X
 31.03.2018 Образование

На студенти од „Пелагонија“ им врнеше среде соба, ги разместија во различни соби откако се пожалија на медиум

Тројцата цимери го пријавиле проблемот кај надлежните во домот. Им одговориле дека тоа не може да се среди и им понудиле друга соба, но им потенцирале дека е во уште полоша состојба.


Влага во собата на тројцата студенти

Тројца студенти до вчера живееја во соба во која буквално „врнеше“, во скопскиот студентски дом „Пелагонија“. Тие ни испратија фотографии и видео од прокиснатиот покрив во собата на шестиот кат во домот и побараа од нас да реагираме до надлежните институции бидејќи никој не ги слушнал нивните апели. Но, откако побаравме официјална изјава од директорот на домот што ќе преземе со случајот, студентите беа разместени во различни соби, иако се цимери со години.


Видеото што ни го пратија студентите

Живот во влага


Во нивната соба протекувало од четири места на ѕидот. Дури вчера почнало помалку да капе. Собата е во очајна состојба, со влага и мувла, што се гледа и на фотографиите.
- Вака е цела недела. Вода течеше по ѕидовите, а локви од вода имавме на подот и врз мојот кревет. Во собава сме сместени тројца, мириса на влага. Некни, кога се вратив од читалница, немав каде да легнам, водата течела на мојот кревет. Проблемот всушност го имаме цела година, но сега се влоши. Олку обилно не течела вода – ни изјавија студентите.
Еден од нив раскажува дека во истиот дом е сместен веќе петта година. Првата година имал соба на осмиот кат и тогаш прокиснувало по малку, но се трпело. Лани бил сместен во соба на седми кат, која сега е точно над нив.





- И лани истото се случуваше со собата што сега е над нас. Буквално како туш да имавме среде соба. Сега е исто, дождов како да ме следи – се пошегува студентот, иако очајно бара помош.
Тројцата цимери го пријавиле проблемот кај надлежните во домот. Им одговориле дека тоа не може да се среди и им понудиле друга соба, но им потенцирале дека е во уште полоша состојба.
- Ни ја понудија соба 319, која не е за употреба бидејќи има многу влага и мувла. Нормално дека не отидовме таму бидејќи е полошо – вели студентот.

Сега остануваме и еден без друг

За официјална изјава се обративме кај директорот на домот, Бујар Муртезани, но бидејќи беше на состанок, оставивме порака за контакт. Се обративме и до Министерството за образование под чија надлежност е домот, од каде што го контактираа директорот. Тој ги известил дека проблемот со собата не е до дождот, туку до несовесно користење на тоалетот над оваа соба. Поради затнат одвод, водата се излеала на подот, па прокиснало и во долната соба. Тој тврдел дека проблемот е решен, но студентите тврдат дека сѐ уште капе по малку вода, а влага и мувла има во целата соба.



Откако директорот разбрал дека студентите се пожалиле на медиум за условите во кои живеат, влегол во собата и им кажал дека ќе ги размести во други соби.
- Долго време сме цимери и сега нè ставија во различни соби како казна зошто сме ги алармирале медиумите. Сакавме само правда, некој да ни помогне зашто собата ни е во очајна состојба. Сега останавме и еден без друг – велат револтирано студентите.
Пред крајот на работниот ден ни се јави раководител на кат од домот во име на директорот. Тој ни изјави дека вода веќе не тече во собата. Демантираше дека со денови прокиснувало и тврдеше дека вода течела само еден или два часа. Тој ни потврди дека студентите се разместени во други соби, а на нашето прашање зошто не се заедно, ни одговори дека ги сместиле таму каде што имало место.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование