X
 22.02.2021 Колумни

Социјалните мрежи – загрижувачкиот феномен на современието

Да, тешки се ова времиња. Таа тешкотија се мери во носталгијата со која гледаме во времето зад нас, зачинето со прашањата што ги поставувам. Секако, едно од основните прашања, според мене, е: Дали тоа беа подобри времиња или ние бевме подобри луѓе? Ако успееме да си го одговориме, верувам дека го правиме првиот чекор да им помогнеме на нашите деца

Автор:Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште


Новото, модерно време ги носи со себе новите трендови во сите сфери на живеење, го детерминира начинот на кој сите ние го доживуваме и светот, а и себеси и, секако, му дава формат и на однесувањето кое од таа перцепција ќе произлезе. Особено голема експанзија доживува користењето на интернетот и социјалните мрежи, како една од најважните промени во историјата на човештвото во поглед на комуникацијата. Овој незапирлив тренд на користење на социјалните мрежи практично го потврдува фактот дека секој што се обидува да остане надвор од нив, останува и надвор од сите текови на современиот живот, што секако отвора простор за размислување кои се ефектите на овој веќе длабоко етаблиран, виртуелен живот. Особено кога младите се во прашање.

Пред сè, и себеси и на сите што го читаат ова ќе ни поставам неколку прашања: Што се случи, всушност? Зошто емотиконите ги заменија емоциите, а аватарите луѓето? Зошто лајковите ги заменија прегратките, а видеоповиците прошетките? Дали одиме во природа за да ја слушаме тишината или да напишеме статус за тоа? Дали сите станавме зависници од тој друг свет за да побегнеме од сопствениот? Дали сме толку несреќни во својата кожа за да имаме потреба да се „преслечеме“ и да ја покажеме среќата што ни недостига? Како се случи технологијата да нè направи робови? Што ќе направиме во тој правец? Доцна ли е за излегување и враќање во реалноста, во која пиењето кафе со соседот, со семејството над измиената калдрма во нашите дворови, во некоја рана приквечерина, ќе биде дестинацијата на животот, како некогаш? Кога телефонскиот повик пак ќе подразбере: „Ајде да излеземе на кафе“ наместо секое утро виртуелно да си посакуваме „добро утро“ со фотографии од филџани над кои се лелее топлата пареа?

Нејсе. Не знам дали е можно да се одговори на овие прашања, искрено. Современието има длабок импорт во секој од нас и речиси е невозможно да функционираме поинаку. Но во едно сум сигурна: виртуелниот свет ги деформира младите во секоја смисла. Бидејќи работам со млади, пред сè ќе се потпрам на достапните истражувања, според кои денес секој млад човек со возрасна рамка меѓу 13 и 19 години поминува најмалку 5 часа на социјалните мрежи. Овој податок е надоврзан со понатамошни истражувања, кои ја потврдиле штетноста на ваквиот паралелен свет врз менталното здравје на младите, кои сè повеќе ја губат границата меѓу реалниот и виртуелниот живот. Ако се земе предвид дека во овој мачен свет на искривоколчени вредности, секако е тешко да се биде млад, негативните ефекти од виртуелното живеење уште повеќе придонесуваат кон манифестирање на депресија, исклученост, неприпаѓање, лош квалитет на сон или раздразливост. Она што младите го гледаат низ социјалните мрежи (Instagram, Facebook, Twitter, MySpace) пред сè им оневозможува правилно да разделат што е исправно, а што е стварно – вештачките трепки и нокти, силиконите и набилданите тела полека стануваат правило кон кое младите, сè повеќе препуштени сами на себе, се стремат како кон физички идеал. Ако се надодаде бомбардирањето со информации од страна на многубројните портали од типот „Нема да ви се верува во каква убавица пораснала ќерката на...“, задолжително придружено со серија дискутабилни фотографии, станува јасно колкава е реалната опасност од идентификацијата на младите, особено девојчињата, со погрешни вредности. Така се доведени во ситуација, заглавени во ваквиот алиениран свет, да посакуваат да се вклопат, а не да се истакнат со својата различност, со самото тоа што тежнеат да следат, наместо да водат и да го сменат светот. Со тоа се поттикнува идеализирање на другите и нивниот начин на живот, поставување нереални очекувања од себеси и се предизвикува паѓање на самодовербата.

Уште поопасен феномен кој е особено изразен последниве години е сајбер-малтретирањето. Сите сведочиме на морбидни видеа од буквално малтретирање на млади во физичка смисла, додека другарот, наместо да почувствува потреба да го спречи, го снима и го споделува низ виртуелниот простор, како своевидно умирање на емпатијата кај младите денес. Сведочиме и на цели перформанси на малолетник кој со крајно вулгарен речник омаловажува родител или друг член на семејство кој седи со него во иста просторија, немоќно изложен на навреди и пцости. Сведочиме и на уште поморбидни видеа на кои млади луѓе сквернават гробови и снимените видеа, без минимум сенс за тоа каде се наоѓаат, ги споделуваат на социјалните мрежи. Сведочиме и на фотографии на малолетни девојчиња кои во желба да се покажат себеси во позрело светло, секако и како резултат на потребата да добијат потврда за сопствената вредност бидејќи се отуѓени и задоени со погрешни критериуми, се доведени во ситуација да бидат злоупотребени од деформирани демначи – пат од кој назад тешко се враќа. Сведочиме, за жал, и на ладнокрвни силувања, ограбувања и убиства на постара жена од страна на малолетници, деца од едвај 13 години, препуштени сами на себе, заглавени во филмот „Ни се може, зошто не“ – сигурна сум, дел од оваа тажна приказна, освен еклатантната родителска негрижа, нефункционалноста на системот на кој веќе им се познати ваквите профили на малолетници, а не се ставени под надзор, секако е и достапноста на содржини од секаков вид преку интернет до деца кои ниту се во состојба ниту на возраст рационално да ги прифатат, да ги разберат и да ги детектираат како погрешни.

Постојат ли решенија за младите?


Пред сè, сакам да напоменам дека иако мојот фокус е на младите, мора да признаеме дека и ние постарите неретко ги пробиваме сопствените граници во користењето на интернетот. Неретко не забележуваме дека речиси еден час не правиме ништо паметно со нашиот телефон, а и понатаму гледаме во екранот. Себекорекцијата во овој поглед е првиот чекор во правец на изнаоѓање решенија и за нашите деца, на кои мораме да признаеме, уште од мали нозе, кога едвај седат и секако не зборуваат, им дозволуваме да скролаат по телефонот затоа што само така се мирни и тивки (јас имав можност да видам бебе од 10 месеци кое завалено во скутот на мајка си умее самото да си пушти некоја врескава детска песничка на „Јутјуб“ и да ја става на рипит петпати, додека таа си прави муабет со другарка ѝ). Впрочем, како вели старото правило, кое го сметам за азбука на родителството: „Ако детето дома, на масата гледа книга, и тоа ќе чита. Ако гледа шише, и тоа ќе пие, Ако слуша викање, и тоа ќе вика. Ако слуша песна, и тоа ќе пее.“ И навистина е така.
Понатаму, посочувањето на драгоценоста на времето како неповторлив ресурс, низ разговор со децата е секако добар чекор. Не е едноставно во ова време да се ограничи пристапот до интернет, секако, затоа што секој родител кој ќе инсистира на тоа добива статус на непријател кој не го разбира времето во кое неговото дете живее. Меѓутоа, родителот затоа се вика родител – да успее во невозможното. Освен времето, многу е важно на децата да им се посочи дека сè што се објавува на интернет останува трајно забележано како дигитална трага и дека многу треба да внимаваат колкав простор за влез во личниот простор ќе отстапат. Особено за тотални странци. Исто така, понудата на родителски алтернативи во ваков социјален Пандемониум е многу потребен аспект. Повеќе дружење со своите деца, посочување на тоа колку се посебни такви какви што се, во интерес на подигнувањето на нивната самодоверба, како и помош во организирањето на нивното време, се многу убави решенија, и покрај свесноста за турбо димензијата во која живее секој родител денес.

Освен родителите, и училиштето е секако простор во чии рамки правилното насочување на децата во користењето на социјалните мрежи е еден од императивите на денешницата. Тоа ќе се постигне секако со враќањето и зајакнувањето на воспитната компонента, чија загуба, за жал, е уште една од придобивките на модерното време. Ние, наставниците, сме носители на воспитно-образовниот процес, вложувачи во умот и срцето на секое дете и не смееме да изгубиме од вид колку многу сме им потребни, особено сега кога практично живеат на интернет.

Конечно, институциите се тие што треба да понесат свој дел од одговорноста за деформираните светогледи на младите денес. Социјалните работници, педагозите и психолозите, институциите за следење на условите за живот и развој на децата и нивните семејни услови, институциите за следење и санкционирање на малолетничката деликвенција се дел од современото милје проткаено со, за жал, се побројни тажни приказни за заталкани млади луѓе, на кои им треба патоказ.

Да, тешки се ова времиња. Таа тешкотија се мери во носталгијата со која гледаме во времето зад нас, зачинето со прашањата кои ги поставив погоре. Секако, едно од основните прашања, според мене, е: Дали тоа беа подобри времиња или ние бевме подобри луѓе? Ако успееме да си го одговориме, верувам дека го правиме првиот чекор да им помогнеме на нашите деца.

Издвојуваме

Колумни