X
 20.11.2019 Образование

Фатиме Авди е првиот избран претседател на факултетско студентско собрание на УКИМ

На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ - Скопје вчера се одржаа студентските избори, а денеска има избори и на Шумарски факултет

Фатиме Авди, студентка во четврта година на одделенска настава на албански наставен јазик на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ - Скопје, е првиот избран претседател на факултетско студентско собрание на УКИМ.
На Педагошкиот факултет вчера се одржаа студентските избори и ова е првиот факултет на УКИМ што одржа избори. Денеска има избори и на Шумарски факултет.

Според податоци од изборната комисија, вчера на Педагошкиот факултет гласале вкупно 200 студенти, од околу 700 се запишани на избирачкиот список. Собранието треба да брои 28 члена, но пријавено имало 18.
Од факултетот ни објаснија дека сакале да стават членови од секоја програма и од секој наставен јазик, но на некои студиски програми, како на пример за предучилишно воспитание на турски јазик, нема ниту еден студент, а во други групи има само по еден или двајца.
- Многу нè радува тоа што, на пример, од групата по библиотекарство за член избраа девојче со физички хендикеп, таа е во инвалидска количка. Решена е да се бори во името на секој студент. Имаме членови на собранието од сите групи бидејќи сакавме секоја да има свој глас во тоа факултетско студентско собрание - ни изјавија од факултетот.



На Шумарскиот факултет во Скопје до 12 часот гласале 50 студенти. На списокот за гласање имаат 150.

- Досега сѐ се одвива во најдобар ред. Очекуваме барем половината од нашите студенти да гласаат бидејќи ова е нивен ден и треба да го искористат ова право. Нашето факултетско студентско собрание ќе брои 12 члена и претседателот. За претседател имаме тројца кандидати - ни изјави проф. д-р Панде Трајков, претседател на изборната комисија.

На следниот линк ги има податоците и датумите за следните студентски избори на другите факултети на УКИМ.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Образование