X
 30.03.2018 Живот

Добивањето е-пораки од работодавецот по работното време станува прекршок во Њујорк?

Добивањето е-пораки по завршувањето на работното време знае да биде досадно, а во Њујорк наскоро може да биде и прекршок. Новиот закон има цел да го заштити правото на граѓаните на Њујорк „да се дисконектираат“, правејќи го илегално барањето на работодавците нивните вработени да ги проверуваат пораките поврзани со работа по изминувањето на работните часови.


Фото: Business Insider

Ако законот се усвои, работниците што се преплавени од е-пораки од нивните менаџери би можеле да се жалат во Одделот за потрошувачки работи, кој ќе започне истрага. Виновните ќе мора да платат казна.

Но, градот Њујорк не е првиот што го прави ова. Во 2017, на пример, во Франција беше одобрен закон кој им дозволува на вработените да ги игнорираат е-пораките по завршувањето на работното време. Сепак, има една разлика. Францускиот закон се однесува на компании со 50 или повеќе вработени, додека законот на градот Њујорк се однесува на компании со најмалку 10 вработени.

Исто така, германската компанија „Фолксваген“ ги исклучува е-серверите доцна навечер затоа што го почитува времето за одмор. Честопати е-пораките што вработените ги добиваат по работното време бараат повеќе од само еден поглед. Според една студија, вработените се емоционално исцрпени од очекувањата секогаш да бидат достапни.

Дејвид Буркус, американски автор и професор по менаџмент, истакнува дека многу луѓе се жалат дека добиваат е-пораки од шефовите или клиентите по завршувањето на работното време.

- Но, кога ќе ги прашам дали очекуваат подредените или некој друг да одговори во толку краток период, тие велат не. Сите чувствуваме притисок да одговориме брзо и сите чувствуваме како некој друг да нè притиска. Можеби сè е во нашите глави - вели тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот