X
 02.03.2018 Култура

Леонардо ди Каприо и Бред Пит заедно во филм на Квентин Тарантино

Леонардо ди Каприо и Бред Пит, двете најголеми холивудски ѕвезди, ќе глумат во новиот филм на Квентин Тарантино, чие дејсвие се одвива во 1969 година, во времето на убиствата извршени од страна на сектата на Чарлс Менсон.



Во филмот насловен „Си беше еднаш во Холивуд“, Ди Каприо ќе ја глуми поранешната филмска ѕвезда специјализирана за вестерни, Рик Далтон, додека Пит ќе го глуми неговиот двојник каскадер Клиф Бут. Ова ќе биде прв филм во кој овие двајца актери ќе глумат заедно.

„И ѕвездата и неговиот каскадер се борат да преживеат во Холивуд, кој веќе не го препознаваат. Но Рик (Леонардо) има многу славна сосетка, актерката Шерон Тејт“, напиша студиото „Сни пикчрс“ во сижето на филмот.

Актерката Шерон Тејт во тоа време беше бремена и во брак со режисерот Роман Полански, а беше убиена во 1969 година од страна на следбеници на Чарлс Менсон.

Премиерата на филмот е најавена за 9 август 2019 година, точно 50 години откако Тејт и нејзините пријатели беа пронајдени избодени до смрт. Тарантино изјави дека на сценариото работел пет години и дека поголемиот дел од својот живот го поминал во Лос Ангелес, вклучително и кобната 1969 година, кога имал само седум години.

Ди Каприо веќе освои еден Оскар во 2016 година, додека Пит беше само номиниран. Тарантино има добиено два Оскара за филмовите „Django Unchained“ и за „Pulp Fiction“.

Леонардо и Бред и претходно имаат соработувано со Тарантино, Ди Каприо во филмот „Django Unchained“, додека Пит во филмот „Inglorious Basterds“.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура