X
 19.07.2026 Живот

Научниците развиваат нов пристап за спречување на ширењето на лајмската болест

Научниците од Универзитетот во Сан Антонио во Тексас развиваат нетоксичен биолошки лек за намалување на ширењето на лајмската болест што ја пренесуваат крлежите. Наместо да се фокусира на лекување на луѓето и домашните миленичиња, лекот ги таргетира таканаречените резервоарни животни, како што се верверичките и глувците, кои помагаат во ширењето на бактеријата одговорна за лајмската болест.

Експертите сметаат дека новиот пристап е едноставен и паметен бидејќи се бори против лајмската болест на самиот извор, намалувајќи го количеството бактерии што ги носат малите диви животни, но не е замена за вообичаените мерки на претпазливост што треба да се преземат при престој во природа, како што се покривање со облека, нанесување репеленти и прегледување на телото.

Од патогени развиле биолошки лекови

Симптомите на лајмската болест варираат, а некои компликации, како што е артритисот, можат да траат долго по лекувањето и значително да влијаат врз квалитетот на животот.

Научниците се фокусираа на бактеријата Borrelia burgdorferi, која предизвикува лајмска болест. Тие ги идентификуваа протеините на површината на бактеријата кои ѝ помагаат да преживее во домаќинот, пишува „Њузвик“.

Потоа од патогените развиле биолошки лекови, во основа орални вакцини, кои предизвикуваат имунолошки одговор кај животното-домаќин. По реакцијата на имунолошкиот систем, количеството на бактерии кои предизвикуваат лајмска болест кај животните драматично опаѓа, па крлежите потешко се заразуваат.

Топчиња-мамки

Се очекува првата верзија на производот да биде во форма на третирани топчиња-мамки кои луѓето можат да ги поставуваат околу своите имоти. Малите цицачи ги јадат мамките, а биолошкиот препарат придонесува за намалување на бактериите - причинители на лајмската болест во нивните тела.

Ова би можело да има големо влијание врз преносот бидејќи ларвите на крлежите се раѓаат без патогени на лајмската болест, а се заразуваат кога се хранат со заразени животни.

Во претклиничките испитувања се покажа дека нивото на бактерии, по третманот, паднало од 100.000 на само 100. Со многу помалку бактерии, крлежите кои се хранеле со тие животни се заразиле помалку или некои можеби воопшто не се заразиле.

Прекин на преносот на луѓето?

Научниците велат дека оваа стратегија би можела да помогне во прекинувањето на циклусот на пренос на болеста на луѓето.

Покрај лајмската болест, постојат уште седум патогени кои крлежите можат да ги пренесуваат, напоменува Сешу во изјавата. Идните верзии на топчињата ќе таргетираат повеќе патогени истовремено кои ги пренесуваат крлежите. Целта е да се создаде поширок слој на заштита во населените средини. Доколку пристапот биде успешен, тој би можел да ја помести превенцијата од лајмска болест од поединците кон животната средина, сузбивајќи ја инфекцијата пред крлежите воопшто да добијат шанса да ја прошират.

Извор: telegram
Фото: magnific

Издвојуваме

Живот