X
 13.03.2018 Култура

Здравко Ангелов, прв кларинетист на Филхармонијата: Чест ми е да настапам како солист со диригентот Цанев и колегите

На 15 март на сцената на единствениот симфониски оркестар кај нас, ќе можат да се слушнат дела од Луи Шор, Мајкл Бакрнчев и од Моцарт



Кларинетистот Здравко Ангелов веќе 18 години е член на ансамблот на Македонската филхармонија. Made in Macedonia е насловот на концертот што како солист ќе го одржи на 15 март, токму на матичната сцена. Ангелов ќе ја изведе композицијата „Лет“ од композиторот од Австралија со македонско потекло, Мајкл Бакрнчев. Ќе следува концертот за кларинет и оркестар бр.1 оп.26 од Луи Шпор и, за крај, Моцартовата симфонија бр.41, „Јупитер“.

Ангелов завршил на Факултетот за музичка уметност во класата на проф.Иван Кочаров, а магистрирал во 2012 година во класата на проф.Стојан Димов. Бројни признанија и награди се впишани во неговата биографија. Настапува и како камерен музичар.


- Чест и задоволство е да се настапува со симфониски оркестар, а воедно голема одговорност е тоа што јас ќе настапам со Македонската Филхармонија, која е моја матична куќа веќе 18 години. Овој пат се одлучив да го изведам првиот концерт од германскиот композитор Шпор. Четирите концерти за кларинет и оркестар се прекрасни, вистински предизвик за секој кларинетист. Искрено, посакувам и се надевам во иднина да имаме можност да ги отсвириме и останатите три. Морам да кажам дека ми е задоволство што повторно ќе настапам како солист со нашиот диригент Борјан Цанев, како и моите драги колеги – вели Ангелов.

Тој додава дека секогаш е застапник за квалитетна и добро одбрана програма и дека имаме одлични композитори и дела кои заслужуваат да бидат дел од програмата не само на нашите музички куќи, ами и пошироко од нашите граници.
Омилен автор на Ангелов е Сергеј Рахмањинов. Вели дека не може да издвои само едно дело, зашто има повеќе што му се при срце.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура