X
 27.03.2018 Живот

Со оваа утринска навика ќе бидете максимално креативни во текот на денот

Со сите различни мисли што ви минуваат низ глава може да биде тешко да се фокусирате на вашите задачи, особено ако тие бараат креативност и ослободен ум. Но, писателката Џулија Камерон има лек за тоа. Лекот се вика утрински белешки.

Камерон првпат пишува за утринските белешки во својата книга од 1992 година - „Уметничкиот начин“. Оттогаш таа практика се прошири насекаде. Процесот е навидум едноставен. Сè што треба да направите е наутро, кога ќе станете од спиење, рачно да напишете три страници. Ќе прашате што да напишете. Што и да е. Сè.

- Нема погрешен начин за пишување на утринските белешки. Овие дневни утрински дрдорења не треба да бидат уметност. Тие едноставно треба да бидат чин на движење на раката преку страницата и запишување на сè што ќе ви падне на памет. Ништо не е преубаво, пресмешно, преглупаво или пречудно за да биде вклучено - пишува таа.


 
Камерон објаснува дека целта е да се ослободите од сите смешни, глупави, чудни мисли кои го блокираат вашето креативно изразување во текот на денот така што ќе ги ставите на хартија. Тие не треба ни да бидат прочитани. Само напишете ги и ставете ги во плик. Ако морате, можете да се навратите на нив неколку месеци подоцна и да ги прочитате, но дотогаш, нека ви бидат подалеку од видик.

- Никому не му е дозволено да ги чита вашите утрински белешки освен вам - предупредува писателката.

Може да звучи смешно, но има наука зад запишувањето на нештата на хартија. На пример, запишувањето на нештата што треба да ги направите пред да си легнете ќе ви помогне да спиете побрзо. Една студија покажа дека пишувањето за стресните настани може да ја намали анксиозноста кај луѓето што генерално ги изразуваат нивните емоции.

- Утринските белешки создаваат метафорички приватен домен - кој е вреден. Тешко ми е да замислам дека некогаш ќе запрам - вели Оливер Баркеман.

Слично, претприемачот Крис Винфилд вели дека тие го смениле неговиот живот.

- Во овие 241 ден откако почнав со утринските белешки, само двапати не ги напишав. Тие два дена бев малку поанксиозен, моите мисли беа збркани и се чувствував лошо. Утринските белешки се едни од оние работи што звучат толку едноставно што не мислите дека некогаш би функционирале за вас. Една од работите што ги сфатив во животот е дека многу од најдобрите нешта се навистина едноставни, но нашите комплицирани умови сакаат да ни кажат дека тие нема да функционираат кај нас - вели Винфилд.

Едноставно е, пробајте, можеби ќе функционира.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот