Оваа недела „Фејсбук“ ќе направи измени кои ќе овозможат дополнителни начини во борбата против лажните вести. Иако на прв поглед се чини дека ажурирањата ќе придонесат за создавање подобар контекст за вестите кои се појавуваат на почетната страница, тие кријат и една друга опција - ќе овозможат идентификација на пријателите што споделуваат лажни
вести.
Фото: Buka
Измените првпат се тестирани минатата година, а им дозволуваат на корисниците да го откријат изворот на веста, поврзаните статии и мапата на споделување на веста која содржи информации за физичката локација на местото на најчесто споделување и кои корисници, односно пријатели го прават тоа.
Кога корисниците имаат увид во деталите за темата што се обработува во статијата, може да се дојде до информации кои ја разоткриваат потенцијалната лажна вест. Од друга страна, споделувањето на веста ја открива нејзината популарност и популарноста кај вашите пријатели.
Сепак, и покрај тоа што на тој начин ќе се добие подобра слика за наводните политички убедувања на пријателите на „Фејсбук“, но и за наводното ниво на нивната поводливост во контекст на лажните вести, опцијата не дозволува увид во тоа зошто нешто е споделено. Значи, не постои начин да се детектира потенцијалниот сарказам или критика.