашата културолошка средина е речиси непознат поим – објаснува Цонева.



Причини за насилно однесување

Зошто некој се однесува насилно? Социјалниот работник вели дека треба да се тргне од семејството како основна клетка на секое општество и примарен фактор на социјализација на секој поединец.
- Тие сторители сигурно потекнуваат од семејства каде што насилството било вообичаен начин на комуникација. Кај нас забраната на жената да оди на работа или кога мажот ѝ кажува што треба да направи, каде може да оди, како да се облече, се подразбира како внимание, како грижа за жената, а тоа всушност претставува насилство – објаснува Цонева.
Д-р Дурмиши дополнува дека насилството се учи, и тука е главната поента на тоа зошто ние како социјална средина мораме да преземеме многу сериозни мерки.
- Ако насилството е момент кој се учи, тоа значи дека денешните деца што се сведоци на еден таков настан во своето семејство утре ќе бидат потенцијални сторители на насилство. Тоа е еден многу акутен и сериозен културолошки и социјален проблем и средина која се смета за сериозна мора да преземе многу посериозни и посилни мерки од оние што во моментот постојат – потенцира.
Насилство се и погрдни зборови, туркање, кубење за коса, а оневозможување на увидот на брачниот партнер во тековната финансиска сметка е економско насилство.
- Во семејното насилство најчесто и во принцип речиси секогаш спаѓа целото семејство. Ако одиме по реалната дефиниција за семејното насилство (економско, сексуално, психолошко и физичко), кога доаѓа до него во семејството пред очите на децата јасно е дека прво се крева гласот, па на крајот може да дојде до шлаканица или физичка повреда. Еден го крева гласот, другиот враќа со шлаканица, па првиот одговара на тоа со навреди... Во таков случај сите се соучесници во стореното семејно насилство – вели д-р Дурмиши.

Кои се најтешките облици на насилство?

Ивановска објаснува дека има разлика во тоа дали некој сака врз некого да манифестира целосна моќ и контрола и дали има облици на насилство што не се толку ризични и сериозни и нема целосна моќ и контрола.
- Односно, дали ја контролира каде оди, со кого оди, со кого работи, дали има пари, сексуално ја принудува и зависи од неговата волја или не, дали ги користи децата како механизам за да манипулира со партнерот, дали ги користи машките привилегии и жената има третман на слугинка... Тука има разлика. Оние случаи каде што има целосна моќ и контрола се случаи кога жените трпат почести, погруби и поинтензивни облици на насилство, а има и жени што не трпат толку сериозни облици и не се под ризик од повреда – вели таа.
Во оние случаи каде што нема облик на целосна контрола има повеќе психичко насилство со поретки моменти кога тоа ескалира во физичко. Жртвите, најчесто жените, реагираат со повлекување, срамење, дури и со криење од примарното семејство и од пријателите. Има и жени што возвраќаат, се бранат дури и со физичко насилство, но тоа е многу мал процент.

Дали се посебна категорија луѓе?

Д-р Дурмиши објаснува дека сторителите на насилство не може да се пронајдат во посебна категорија или група на луѓе, тие можат да бидат од секој социоекономски статус, од која било социјална средина.
- Тоа се луѓе како и сите ние, само мерката ги категоризира како посебна група поради недостиг на соодветни обрасци на социјално прифатливо однесување. Според тоа, секој може да е сторител на насилство ако не знае да се снајде во одредена ситуација за решавање конфликт.


Децата да научат да препознаат насилство

Сторители на насилство може да се и родителите што ги воспитуваат децата преку физичко казнување.
- Дете кое дома веќе го научило насилството, утре многу лесно може да крене рака на друг – вели д-р Дурмиши.
Децата треба да се учат да препознаат насилство, согласни се нашите соговорници. Така ќе знаат и како да се заштитат и како да си помогнат.

Како да се стаса до третман?

Доколку некој сака да побара помош, прво треба да се јави во центарот, да каже дека има потреба од услугите што се нудат таму и да се договори термин за средба. Првата средба е со менаџерката Ивановска, која му објаснува како функционира програмата, што тоа значи и што може да очекува. Потоа се прават поединечни средби за процена, некогаш три-четири, а некогаш и повеќе.
- Правиме процена дали клиентот може да има корист од програмата. Има една мала група луѓе што не се соодветни за таков третман и за нив даваме наша процена. Во таква група спаѓаат корисниците на психотропни супстанции, корисниците на алкохол, одредени психијатриски категории и сл. Ним им се препорачуваат други видови третмани, за кои добиваат препорака – вели д-р Дурмиши.
Сите во центарот, уште на првичните средби со оние со кои работат, настапуваат со разбирање, со градење меѓусебна доверба и без осудување.
- Програмата почнува по првите средби за процена. Се состои од 16 структурирани тематски средби. На нив се работи на тоа што се случило, зошто се случило насилството, кои се факторите што го предизвикале, им објаснуваме дека тие не се родени насилници и дека тоа е еден многу чест, па дури речиси и вообичаен механизам за справување со кризата на луѓе што не знаат да се снајдат во одредена ситуација. Продолжуваме со учење нови механизми за справување со критични моменти, со криза и разрешување конфликти. Ние тука се дружиме четири месеци, односно имаме една тематска средба неделно – вели д-р Дурмиши.
Цонева објаснува дека во текот на третманот имаат средби и со партнерите на сторителите на насилство.
- За времетраењето на третманот сакаме да видиме какви се ефектите од него. И резултатите покажуваат дека има промени, кои ние ги гледаме и кај самите сторители – вели таа.

Ни требаат многу повеќе центри

Нашите соговорници потенцираат дека треба да има поголем број упатувања во центарот, а оние што упатуваат да имаат подобар увид на кого сè можат да му изречат мерка да дојде на третман. Само на Скопје му требаат десетина вакви центри, а секој друг град во Македонија да има барем по два. Хрватскиот главен град има десетина вакви центри и тие одлично работат.
-Знаете како велат, ако сте спасиле еден живот, сте спасиле цел свет. Ние не сме здравствена установа, но знаеме со што сè може да заврши насилството и среќни сме дека индиректно спасуваме и животи, преку подобрување на квалитетот на живеењето. Потребна е одредена кампања за подигање на свеста за постоење на ваквиот вид третмани за да го подобрат квалитетот на нивниот живот и на животот на нивните блиски – заклучува д-р Дурмиши.

Ретко која жртва пријавува насилство

Не секоја жртва на семејно насилство го пријавува случајот. Статистиките на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во првото полугодие од 2017 година се поднесени кривични пријави за вкупно 384 сторители. Од нив 94 отсто се мажи, а во најчест случај извршителот на семејното насилство е сопруг (во 161 од случаите), син (во 84 од случаите) и татко (во 21 од случаите) на пријавено семејно насилство. Најранлива категорија во семејното насилство и понатаму, дури во 75 отсто, се жените, а покрај нив жртви на семејно насилство се и родителите и децата. Според начинот на извршување, најзастапено е физичкото насилство - дури во 323 од случаите, 17 случаи на физичко насилство биле со ладно оружје и во еден случај со употреба на огнено оружје. При семејно насилство на жртвите во 58 отсто од случаите им се нанесени телесни повреди, а во 39 проценти од случаите се работи за кривично дело загрозување на сигурноста. Најчесто семејните насилства се извршени во состојби на растројство, и тоа во 164 од случаите. Во овој период регистрирано е едно убиство на сопруга и два обида за убиство.
Подготвил: Наташа З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот