X
 17.03.2018 Образование

Голема меѓународна конференција на ПМФ: Математиката е за оценка 2 или 3 кај учениците

Мислам дека не се нуди добро предзнаење за идните инженери, математичари, физичари. Да не зборуваме дека не е ни блиску до содржините од натпреварите по математика, вели проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, раководител на Институтот за математика


Конференцијата ќе се одржи на 23 и 24 март

Oдделенски наставници по математика, физика, хемија и биологија во основните и средните училишта, универзитетски наставен кадар, директори на училиштата, советници, инспектори, државни службеници ќе учествуваат на Меѓународната конференција за образованието по природни науки и математика која ќе се одржи на 23 и 24 март на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тие ќе зборуваат за различни теми поврзани со образованието по природни науки и математика. Досега се пријавени околу 550 учесници.

Конференцијата ја организираат Природно-математички факултeт при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) и Сојузот на математичари на Македонија (СММ) со поддршка од Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието. (БРО) и издавачката куќа „Арс Ламина публикации“.

Според д-р Боце Митревски, претседател на ДФРМ и доцент на ПМФ, на конференцијата се повикани одделенски наставници по математика, физика, хемија и биологија во основните и средните училишта, универзитетски наставен кадар, директори на училиштата, советници, инспектори, државни службеници од повеќе институции. Наменета е за сите субјекти чии секојдневни активности се поврзани со последните промени во наставниот план за основно образование и преземањето на наставните програми по математика и природни науки од Кембриџ. И за сите оние што сакаат на еден формален начин, преку научно-стручна дебата да дадат свој придонес за подобро образование по математика и природни науки.


д-р Боце Митревски: Без учество на наставниците, секоја реформа е неуспешна

- Основната идеја е наставниците кои ја реализираат наставата по природни науки и математика во основните и средните училишта, прво тие да ги искажат своите мислења за состојбите во образованието. Без нивно учество, без нивно мислење, секоја реформа е потенцијално неуспешна – вели Митревски.

Излагањата на учесниците и трудовите што ќе бидат објавени во Зборникот се поврзани со наставни планови и програми, современи методи и техники во наставата, образовни стандарди, учебници и литература, истражувања во образованието, воннаставни активности, доживотно учење и професионален развој, вреднување на постигнувањата на учениците и наставниците, лабораториски активности и практична работа, образовна технологија, меѓупредметна корелација. Всушност различни теми, поврзани општо со образованието по природни науки и математика.

На прашањето кој беше кој бил иницијалниот момент да се организира една ваква меѓународна конференција, Митревски одговара:
- Со еден збор, она што во последните 4-5 години се нарекува „Кембриџ“.
Една од темите на конференцијата е учебници и литература. Македонија во моментот е во фаза на сериозни реформи во образованието на сите нивоа, а големи критики трпеше содржината на програмата „Кембриџ“.


 Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски: Нивото што е понудено е за оценка 2 или 3 кај учениците

- Програмата и учебниците нудат премногу ниско ниво на знаења по математика. Тие повеќе личат на упатство за употреба на некој апарат. Отсуствува математичката прецизност. Не може да се види градењето на математичките содржини (тоа е систем кој почнува со аксиоми и продолжува со теореми, својства, итн.). Мислам дека не се нуди добро предзнаење за идните инженери, математичари, физичари. Да не зборуваме дека не е ни блиску до содржините од натпреварите по математика. Нивото што е понудено, според мене, е за оценка 2 или 3 кај учениците – вели проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, раководител на Институтот за математика при ПМФ.

И покрај најавите на Министерството за образование и наука дека ќе има големи вложувања во овој ресор, сепак буџетот за наука и годинава е на многу ниско ниво. На прашање какви какви последици ќе претрпи науката од долгогодишната минимална поддршка од државата, Маркоски вели:

- Науката веќе трпи големи последици. Нема средства, нема нови вработувања. Не може да се направат тимови за истражување, нема пристап до бази на трудови. Нема набавка на литература. Состојбата е загрижувачка - кој како ќе се снајде. Сепак, и покрај толку малку средства, според бројот на објавени трудови, излегува дека Македонија не е лоша според потрошените пари за труд. Тој коефициент е и голем, споредено со други држави – вели Маркоски.


Природно-математички факултет во Скопје   Фото: Википедија

Научниците имаат големи очекувања од конференцијата. Митревски вели дека за разлика од претходните години, сега со МОН и БРО имаат одлична соработка.
- Подготвени се заеднички да ги решаваме проблемите и да придонесеме за подобро и поквалитетно образование. Самата поддршка од нив, и соработката со нив е многу важна. Што се однесува до конференцијата, самиот број на повеќе од 550 пријавени учесници кажува за интересот кај наставниците. Се надеваме дека одговорните, најмногу креаторите на образовната политика ќе ги слушнат, ќе ги прифатат и имплементираат заклучоците од оваа конференција – вели Митревски.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование