X
 26.02.2018 Образование

Го посетивме Технолошко-техничкиот факултет во Велес: Ниските трошоци за живот ги „мамат“ студентите

Факултетот, кој е комплетно фокусиран на едукација на инженерски кадар, од 2016 година има акредитација и за докторски студии.



Со ниски трошоци за живот Велес примамува студенти од сите градови од земјава што имаат желба да студираат на некое од научните полиња на прехранбената технологија, биотехнологијата и нутриционизмот. На Технолошко-техничкиот факултет во Велес, кој е единица на Битолскиот универзитет, формирана во 2008 година, учат студенти од Велес, но и од Скопје, Кавадарци, Прилеп, Неготино, Валандово, како и докторанди од Косово и од Албанија.

Професорите имаат најголем број трудови

- Имаме студенти од повеќе градови, не само од Велес. За разлика од Скопје и Битола, тука режиските трошоци за живот на студентите се помали. Тука е многу поевтино да се изнајми стан, студенти ми велат дека наоѓаат и за 50 евра – вели професорката Весна Антоска Knights, продекан за настава.
Факултети. мк го посети факултетот во Велес, кој од 2009 година има и последипломски студии. Факултетот, кој е комплетно фокусиран на едукација на инженерски кадар, од 2016 година има акредитација и за докторски студии. Професорите од овој факултет може да се пофалат со најголем број објавени трудови во списанија со импакт-фактор на ниво на цел Битолски универзитет. Тоа го покажала самоевалуацијата на Универзитетот.


Професорката Антоска Knights е продекан за настава

Докторанди од Косово и од Албанија


Студентите имаат практична настава во лабораторија на факултетот во Велес, но може да посетуваат и во Кичево и Битола. Дисперзираните студии во Битола исто така привлекуваат повеќе студенти.
- Имаме насоки по прехранбена технологија и биотехнологија и нутриционизам. И двете насоки се атрактивни и интересот е постојан. Столбот на факултетот е технолошкиот дел. Имаме и тројца странски студенти од Косово и од Албанија кои учат на англиски јазик. Интересно е да напоменам дека професорите се од повеќе области, имаме и лекари, прехранбени технолози – вели професорката Антоска Knights.


Студентката Митова само што положи Анатомија

На насоката Нутриционизам во прв циклус на студии досега дипломирале стотина студенти, а на студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија дипломирале 120 студенти.
На факултетот ја сретнавме студентката Благица Митова, која само што го положи испитот по Анатомија.
- Студирам на насоката нутриционизам, од Велес сум. Втора година сум, тоа го учев средно и затоа сакав да продолжам во истата област и на факултет. Сметам дека има перспектива за работа со оваа насока, на повеќе места може да се работи. Убаво ми е и што сум дома, во Велес, па нема големи трошоци – вели Митова.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование