X
 30.03.2018 Образование

Прилеп има наставник-херој, неговите ученици слободниот ден избираат да го поминат со него

Секој родител би посакал триесет и осумгодишниот прилепчанец Гоце Бумбароски да му го учи детето. Тој е многу повеќе отколку само наставник во одделенска настава.


Бумбароски со неговите ученици

Поради него, учениците не сакаат да си одат дома, се враќаат во клупите дури и кога им дал слободен ден. Кога ќе забележи дека часот им станува здодевен и ги фаќа дремка, ги станува од клупите, па прават вежби. Со него јадат пица во училница, му носат торта за роденден, а понекогаш и им ја препушта катедрата, па тие се наставници. Ова не се случува во Финска или Норвешка, земјите со речиси совршено образование, туку во Прилеп, во едно од најстарите основни училишта - „Кочо Рацин“.

Секој родител би посакал триесет и осумгодишниот прилепчанец Гоце Бумбароски да му го учи детето. Тој е многу повеќе отколку само наставник во одделенска настава. Учениците му се секогаш на прво место, се труди часот да им го направи интересен, да ги ослободи од стресот, а тоа го прави вистински суперхерој. Бумбароски е и првиот Студентски правобранител при Битолскиот универзитет. 

Во нашата училница секој час се разликува

Бумбароски им предава на 20 прекрасни ученици од четврто одделение. На „Фејсбук“ има страница „Наставник Гоце“ каде што одвреме-навреме споделува што сработиле неговите ученици. Креативноста на овој наставник нема граници. Вели дека со помош на страницата е во контакт со родителите, покрај редовните средби.
- Вака и тие го следат процесот на едуцирање на своите деца, па затоа одлучив да ја креирам страницата. Успехот на моите ученици го сметам и за мој успех, па вложувам дел од моите пошироки знаења за да ги мотивирам во работата. Креативноста произлегува од потребите на моите ученици. Често пати дома планирам еден начин на изведување на часот, а се случува сосема на поинаков начин да биде реализиран - вели тој.
Во училницата има видеобим, имаат училишна библиотека која располага со повеќе од 450 книги, библиотекари од редот на учениците кои се грижат за просторот, препорачуваат и издаваат книги.



- Верувам дека не е само наставникот оној што го прави часот интересен. Самите ученици и родители играат голема улога во реализацијата на часовите. Сите новитети во училницата се воведени благодарение на родителите и учениците. Во врска со (не) одењето на училиште ќе раскажам една случка од пред неколку дена. На денот кога се одвиваше меѓународниот математички натпревар – Кенгур, учесниците на натпреварот се ослободени од настава, но кога тоа им го соопштив на 11. ученици што зедоа учество на натпреварот, тие едногласно одбија да си одат дома и продолжија да ја следат настава. На прашање зошто сакаат да останат и да следат настава, тие рекоа дека дома ќе се досадуваат – овде им е многу интересно – раскажува Бумбароски.
Тој го поддржува ставот дека денеска е тешко да се биде дете. Смета дека современото живеење им го одзема детството на младите генерации, па затоа возрасните треба да дадат сѐ од себе за да овозможат децата и учениците да го живеат детството, а не да созреваат предвреме. Кога е во прашање наставата, се води од поговорката - човек учи додека е жив – па го користи секој извор на знаења за да научи нешто повеќе.
- Верувајте, учениците се непресушен извор на нови знаења. Јас сум вистински другар со учениците, а другарството бара многу труд и енергија за да се одржи во форма. Во нашата училница секој час се разликува. Учениците активно се вклучени во реализацијата на часовите. Задолженијата што ги добиваат пред реализацијата на часот овозможуваат и тие да бидат вклучени во процесот на успешна реализација. Доколку во текот на часот гледам дека попушта концентрацијата или постои незаинтересираност, го менувам планот и користам одредена активност за да ги насочам учениците кон целта на часот. Се случило и на половина час да ги замолам да станат и да направат неколку физички вежби, па потоа да продолжиме. Предавањата се активни и често учениците го заземаат моето место и ја играат улогата на наставник. Тоа им дава поголема самодоверба, а и преку оваа активност стануваат свесни за одговорноста и тежината на мојата професија.

Кога повозрасен настапува од позиција на сила, нема успех кај учениците

Секој наставник е различен, некои се трудат многу повеќе околу наставата и учениците, некои чекаат само да им помине денот. Бумбароски вели дека сите прават грешки, некој повеќе, некој помалку. Тој со текот на работата се обидува грешките да ги сведе на минимум.
- Она кон што се стремам е да не им се наметнувам на учениците од позиција на повозрасен, посилен, претпоставен или некој што има поголеми знаења од нив, туку тоа го правам врз база на претходно зададени принципи на работа. Тие принципи имаат цел да ги научат учениците да бидат подготвени за предизвиците што секојдневно ги имаат (дома, на улица, во училиште, со врсниците, повозрасните, роднините). Меѓусебното почитување е една од најважните алки на успешната реализација на поставените цели. Секогаш кога ние, повозрасните, настапуваме од позиција на сила, нема да го постигнеме посакуваниот успех од децата и учениците.


Јас по нив со тестови, тие по мене со изненадувања, вели Бумбароски

Психолозите велат дека децата се најсреќни кога ќе научат нешто ново, кога ќе совладаат некоја тешкотија. Овој наставник често оди на натпревари со учениците. Го прашуваме како ги поттикнува, како им го храни тој натпреварувачки дух?
- Сосема се согласам дека децата се најсреќни при изучување нови знаења. Желбата за нови знаења и искуства постои кај сите нас и целосно зависи од пристапот кон новите нешта, зависи од приодот и начинот на претставување на новото. Исто така, знаејќи дека секоја нова генерација расте на рамењата од претходната, тесна и многу важна е врската меѓу децата и родителите. Желбата на родителите да ги видат своите деца како успеваат во животот е движечка сила која треба и мора да се искористи. Многу е лесно да се работи со ученици како што се моите. Само треба да се најде метод што ќе ги поттикне да успеат. Сè додека работата, ангажирањето и учењето им ги презентираме како награда (а не казна), ќе имаме успех. Оној момент кога тие ќе помислат дека учењето е „по казна“, настапува неуспехот – советува Бумбароски.



Наставничката професија е на маргините

Денеска не им е лесно на македонските наставници. И тие, како и учениците, на свој грб ги чувствуваат сите избрзани реформи, експерименти. Бумбароски, кој е наставник од 2011 година и е магистер по менаџмент во образованието, вели дека е благодат да се биде наставник. Него и самата помисла дека помага при создавање успешни личности го прави среќен.
- Колку е тешко или лесно да се биде наставник, зависи само од нас самите. А да се биде наставник денес? Е тоа е веќе нешто сосема друго... Тешко е... Во ова време на предизвици, во ова време на борба за опстанок, во ова време на промени, секој трага по место повисоко во општеството, но на погрешен начин – газејќи врз грбот на некој друг. Наставничката професија, за жал, е ставена на маргините. Ни недостига почитувањето од припадниците на другите професии. Ни недостига почитувањето од родителите, кои тоа почитување треба да го пренесат врз своите деца. Не знаат дека со лошиот однос кон наставниците тие им наштетуваат на своите најмили. Вината за оваа состојба не е кај поединци, туку се провлекува кај цели генерации. Достоинството на професијата наставник е нарушено и време е да се врати – вели тој.

Родители, децата нема да ги запаметат вашите совети, туку вашите постапки

Кога би имал моќ да промени нешто во основното образование, би го направил поблиско до возраста, а смета дека треба да има задолжително предучилишно воспитување кое ќе им донесе ист третман на сите деца. Бумбаровски исто така би го намалил бројот на часови, т.е. предмети во одделенска настава и би ја намалил административната работа на наставниците.
- Би ги ослободил наставниците од притисокот за пишување оценки 4 пати во текот на учебната година, а би вовел тестирање од страна на тим кој не е поврзан со училиштето. Наставниците да се насочат кон наставата и методите за успешно реализирање – вели тој.


Наместо дома, избираат да останат на училиште

И родителите прават многу грешки кога е во прашање учењето и постигнувањето добри резултати на нивните деца. Што им советува овој супернаставник:
- Со оглед на тоа што и јас сум родител, би ги замолил сите родители да веруваат во своите деца, да ги охрабруваат, позитивно да влијаат врз нивната самодоверба. Немојте јавно да ги дисциплинирате, внимавајте кои подароци им ги купувате и колку често им купувате сè што ќе посакаат. Оставете ги понекогаш сами да ги поминат препреките пред нивните нозе, немојте да ги споредувате со другите. Обидете се почесто да им посветувате внимание на вашите деца, а не само кога ќе погрешат. И за крај, внимавајте како се однесувате пред вашите деца, голема е веројатноста тие да не ги запомнат вашите совети, туку вашите постапки.


Покана за посета од учениците за редакцијата на Факултети.мк
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование