X
 23.02.2018 Образование

Факултети.мк во посета на најстарото училиште во Македонија, „Св. Кирил и Методиј“ во Велес

Со освоен сребрен медал на јуниорската македонска математичка олимпијада, Бојан Димовски (9 одд.) е најдобриот ученик на ова училиште. Освен со бројките, сака да се дружи и со книгите - Олдос Хаксли е негов омилен автор


Екипата на Факултети.мк го посвети февруари на интересни приказни и личности од Велес. Не можевме, а да не му обрнеме внимание на најстарото основно училиште во Македонија, „Св. Кирил и Методиј“. Сместено во стариот дел на градот, во непосредна близина на многу културни обележја на градот (куќите на Кочо Рацин, Јордан Хаџиконстантинов-Џинот), преродбеникот Васил Главинов и други обележја), од ова училиште се изродиле Кочо Рацин, Панко Брашнаров, гемиџиите, актерот Петре Прличко, ракометарот Пепи Манасков...
Минатата година „Св. Кирил и Методиј“ одбележа 160 години од основањето.

 
Наш домаќин во училиштето беше Илчо Стојановски, в.д. директор од пред два месеца, инаку наставник по ликовно образование во истото училиште веќе десет години. Иако е кусо време на раководна позиција, сепак, добро го познава училиштето и условите во кои учат децата.
- Нашето училиште отсекогаш се наоѓало на оваа локација. Комплетно е реновирано, со солидни услови за работа, термофасада, нови клупи, столчиња. Досега трипати сме избрани за училиште со зелено знаме (2011/2012, 2014/2015, 2015/2016 учебна година). Ние сме едно од осумте училишта во Македонија што на интегрална евалуација пред две години (што ја прави Државниот просветен инспекторат, н.з.) добивме оцена 5 – се пофали директорот Стојановски.

В.д. директорот на училиштето, Илчо Стојановски, со скулптурите кои се негово дело

Ова училиште има 29 паралелки (од кои две се во подрачното училиште во с. Црквино) во кои се сместени 629 ученици. Учениците се добитници на многу награди на домашни и на меѓународни натпревари. Неодамна учествуваа на интернационален натпревар по биологија со интересен проект - „Од гасеница до пеперутка“. Училиштето освоило прва награда на фестивал во Италија за колективна стихозбирка „Иднината е едно место во светот“.
Активни се со многу секции, како од областа на науките така и од спортот.
- Од лани отворивме копаничарска работилница, под мое раководство, имаме литературна, драмска секција, која создава многу добри претстави. Ни се истакнува ракометната екипа. Имаме традиција на негување на ракометот во ова училиште – вели Стојановски.

Деветтоодделенецот Бојан Димовски е најдобриот во генерацијата

Во училиштето учат многу талентирани деца, меѓу кои го издвои и деветтоодделенецот Бојан Димовски, кому ниеден предмет во училиштето не му е тежок. Математиката и информатиката му се најмногу при срце. Лани освои сребрен медал на јуниорската македонска математичка олимпијада.
- Многу ме исполнува математиката. Сакам да наоѓам решение за проблемите. Периодов заедно со мојата наставничка Мелита Неделчева се подготвуваме за натпреварот по математика, на 24-ти е општинскиот. Сакам да читам и книги. Психолошки трилери, хорор, дистопии. Олдос Хаксли ми е омилен автор – вели Бојан, кој планира да учи информатика во средното училиште „Коле Неделковски“ во Велес.

Спортската сала бара спас

Рак-рана за ова училиште е спортската сала, која бара голема реконструкција.
- Никако да ја средиме спортската сала. Таа е голема, нема греење и не држиме настава во сала зиме. Физичко одржуваме во мензата, наставниците и децата се приспособуваат, играат пинг-понг, шах. Патосот во салата е многу лош, сме конкурирале за да ни го сменат, ама ништо. Проблемот е што ние немаме доволно дополнителни приходи за тоа сами да го направиме. Порано повеќе заработувавме, ја изнајмувавме салата, ама сега и тоа го нема. Имаме една мала игротека што ја изнајмуваме за родендени, ама тоа е малку – вели Стојановски.

Спортската сала е голем проблем за училиштето

Со оглед на тоа дека е наставник по ликовно, го замоливме Стојановски да даде свое мислење за предложените измени во програмата за основно образование, според кои, предметите музичко и ликовно ќе се спојат во едно.
- Наставниците по ликовно, по музичко, техничко образование имаат сѐ помалку часови и ни се намалува фондот на часови. Англискиот е влезен уште од прво. Не сум заложник за идејата да се спојат тие предмети. Добро е што се зголемуваат часовите по физичко. Но, сепак, мислам дека мора да се стави акцент и врз креативноста. Високообразовните институции од овие области треба повеќе да се заложат за тоа – смета Стојановски.


Во училиштето го запознавме и психологот Соња Ристовска, која истакна дека имаат добра соработка со родителите кога станува збор за решавање проблеми, особено кога е во прашање врсничкото насилство.
- Ние немаме екстремни случаи на врсничко насилство, како училиште се трудиме тоа да е што помалку, имаме видеонадзор, ги анкетираме учениците, имаме дежурни наставници, организираме едукативни работилници за превенција од врсничко насилство, имаме кодекс на однесување. По секој конфликт се трудиме да разговараме со учениците и да се надминуваат проблемите – истакнува Ристовска.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование