X
 20.03.2018 Живот

Мислевте дека чкрипење со креда по табла е иритирачки звук број еден? Грешите!

За звукот што произлегува кога со нокти се гребе табла сите знаеме дека е иритирачки, но по сè изгледа тоа не е најиритирачкиот звук. Група невронаучници од Велика Британија и од Германија во 2012 година тестирале кои звуци најмногу го вознемируваат човековиот мозок. Тие ставиле 16 луѓе во машина за магнетна резонанција и набљудувале што се случува во нивните мозоци кога ќе слушнат некој од 74. различни звуци. Потоа ги терале учесниците да оценат кој звук најмногу ги иритирал.


Фото: Pixabay

Ова се најиритирачките звуци:

1. Нож на шише

2. Виљушка на стакло

3. Креда на табла

4. Линијар на шише

5. Нокти на табла

6. Женско врескање

7. Аголна брусилка

8. Кочница на велосипед

9. Бебе што плаче

10. Електрична дупчалка

Истражувачите им пуштиле на учесниците и помалку иритирачки звуци. Ова се четирите звуци што биле оценети како најмалку иритирачки:

1. Аплауз

2. Бебешко смеење

3. Грмотевица

4. Вода што тече

Истражувачите забележале дека иритирачките звуци се совпаѓаат со поголема активност во еден одреден дел од мозокот на учесникот. Дополнително на слушниот кортекс (кој го процесира звукот), активноста на амигдалата била директно поврзана со тоа колку бил ужасен звукот. Овој дел од мозокот се справува со емоциите, па има смисла што поиритирачките звуци ја активираат оваа емотивна зона.

Истражувачите утврдиле дека најиритирачките звуци имале фреквенција од две до пет илјади херци.

- Ова е опсег во кој нашите уши се најчувствителни. Иако сè уште има дебати зошто нашите уши се најчувствителни во овој опсег, тој вклучува звуци на врескање, кои ни се природно непријатни - објаснува Сукбиндер Кумар, автор на студијата.

Сè уште не се знае што значи тоа, ако воопшто значи нешто. Една еволуциска теорија вели дека повисоките фреквенции се послични на предупредувачките звуци кои нашите предци можеби ги слушале. Тие требало да се активираат откако ќе слушнеле, на пример, вресок на шимпанзо.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот