X
 28.02.2018 Образование

Кога бев студент со д-р Жан Митрев: Бев опседнат со медицина, учев навечер, кога ќе завршеа забавите

Најдобар бев во најтешките предмети - патофизиологија, анатомија, хирургија. Имав просек околу 9 и тоа без да фаќам врски, вели академикот, кој токму на утрешен ден пред 18 години ја направи првата операција во Скопје



Како мал се плашел од лекари и од бели мантили, а кон крајот на средното образование веќе бил сигурен дека ќе учи медицина. Во втора година на Медицинскиот факултет во Скопје знаел дека ќе ѝ се посвети на кардиохирургијата. Д-р Жан Митрев веќе 18 години секојдневно ја подобрува сликата за кардиохирургијата во нашата земја. Факултети.мк и „Пивара Скопје“ го убедија да ја сподели со нас неговата студентска приказна. Бевме упорни и украдовме половина час од неговиот зафатен работен ден.
Роден е во Штип, во 1961 година. Судбински или случајно, детството го поминал во дворот на штипската болница.
- Се кршевме, сечевме нозе, раце, бевме пргави деца, такви ни беа игрите. Врти-сучи, по неколку пати во сезона ќе завршевме во болница. Одевме многу и боси. Како дете никогаш не сум помислил дека ќе бидам доктор оти имав уплав од инјекции, од мантили. Во трета година средно веќе ми беше јасно дека ќе одам на медицина. Предметите како математика не ме влечеа, природните науки многу повеќе. Во четврта, професорката по математика се мислеше дали да ми стави петка, ама јас ѝ реков: „Професорке, немојте да се мислите, јас сигурно нема да студирам математика“ – вели академик Митрев.
 
Две шестки – по марксизам и по одбрана

Тој објаснува дека во 70-тите години и не било баш едноставно да се стане студент по медицина во Скопје, поточно да се остане студент по медицина.
- Во тоа време примаа многу студенти, првата година бевме 400-500 студенти. Првата голема селекција се правеше уште по првата година, речиси половина од студентите не продолжуваа. Во тоа време не се полагаше приемен испит, имаше полагање матура. Ама за да се запише некој на медицина, требаше да ги има сите петки. Јас воопшто немав дилема дали да изберам медицина. Немав дилема и по втора година медицина дека сигурно ќе одам на хирургија. Уште не бев влегол во клиничкиот дел, ама имавме вежби и гледајќи ги работите какви што се, веќе знаев дека го сакам тоа – објаснува Митрев.


На прашањето дали стекнал солидно знаење на Медицинскиот факултет, д-р Митрев вели дека студирањето го доживувал како многу индивидуална работа.
- Имав предмети што ми беа досадни. Можев да стекнам добри сознанија за голем дел од предметите. Во тоа време имаше стандардни книги по кои се учеше, главно преведени од американска литература, за главните предмети, во нив имаше сѐ можно. Практично од студентот зависеше колку ќе го совлада тоа. Најдобар бев во најтешките предмети. Деветки и десетки на патофизиологија, анатомија, хирургија, оние предмети што се, да речеме, најмедицински. Имав просек околу 9 и тоа без да фаќам врски. Во тоа време 10-ките се чуваа за децата на овој или на оној, оти тие требаше да останат на клиника. А за мене, тоа беше апсолутно неважно оти јас со една нога бев преку Атлантикот – вели Митрев, кој споделува дека добил и две шестки – по марксизам и по одбрана и заштита. Не можел да ги смисли двата предмета.
 
Кога стигнал петта година, веќе знаел дека нема да остане во Македонија. Бил решен да го продолжи образованието во САД.
- Уште во петта ги полагав испитите за нострификација на македонската диплома за Америка. Планирав по служењето на воениот рок да заминам за Америка. Меѓутоа, не секогаш излегува како што планираме. Се вработив во болницата во Штип веднаш по дипломирањето и набрзо заминав во војска. Ние бевме последната генерација што по факултет одеше во војска. Дури бев на отслужување на воениот рок беше распишан конкурс за хирургија и други специјалности. За поголемиот дел од специјализациите беше тепачка, а за хирургија – никој. Ја добив специјализацијата. Ми се случи некако брзо и непредвидено и ја одложив Америка – вели Митрев.


Награда во војска оти спасил две кучиња

Се потсетува на војничките денови, кога благодарение на два големи оперативни зафати, добил наградa и отслужил војска само десет месеци наместо година.
- Ние, лекарите, половина воен рок го поминувавме во офицерска школа во Белград, а другите шест служевме по гарнизони, амбуланти. Мене ме ставија во Ѓаковица, имав 13-14 караули што ги обиколував покрај границата на Албанија. Ми се случија два големи медицински зафати. Покрај границата имаше тренирани кучиња. Донесоа куче каснато од змија, кое веќе се задушуваше. Јас како млад и „зелен“, знаев дека кога пациентот е човек, во вакви случаи треба да му се даде противзмиски серум. Одеднаш дојдоа пет-шест војници кои во принцип беа емотивно врзани за кучињата. Му ги вбризгав сите серуми што ги имавме на располагање и, за чудо, преживеа. Сите бевме среќни. Информацијата стигна до командантот на гарнизонот, добив пофалница, па ме читаа пред сите – со радост се потсетува д-р Митрев.

Во војска добил награда зашто спасил две кучиња (д-р Митрев, втор од десно)

По само неколку месеци Митрев добил нов предизвик. Куче удрено од коњ со огромен хематом на главата и оток.
- Јас, потенцијалниот хирург, му направив рез, му истече целиот гној. И пак бев херој, пак ме читаа. Се шегував дека барем за ветеринар ќе ме биде. Интересно е што кога заминав во Германија, пак судбински ме поврзуваа животните, работев испитувања врз свињи. Добив специјализација, заминав во Загреб, таму ја поминав општата хирургија. Во 1990 година заминав во Германија, во рамките на проект на Универзитетската болница во Франкфурт. По еден месец изби војната во бивша Југославија, дојде многу комплицирано време. Добив стипендија од Универзитетот во Франкфурт, половина година бев таму, па добив уште една стипендија од „Дојче Херц Штифтунг“, каде што останав две години. Таа стипендија беше за млади талентирани доктори што покажуваат посебен интерес во областа на кардиоваскуларната хирургија – вели Митрев.


Бил посветен на експерименталната медицина околу две години. Работел со животни, од мали глувчиња до свињи.
- Последната година оперирав повеќе од 80 свињи. Тоа беше во фарма со специјални операциони сали и животните имаа одличен третман. Во тие услови можев многу брзо да учам. Почнав сам да ги интубирам свињите, правевме мерења, истото тоа се прави и кај човекот. Свињата се разликува од човекот по различната позиција на гените и сите лабораториски анализи многу ми помогнаа во хируршкиот дел и сѐ уште ми помагаат. По тие две години веќе може да кажам дека бев афирмиран. Сите тие експерименти ги правевме заедно со научниот клуб што го имаше во Универзитетската болница во Франкфурт, а го водеше проф. Баездов, мој колега. Имавме публикации, одевме по конгреси, по некоја година стана шеф во еден друг град. Ми понуди да одам со него, ама одбив оти сакав да продолжам на клиника, а не да се занимавам пак со наука. Се пријавив на друго место и се вработив. Имав огромно теоретско искуство, ама го немав клиничкото што ми беше неопходно за да бидам добар хирург. Во меѓувреме мојот пријател и колега стана претседател на Здружението на кардиохирурзите на Германија – вели Митрев.

Во детството често ја посетувал штипската болница

Од Германија патот го одвел во Цирих, Швајцарија, на Клиниката за кардиоваскуларна хирургија, каде што бил една година. Во 1994 г. повторно се вратил во Франкфурт, каде што почнал. Таму ја направил првата трансплантација на срце во 1997 година.
- Потоа слушнале во Македонија дека постојам. Мојата континуирана желба да се вратам ми се оствари. На 1 март 2000 година беше првата операција во „Филип Втори“. Годинава славиме полнолетство. Минав низ многу перипетии низ овие години. Се чувствував како дете што го пречекало маќеа или очув, со добиени многу шлаканици. Кога би се анализирал сиве овие 18 години, немав баш среќно детство – вели Митрев.


Забавата и дружењето не недостигале во неговиот студентски живот.
- Бевме вистинска тајфа. За викенди си одевме во Штип. Бев дисциплиниран како студент. Учев многу навечер. Во тоа време во Штип имаше парада, од 12 до 13:30 часот, сред бел ден парада пред гимназијата, а навечер одевме на корзо, излегувавме кога ќе почнеше да се стемнува, па одевме во двете кафулиња што постоеја во тоа време во градот. Во 23 часот веќе сѐ беше затворено. Кога ќе завршеа сите „фестивали“, на полноќ, пиев кафе, учев од полноќ до 5 сабајле, интензивно и многу ефективно. Спиев до кај 11 часот, и доаѓа наредниот ден, подготвен за нова парада со другарите – се потсетува Митрев.
Со другарите многу слушале реге-музика, носеле долги коси и бради. Се сеќава дека кога го положил последниот испит, сите го чекале за да ги почести.
- Последен испит ми беше судска медицина. Ме чекаа сите во кафулето „Викторија“. Почнаа да се собираат девојчиња околу нас и едно од нив ме праша за што честам, да не ми било роденден. „Не, завршив факултет! „Кој факултет?“ „Медицина“. Целата во прашалници, девојката ми рече: „Еее, а јас пак си мислев дека и ти си клошар како другиве. Кога дипломирав, ја потстрижав долгата коса – вели Митрев, кој дипломирал во 1985 година.


Признава дека никогаш не се трудел да научи да го зборува македонскиот литературен јазик.
- Во гимназијата сите зборувавме на дијалект, дури и на часови по македонски јазик и професорката мешаше и се смеевме кога ќе почнеше да ни зборува литературно. И кога дојдовме во Скопје, се трудев да зборувам литературно кога бевме на испити.

На прашањето дали некогаш имал желба да биде професор и да пренесува знаење на студенти, вели:
- Јас не сум официјално професор, а изгледа нема ни да бидам, некако ми пројде времето. Немам ниту време со начинот на работа. Во Германија, да се биде професор е различно од кај нас, немаш којзнае колку обврски, имаш предавање, вежби, а повеќе предавања, и другото е практичната работа. А во Македонија професурата е професија и малку се губи осет со практичната работа. За мене, тоа не е провокација. Предавања држам во цел свет. Друго е кога се презентира пред луѓе од одредена струка, иако и со студенти е интересно. На нашава клиника вршиме континуирана едукација на младите доктори, оти доаѓаат со ограничено знаење, посебно во кардиоваскуларната област. Си имам мој универзитет – се шегува д-р Жан Митрев.


На младите што студираат медицина им порачува дека ако сакаат да се занимаваат со оваа професија, треба навистина да ја сакаат, да им биде опсесија.
- Јас сум опседнат со медицината до ден-денес. Тоа ме исполнува – завршува Митрев.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование