X
 20.07.2021 Наша тема

Курбан за сиромашните, празник за солидарноста

Верниците од муслиманска вероисповед денеска го слават Курбан-бајрам. Човечноста, хармоничните односи меѓу луѓето и стремежот кон мир и благосостојба, како основни принципи на исламот, на празникот Курбан-бајрам се исполнуваат со посетување на роднините и пријателите и со честитки и добри желби за секого.
Според теолозите по исламски науки, Курбан-бајрам се одбележува 70 дена по првиот бајрам во годината, Фитр-бајрам, а го одбележува денот кога е комплетиран Светиот Куран.

- Прославата почнува со утринската молитва сабах-намаз, а потоа и со молитвата бајрам-намаз. Ова е еден од двата најголеми муслимански празници, кој трае 7 дена и е таканаречен празник на жртвата затоа што тогаш се принесува жртва-курбан, обично овни и им се делат на сиромасите. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите што отишле да ѝ се поклонат на Светата Ќаба во Мека - посочуваат теолозите.

Ова е само еден од неколкуте денови во годината кои ги поврзуваат граѓаните во државава токму преку нивната различна верска определба. Муслиманите ќе го слават еден од најголемите празници, а христијаните, пак, ќе изразуваат почит кон своите соседи и сограѓани.
Подготвил: Р.З.

Издвојуваме

Наша тема