X
 07.04.2018 Образование

Дали е прерано да се испратат децата на училиште на три години?

деца
Фото: Shutterstock

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека децата во Франција ќе почнат да одат на училиште од три години, а не на шест. Тоа е дел од неговите планови за реорганизација на образовниот систем.

Тој објасни дека промената е воведена за борба против нееднаквоста на прекуморските територии и најсиромашните делови на континентална Франција каде што повеќето родители одлучуваат да не ги испраќаат децата на училиште.

Според податоците од француското Министерство за образование, оваа промена ќе влијае врз мал број семејства затоа што 97,6 отсто од децата во Франција веќе одат на училиште од три години.

Дали градинката е вистинско училиште?

Родителите нема да ги носат своите деца во редовните училишта. Малечките дечиња ќе одат на училиште во градинките. Но градинките во Франција имаат репутација дека се многу поформални отколку во другите земји.

Откако беше одлучено децата во Франција да одат на училиште на 3 години, од претседателската палата соопштија дека градинките повеќе не треба да бидат места за универзално чување на децата, туку вистински училишта во кои децата ќе учат јазик.

Ваквиот пристап е сосема спротивен од пристапот во земјите што со години имаат многу успешни образовни системи, како што се Финска и Естонија. Во тамошните училишта децата не почнуваат со формално образование додека не наполнат седум години. Во Финска децата до шест години не мора да одат ниту во предучилиште, но повеќето деца одат во градинка. И во предучилиштата и во градинките се става акцент на играта и дружењето, а не на формалното учење.

Дури и во Сингапур, каде што исто така има успешен образовен систем, децата не одат на училиште додека не наполнат седум години. Таму децата од три до шест години одат во градинка, а властите им овозможуваат на родителите да изберат помеѓу многубројни и различни стилови на едукација - од учење засновано на игра до формална училница каде што предаваат наставници.

deca
Фото: Shutterstock

Дали е прерано
на три години да се испратат децата на училиште?

Иако нема директен доказ што покажува дали едукацијата на тригодишните деца во градинките има позитивно или негативно влијание врз детското образование, постојат луѓе што ја промовираат предноста на одењето на училиште неколку години подоцна.

На учителскиот факултет, при Универзитетот „Кембриџ“, се цитирани повеќе истражувања што укажуваат на предностите на подоцнежното тргнување на училиште, како и учење базирано на игри кај малите деца. На пример, истражувањата споредиле две групи деца од Нов Зеланд што формално учат да пишуваат на возраст од пет до седум години.

Резултатите од истражувањата покажуваат дека раното учење на буквите не го подобрува читањето кај децата, туку напротив - може да им наштети. До 11 години немало разлики во читањето помеѓу двете групи, но децата што почнале да учат букви на пет години развиле помалку позитивен став кон читањето и полошо ги разбирале текстовите отколку децата што подоцна научиле да пишуваат.

Американските и данските наставници ја истражувале ситуацијата во Данска, каде што децата мора да тргнат на училиште во календарската година кога го прославуваат седмиот роденден. Децата родени подоцна во таа календарска година можат да одат на училиште една година подоцна. Истражувањата покажале дека одењето на училиште една година подоцна значително го подобрува менталното здравје до 11 години.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование