X
 12.03.2018 Култура

Средбата помеѓу Владимир Смирнов и Јул Бринер – вистинскиот и филмскиот рушител на мостот од „Битката на Неретва“


Јул Бринер во филмот „Битката на Неретва“
(Фото: Jadranfilm.hr)


Јул Бринер, кој во легендарниот филм „Битката на Неретва“ го минира мостот, го „интервјуирал“ на лице место генералот на ЈНА, Владимир Смирнов, кој тоа го реализирал четврт-век претходно, во 1943 година...

Таа средба, сосема извесно, долго време ја запомнале и двајцата...

Тоа студено утро во 1968-та година, во кањонот на Неретва покрај стариот железнички мост кај Јабланица, двајцата Владимири – првиот оној, вистинскиот, а вториот, филмскиот – срдечно се ракувале.

Владимир Смирнов – Волоѓа, генерал-мајор во пензија, кој во првите мартовски денови во 1943-тата го дигнал во воздух јабланичкиот мост, станувајќи актер на најлегендарниот стратешки трик во народноослободителната војна, со нескриена љубопитност ја набљудувал својата филмска реинкарнација.

Покрај него стоел Јул Бринер, прославениот актер, инженерот Владо во филмот „Битката на Неретва“, кој тој ден имал „задача“ повторно да го сруши железниот мост кој бил реконструиран по војната.

Тоа било како минатото на едниот поворно да се раѓа во ликот на другиот...

Можеби и затоа, речиси видлива била драматиката која се раѓала во средбата меѓу тие две лица, на кои судбината им одредила, секој на свој начин, да ја извршат истата работа. За Бринер, тоа била најспектакуларната филмска сцена која со месеци се подготвувала. За генералот Смирнов – тоа било евокација на судбоносната задача што ја добил и најтешката дилема во неговиот живот.


Фото: Yugopapir

Прв прозборувал Бринер:


„Никогаш во кариерата не бев сретнал човек чиј лик го толкувам на филмското платно. Вие сте првиот, господине генерале, и затоа особено ми е драго што екипата на филмот ’Битката на Неретва‘ ве повика да присуствувате на снимањето на оваа сцена која не би постоела да не бевте вие.“

„И мене ми е особено драго, морам да признам“, се насмевнал генералот. „Единствено од што се плашам е филмот да не испадне помалку, можеби, авантуристички. Тоа не би сакал да се случи.“

„Не грижете се“, го смирувал славниот актер, „и  самиот не би сакал да играм во таков филм. И мене, пред сè, ме привлече длабоко хуманата антивоена тематика.“

Во секоја друга прилика, Бринер би можел единствено да биде гостин на југословенскиот генерал, но таму, меѓу стотиците статисти, меѓу демолираните топови, насреде неопишливата гужва, врева и нервоза што природно ги следи подготовките за снимање на една комплицирана сцена, стариот воин како да не се снаоѓал најдобро.

Затоа улогата на „домаќин“ ја презел Бринер, повикувајќи го Смирнов под еден шарен чадор. Таму, оптегнати во полски фотелји, почнал разговорот  меѓу двајцата  херои – едниот филмски, а другиот воен – проследен  и од присутните новинари.

По краток молк, разговорот го потегнал генералот Смирнов.

„Знаете ли дека добро се сеќавам на ова место каде што сега седиме. Денот кога го рушевме мостот во ‘43-тата, оттука, во правец кон другиот брег на Неретва, дејствуваа два наши минофрлачи кои ги гаѓаа четничките упоришта. Работев нешто тука, кога ме затекна силна експлозија, а со неа и лелекања. Пред очите видов страшна сцена: еден борец кој не го познавав, а кој клечејќи го полнеше минофрлачот, во брзањето наопаку ставил мина во цевката, која експлодираше разнесувајќи ги неговите дланки...“

„Да, војната е ужасна работа“, потврдил Бринер.
„Но жртвите, и колку да се тешки, не секогаш се најтешката работа во војната. Понекогаш човечките дилеми кои го раскинуваат војникот кој е свесен дека мора да ја изврши наредбата што е спротивна на неговите лични чувства, е многу поболна...

Како инженер, учев како да градам мостови, а за време на војната бев принуден да ги рушам. Ги дигнав во воздух сите мостови на Неретва, без жалење, но вистинската драма во мене почна оној момент кога видов илјадници наши луѓе, партизани, ранети и тифусни, како со очи полни со надеж гледаат во овој мост, единствената спојка со релативната безбедност која ја нудеше беспатието на Прења...

Тоа беше нашиот последен излез – а јас морав да го срушам мостот!

Се колебав, дури и мене не ми беше објаснето дека тоа е само тактички трик, да го измамиме непријателот.

Коњот речиси ќе ми цркнеше од напор кога итав кон Врховниот штаб, кај селото Грачаница, да го известам Тито дека сите мостови на Неретва, според наредбата – се срушени, освен овој – единствениот што остана.

Тогаш Врховниот командант повтори дека тоа веќе не смее да се одложува, и јас, не разбирајќи ништо, излегов надвор вчудовиден, но свесен дека морам да го срушам и јабланичкиот мост.“

„И мојот лик е така замислен“, го прекинал Бринер. „Во една сцена и јас, со откочен револвер го бранам приодот кон минираниот мост, кон кого итаат илјадници локални жители на овој крај, ранети и тифусни.“

За време на овој разговор, инженерските единици на ЈНА во меѓувреме ги правеле последните проверки пред дигањето во воздух на јабланичкиот железен мост. Само неколку часа подоцна, железната конструкција тешка повеќе од 400 тони ќе летне во зелените речни води.

Како надомест за тоа, филмската екипа се обврзала да изгради нов мост со носивост од 10 тони, повисоко над реката, по кого ќе можат да се движат и моторни возила. Срушениот мост пак, се планирало засекогаш да остане во брановите, како музејска вредност во спомен на херојските времиња.

Смирнов и Бринер со лесен чекор се упатиле кон брегот.

Пакети со екплозив-тринитротил од по 70 килограми лежеле поврзани со жиците од мостот.

„Во тоа време нашата инженерска екипа располагаше само со 10 килограми камникат и 20 килограми издробен тротил, чија разорна моќ не беше којзнае каква. Тој тротил еден наш борец со лажица го исчепкал од неексплодирана италијанска авионска бомба“, се потсетувал Смирнов. „Но на филм, тоа ќе биде полесно“, се шегувал тој.

„Па и нема да е толку лесно“, се спротивставил Бринер. „Кога стручњаците ги местеа челичните јажиња кои треба на мостот да му ја дадат автентичната положба по експлозијата... почнаа да пукаат јажињата... најпрво едното, па другото, па и третото! Тоа беа ужасно драматични мигови, и малку требаше мостот да заврши во водата, по што никој не би го подигнал, а оваа сцена никогаш немаше да биде снимена.“

Облечен во својот партизански костум, Јул Бринер со резигнирани движења ги бришел капките дожд од своето лице.

„Сите мислат дека актерската работа е лесна, па дури и вие можеби така сметате. Но треба многу дисциплина и напор да се истрае. Еве, овде на Неретва, час е студено, час снежи, час врне дожад... Какво беше времето тогаш?“

„Многу убаво. Четворица другари кои го поставуваа експлозивот на мостот, без никакво засолниште, можеа да се видат од голема далечина. Постојано се плашевме да не ги забележат четниците, ќе им немаше спас. А потоа, кога во низок лет над нив прелета италијански авион ’савој‘, пилотот како на дланка можеше да забележи што работевме таму. Не отвори оган, веројатно се чудеше и крстеше зошто партизаните самите си ја сечат отстапницата.“

Чекањето да почне снимањето на сцената со мостот, се одолговлече. Стариот инженер Смирнов неколку пати прашувал зошто толку се одолговлекува со експлозијата, а многубројните гости и новинари од целиот свет, полека ги фаќала нервозата со која екипата на филмот живеела со денови.

Иако изгледало неверојатно, најладнокрвен бил режисерот Вељко Булајиќ!

Тој по којзнае кој пат им објаснувал на новинарите зошто одлучил да го дигне во воздух токму овој мост.

„Можеше тоа да биде кој било друг мост, во полесен, попристапен крај, каде немаше да имаме никакви потешкотии. Никој не би знаел дали тоа е токму тој, автентичниот мост. Но сакав на овој крај да му оставам еден вечен споменик на деновите кога се водеше битката – како што забележува историјата – најхуманата битка во Втората светка војна, битката за ранетите. Тука ќе доаѓаат странци, домашни туристи, училишни екскурзии... сите ќе го видат тоа славно минато.“

И, пукна...

Мрзливо, како џиновска птица, големата печурка од чад се вивна во небото.

Генералот Смирнов му дошепнал на Бринер:

„Да ме повикаа, ќе го направев ова многу побрзо“, и двајцата на глас се насмеале на оваа шега.


Славко Лазаревиќ, „Илустрована политика“ 1968
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура