X
 25.03.2018 Живот

Весна Кираџиева, маратонка: Скопски маратон им се приближува на светските - фалат навивачи и спортска култура

Кога пред 20 години со брат ми Александар почнавме да тренираме, кејот на Вардар беше празен, само ние и рибарите бевме таму. Луѓето ни се смееја, нѐ исмејуваа за начинот на кој сме облечени, особено за машко во хеланки, дека дефинитивно е геј и дека нешто не е во ред со нас



Фото: архива Скопски маратон

Девет години по ред таа е најдобрата домашна маратонка на Виз Ер Скопскиот маратон. За Весна Кираџиева, трчањето е начин на живот, придобивка на спортското опкружување во кое е растена (нејзин татко е атлетичарот Атанас Кираџиев, кој почина неодамна, а нејзиниот брат Александар е нашиот најдобар маратонец). И годинава Скопскиот маратон и е на листата со спортски предизвици, меѓу другите. Кираџиева е поборник за поддршка и поттикнување на жените во спортот. Нејзиното најдобро време досега е 3:07.55, што го постигнала на маратонот во Милано во 2015 година.

Колку години учествувате на овој маратон и кој е Вашиот впечаток, расте ли како манифестација?
- Скопскиот маратон е веќе блиску до светските маратони и сѐ повеќе расте, на наше огромно задоволство. Единствено по што заостанува е недостиг на масовна публика и поддршка на улиците, а таа не можеме сосила да ја извадиме од дома ние, натпреварувачите, ниту, пак, организаторите. Тоа е процес на спортско образование и спортска култура која, за жал, недостига многу кај младите и малите деца, од дома, од училиште. Родителите мислат дека ако не ги научат своите деца да ни дадат поддршка нам, натпреварувачите, и со тоа да ги навлечат на спорт и здрави навики, ни штетат нам. Не може да грешат повеќе. Последиците самите ќе ги почувствуваат врз сопствените деца за 20-30 години отсега, кога тие деца ќе пораснат, ќе немаат ниту имунитет ниту психофизичка подготвеност да се соочат со секојдневието и нездравата средина која само се влошува и за која сите сведочиме. Јас со Скопски сум од самиот почеток, првпат уште во далечната 1998 година, кога беа моите почетоци во атлетиката како 12-годишно девојче, но тогаш само како публика и асистент-судија на мојот татко, кој беше судија на една контролна точка. Години подоцна, со реобновувањето на маратонот, учесник сум секоја година. Според статистиките што може да ги видите во магазинот што го добива секој учесник на маратонот, може да го најдете моето име во домашните победнички уште од 2009 година до лани (2017 год.)


Како се подготвувате за единствениот маратон во земјава?
- Подготовката за трки е долготраен процес од неколку месеци интензивна работа, базични подготовки и сето ова само се надополнува на тренинзите во претходните години. Па така, секоја нова сезона е прогрес од секоја претходна. Значи, доколку тренираш за резултат и професионално, нема простор за чекање еден месец пред натпревар да се подготвиш, тоа е континуиран процес. Што се однесува до тоа како ми поминува еден тренинг-ден, тренинг-програмата ми е базирана главно врз лесни истрчувања од по 16-18 км и забрзувања, еден тренинг неделно ми е т.н. tempo run, тоа би значело околу 15 км вкупна километража, од кои 30 минути со појак ритам (race pace). Исто така, еднаш неделно имам и long run, тоа е подолг тренинг од останатите, па во зависност од фазата во неделата на напредок до кој сум стигнала, тоа би значело 25, 27, 30 или 35 км. Во зимската базична подготовка вметнувам и интервали еднаш неделно, a тоа се повеќе повторувања од неколку пократки делници, најчесто во должина од 1.000 м, но понекогаш и 1.200 м, 800 м, 600 м, 400 м, 200 м со повторувања во серии.

Што претставува трчањето маратони за Вас? Како се „заразивте“ со овој спорт?
- Како и повеќето атлетичари на средни патеки (800 м, 1500 м и 5.000 м), никогаш не мислев дека ќе трчам маратон. Сметав дека е лудост да трчаш 42 км! Кога се реобнови Скопски маратон, добив личен повик од директорот Кире Синадиновски, кој ми ја кажа конкуренцијата на девојки од Македонија и дека има солиден награден фонд и дека верува дека јас имам сериозни шанси да бидам победничка. Иако се немав подготвувано воопшто (најголема должина дотогаш на тренинг ми беше 16 км), прифатив и навистина победив. Понатаму сфатив дека имам поголеми шанси за олимписка норма и настап на Олимпијада доколку се подготвувам за маратон и така полека тренинг-програмата ја пренасочив од средни патеки на долги. Не сум стигнала до Олимпијада, сѐ уште, но освоив шест национални титули државен шампион и трипати го соборив државниот рекорд на Македонија во маратон, што е своевиден успех кој не го имала ниедна друга Македонка пред мене, на што сум горда.


Вашиот брат Александар е најдобриот маратонец кај нас. Ви дава ли совети? Работите ли тренинзи заедно?
- Со Александар секогаш меѓусебно се поддржуваме и се советуваме околу тренинзи и трки. Секако дека и голем дел од тренинзите ги работиме заедно, нормално, колку што тоа ни го дозволува интензитетот и спецификата на тренингот, но и времето, со оглед на работните обврски. Брат ми е и семеен човек со двегодишен син Вања, голем дел од слободното време го поминува со него, па некогаш се менуваме за да го чувам јас додека тој е на тренинг со сопругата.

Колку е важна поддршката од семејството и најблиските за успех во овој спорт? И колку кај Вас беше мотивирачка атмосферата што сте растеле во спортско семејство, а и сте му помагале на татко Ви на самите трки?
- Поддршката од семејството и пријателите е од огромно значење. Многумина го сметаат трчањето за индивидуален спорт, но тимот кој ве опкружува е она што ве мотивира да напредувате и да успеете и никој не може сам да успее, без барем морална поддршка од најблиските. Верувам дека тоа што сум растела во „спортска“ средина резултирало со мојот сегашен успех. Затоа често велам дека во денешното модерно општество, кога сакаме да ги мотивираме женските повеќе да бидат вклучени во општествените активности, со акцент на спортските активности, секогаш е важно да можат да сметаат на помошта и поддршката од своите партнери, сопружници, браќа, татковци. Сѐ уште жените се оние што треба да останат дома да ги чуваат децата, за мажите да имаат време да излезат по работа и да го направат својот тренинг бидејќи се подготвуваат за трка, па убаво би било доколку и тие повремено им остават време на своите сопруги да го направат својот тренинг додека тие (мажите) ги чуваат децата. Ова е само еден пример, повторно ќе кажам, се работи за меѓусебна поддршка, која, на крај, резултира со заемен успех и среќа, кон што сите целиме.

Каков Ви е планот за годинава за маратонско трчање?
- Од поголемите трки ќе ги издвојам полумаратонот во Прага, каде што настапувам на 7 април и, нормално, како големо финале – Скопски маратон. Како поддршка за сите девојки и жени што сакаме да ги мотивираме да се занимаваат со спорт, а особено трчање, па можеби и маратон, ќе настапам на Женската трка на 1 Април, Денот на шегата, но јас сум многу сериозна кога станува збор за охрабрување повеќе жени да се пријават и да почнат активен живот. Ќе настапам и на уште неколку помали трки и кросеви како адаптација и изострување на формата до Скопски маратон.

Последните години како да се подобрува трчачката култура кај нас. Се добива впечаток дека сè повеќе луѓе се решаваат барем да се рекреираат. Го делите мислењето?
- Дефинитивно сте во право, трчачката култура се подобрува. Нашиот тим Еndurance, во соработка со Скопски маратон, веќе со години се обидува да им го наметне овој тренд на луѓето како нешто убаво и позитивно, здрава навика и конечно нашиот труд покажува резултат. Иако полека, сепак напредуваме. И во нашата книга „Издржи, кралице“ го објаснуваме моментот кога пред 20 години јас и брат ми Александар почнавме да тренираме, кејот на Вардар беше празен, само ние и рибарите бевме таму. Луѓето ни се смееја, нѐ исмејуваа за начинот на кој сме облечени, особено за машко во хеланки, дека дефинитивно е геј и дека нешто не е во ред – братот и сестрата што како луди трчаат секој ден. Денес сите рекреативци на кеј имаат подобра и поскапа опрема од нас, кои дваесет години тренираме и сме репрезентативци, шампиони и рекордери на Македонија, но и тоа е во ред до некаде, сѐ додека ние сме свесни за револуцијата што сме ја наметнале во општеството. Затоа и ја издадовме книгата, за да може секој на овој или на оној начин да се пронајде преку нашата приказна.


Една препорака од Вас за нашите читатели – зошто е важно младите луѓе да трчаат, особено тие што се занимаваат со умствена работа, студенти, ученици...?
- Споменав и претходно, трчањето ве зајакнува психофизички. Тоа е и терапија и медитација преку која се опуштате од секојдневните проблеми, но и ги решавате додека мозокот ви лута во текот на трчањето. Ви го менува начинот на перципирање на секојдневните проблеми, начинот на исхрана, односот со семејството и пријателите. Доколку не знаете како да почнете или заглавите и не сте во можност да работите со професионален тренер, секогаш може да најдете екстра совет во нашата книга „Издржи, кралице“, каде што од лично искуство ги споделуваме фазите низ кои секој почетник и професионалец поминува, не само во тренингот и трчањето, туку и во животот. Почнете да трчате и никогаш нема да престанете – животот никогаш повеќе нема да ви биде ист!
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот