X
 10.03.2018 Уметност

Манчевски: Светот е преплавен од ријалити, преку „фејк њуз“ до лажни фотографии на социјалните мрежи... Сето тоа е лажен документарец

Овогодишниот 46. Филмски фестивал беше повод еден од најуспешните режисери и најкомплетни уметници од овие простори - Милчо Манчевски да се врати на Балканот. Познатиот македонски режисер подолго од две децении живее и работи во Њујорк, а деновиве беше во Белград и беше претседател на жирито на главната натпреварувачка програма. Публиката имаше можност премиерно да го види неговиот нов филм „Бикини мун“. Филмот е за жена која се враќа од боиштата во Ирак и по улиците на Њујорк ја бара својата ќерка додека минува низ бурни лични трансформации, а Манчевски дополнително го зачинува сето ова преку создавање лажен документарен филм од приказната.


Фото: Manchevski.com

- Мојата цел е емотивна, а не фактографска вистина. А не само на Балканот, целиот свет е преплавен со лажни документарци, од ријалити, преку „фејк њуз“, до фотографии на социјалните мрежи и снимки на „Јутјуб“. Сите покажуваме разубавена реалност. Сето тоа е лажен документарец - вели тој.

Манчевски додава и дека публиката веќе видела сè и дека е тешко да се најде ново надразнување. На прашањето по каков филм излегува побогат, Манчевски одговара дека тоа може да биде некоја нова, досега некажана приказна, но дека може да биде и обична приказна, но искажана на нов начин.

- Овие денови повеќе претпочитам да гледам НБА отколку актуелни филмови, тука барем крајот не е толку очигледен. Толку за филмот. Во животот се радувам на многу нешта - вели режисерот.

Манчевски објаснува дека студиозниот кастинг за „Бикини мун“ придонел за успехот на филмот, но и дека сликовитите улици на Њујорк работат за режисерот. Манчевски успева да ги спои Балканот и американскиот континент. Запрашан колку е тешко таму да се раскаже балканската приказна, режисерот вели дека тој самиот е емигрант.

- Поради тоа ми е некако и полесно таму да работам. Всушност, јас сите свои приказни ги донесов на Балканот, а финансиите и екипата ги спакував таму. Работев така затоа што тоа е дел од мене кој ме радува. И таму е тешко на свој начин. А мене баш ми се допаѓа таа цивилизациска шизофренија или културен расчекор. Баш ми е убаво - вели тој.

Манчевски мисли дека сè уште постојат приказни кои палат и кај богатите и кај сиромашните, левичарите, десничарите... но дека не е лесно да се добие вниманието од светот. Тој додава дека има многу врева - филмови, емисии, песни, книги и дека не е толку тешко да се создаде добро парче уметност.

- Потешко е да натераш човек да застане на момент за да почувствува нешто. Тоа е дел од проблемот на непостоењето на објективна уметничка критика, која ќе издигне едно во однос на друго. Сè е хоризонтално и непрегледно. Можеби некој во Индонезија сега работи на генијален филм, кој е баш на мојата бранова должина, но јас тоа никогаш нема да го дознам - рече Манчевски.

Линк до целото интервју на Република.рс
Подготвил: Билјана Арсовска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност