Со новиот проект, Европската Унија ќе ги финансира
месечните карти за воз за неколку десетици илјади млади луѓе.
Европската комисија одобри 12 милиони евра за проектот за финансирање на железничките билети за 18-годишните граѓани од земјите-членки.
Се работи за „Интереил“-картата која има важност од еден месец и со којашто ова лето младите ќе можат бесплатно да ги пропатуваат сите 30 европски држави.
За работата да биде уште подобра, картата која чини и до 510 евра, нема да ја добијат само неколкумина привилегирани, бидејќи се планира да се финансираат од 20 до 30 илјади возни карти, со тенденција бројката да се зголемува наредните години.
Деталната процедура за пријавување за добивање на бесплатна „Интереил“ железничка карта и потребните критериуми ќе бидат објавени на официјалната страница на Европската Унија во наредните неколку недели.