X
 15.03.2018 Спорт

Миа Крстевска, пливачка: Секој рекорд го чувствувам како прв и самодовербата расте!

Се тркам со времето, да стигнам на два тренинга, училиште, домашни задачи и обврски. Сигурно не е лесно, некогаш е и напорно, има многу одрекувања и потребна е сериозна посветеност - вели средношколката во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје


Има 16 години и колекционерка на медали! Миа Крстевска е повеќекратна рекордерка на нашата земја во пливање. Базенот и е секојдневние од нејзината шеста година. Неодамна стана рекордерка на 1500м слободно пливање. Со време 17:45:25, таа за 11 секунди го подобри досегашниот рекорд кој владееше осум години. Крстевска е втора година во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје, а члененува во пливачкиот клуб „Орион“. Неодамна го постави и рекордот на 100 метри грбно (1:03:65), кој досега го држеше олимпијката Анастастија Богдановски. Освен последните рекорди, Миа држи повеќе рекорди (кадетски, младински и апсолутни) на 50, 100, 200м грбно на 25 и 50-метарски базени и истите досега ги има соборувано дваесетина пати.
Ја прашавме какво е чувството да се биде рекордер.
- Во секој случај неверојатно, самата помисла дека поместуваш граница која никој пред тебе не ја достигнал, дава чувство на задоволство. Секој рекорд го чувствувам како прв, самодовербата расте, а исто така и мотивот да се продолжи со работа – вели Миа.
Еден од најзаслужните за нејзините успеси е тренерот Јане Карајованов.
- Со него посериозно се посветивме на мојата пливачка кариера, а љубовта кон пливањето спонтано дојде како резултат на личните успеси. Го сакам пливањето од мала. За мене е еден од најинтересните спортови, бидејќи го активира целото тело и е одлично за здравјето. Како индивидуален спорт дава можност постојано да се докажуваш и да напредуваш – вели средношколката.


Како изгледа еден ден на посветена спортистка, која оди и на училиште?
- Секој ден е трка со времето, да се стигне на два тренинга, училиште, домашни задачи и обврски. Не е лесно сигурно, некогаш е и напорно, има многу одрекувања и потребна е сериозна посветеност. Инаку, во врска со училиштето, би сакала да им се заблагодарам на моите професори во СУГС „Никола Карев“ за разбирањето и поддршката – вели Миа. Поддршка секогаш има и од своите врсници, кои се радуваат на нејзините успеси.
-Тие секогаш позитивно гледаат на моите успеси, a се надевам дека успевам да ги мотивирам и помладите генерации да се стремат кон повисоки спортски цели. Сепак, најголемата поддршка ја имам од членовите на мојот клуб ПВК „Орион“, бидејќи тие надобро знаат колку труд е потребен за да се постигне добар резултат – категорична е Миа.

Медалите на Миа

Во малкуто слободно време што го има, Миа сепак се дружи со своите пријатели, ја привлекува фотографија, сака да црта, да гледа добар филм.
Се уште е рано за да знае каде ќе го насочи своето образование, но сигурна е дека сака да има успешна спортска кариера.
- Не знам однапред каде ќе ме одведе патот, но сигурна сум дека спортот и пливањето уште долго ќе бидат дел од мојот живот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт