X
 22.06.2021 Наша тема

Шампони на точење, дрвена четка наместо сунѓерче... Марија, Теодора и Дејан подготвуваат „зеро вејст продавница“

„Зеро вејст“ продавница значи дека продавницата се фокусира на комплетно живеење на сите нула отпад вредности, во секој сегмент од постоењето. Тоа значи дека главната цел е да се покрене свесност и да се едуцираат луѓето како да почнат да размислуваат да прават помалку отпад. Ќе се продаваат продукти без амбалажа и за повеќекратна употреба

Марија Арсоска, Теодора Страшевска и Дејан Велјанов ќе ја отворат првата продавница во Македонија каде што производите ќе се купуваат без амбалажа, а купувачите ќе треба со себе да си носат тегла, каса, сад во кој ќе им биде спакуван производот. Односно целта им е да ја создадат првата „зеро вејст продавница“ во земјава.

- Продавницата ќе биде отворена набрзо, прво онлајн, и ќе може да се најдат зеро вејст алтернативи за во домот, како: дрвена четка за миење садови - со кратка и долга дршка, за да ги замениме сунѓерите кои не само што тешко се разградуваат туку испуштаат и микропластика во водата; сапун за миење садови од кокосово масло и рицинус - од „Bloom козметика“, дрвен држач за сапунот; дрвен држач за четки за заби; восочни обвивки за складирање и пренесување храна, кои ги изработуваат „Еко восочни обвивки“, памукчиња за чистење лице, наместо обичниот памук што го користиме за еднократна употреба, овие ќе можат да се перат во машина за перење, од „Свила хендмеид“, торби за пазарење од стари парчиња облека... можам да кажам дека сите тие се и мали уметнички дела, рачно изработени - истакнува Марија.



Шампони на точење

Марија е дипломиран професор по германски јазик, магистер по маркетинг и човечки ресурси. Работното искуство ѝ е засновано на дигиталниот маркетинг и невладиниот сектор. Дејан е економист и ревизор по професија, а Теа е студент по стоматологија. Иако се од различни сфери на дејствување и професии, работат за иста кауза.

- Тројцата на свој начин отсекогаш сме биле заинтересирани за животната средина, за екологијата, за нашиот отпечаток на Земјата, загрижени за безрезервното трошење на ресурсите и загадувањето на почвата и на воздухот. Долго време сметавме дека рециклирањето е решението на сите наши проблеми, сè додека не започна периодот на карантин поради коронавирусот. Тогаш почнав да забележувам колкаво количество отпад произведуваме само јас и мојот партнер. Ме заинтересира и содржината на отпадот, па почнав да истражувам повеќе околу ова. Истовремено почнав да се прашувам зошто при секое купување производи, на пример, шампон за коса, гел за туширање, детергент за машина за перење, мора да ја купиме и пластиката во која доаѓаат. Си мислев дека би било совршено да имаме место каде што ќе можеме да ги користиме старите пакувања и да го купиме само продуктот на точење или мерење. Без амбалажата. Станувајќи свесни за ова, почнавме да истражуваме за алтернативи во светот кои помагаат за намалување на отпадот и така наидовме на зеро вејст концептот. Всушност, откривме дека зеро вејст не претставува само продажба и купување продукти без или со реупотреблива амбалажа. Туку тоа е една цела филозофија која се живее секој ден. Начин на живот. Целосно спротивна на потрошувачкото општество во кое живееме и на моменталните консумеристички струи - споделува Марија.
Во центарот на нула отпад концептот се човекот и животната средина, пред профитот. Главна цел е зачувување на ресурсите на Земјата преку одговорно производство, одговорна потрошувачка, повторна употреба на продуктите и обновување на производите, амбалажите и материјалите, без горење и без испуштање хемикалии во земјата, водата или воздухот, што би ја загрозило животната средина или здравјето на луѓето, потенцира Марија.



Зеро вејст алтернативите треба да им се достапни на луѓето


Зеро вејст продавница значи дека продавницата се фокусира на комплетно живеење на сите нула отпад вредности, во секој сегмент од постоењето.

-Тоа значи дека главната цел е да се покрене свесност и да се едуцираат луѓето како да почнат да размислуваат да прават помалку отпад. Сакаме овие зеро вејст алтернативи да бидат достапни за луѓето, без агресивен маркетинг. Едноставно, продуктите се тука доколку поединецот е подготвен да излезе од сопствената комфорна зона и да проба нешто поинакво.
Нашата продавница ќе се заснова на принципите на социјалното претприемништво и ќе биде претпријатие кое ќе остварува профит, но ќе има и силна социјална мисија на која ќе работи секојдневно. Ние веќе соработуваме со локални домашни производители, а дел од профитот ќе им го донираме на организации кои работат со ранлива категорија граѓани. За кратко почнуваме со онлајн-продавница, преку која ќе продаваме продукти без амбалажа и за повеќекратна употреба. Следна цел ни е да обезбедиме средства за да можеме да отвориме и физичка продавница во Скопје, каде што ќе го прошириме асортиманот на сите продукти за хигиена и домаќинство што ни се секојдневно потребни - информира Арсоска.


Теодора, Дејан и Марија

Како што вели таа, целиот концепт на зеро вејст продавница е да се следат овие принципи од првото договарање на соработката со производителите, заснована на доверба и заемна желба за позитивна промена во општеството, па сè до транспортот на продуктите, кој ќе биде на најеколошки можен начин (со велосипед или електрично возило).
- Една од лудите желби што ги имаме е да приспособиме електрично комбе во подвижна продавница и да можеме да бидеме присутни во одредена населба еден цел ден, без да загадуваме - додава таа.



Позитивно расположение кај производителите

На прашањето дали производителите кај нас се расположени да дистрибуираат производ без амбалажа, таа вели дека наишле на позитивни реакции.
- На мое огромно задоволство, уште кога го најавивме отворањето на оваа зеро вејст продавница, многу производители сами ни се јавија и ни кажаа дека би сакале да соработуваат со нас. Интересот беше навистина импресивен. Нивото на свесност на кое наидовме и кај производителите и кај потенцијалните купувачи, кои со нетрпение ја очекуваат продавницата, беше навистина повисоко отколку што очекувавме. Затоа што самиот концепт на нула отпад звучи многу недостижен за луѓето и сметавме дека првата нивна реакција ќе биде одбивна. Но огромната заинтересираност нè мотивираше да продолжиме со уште побрзо темпо за да го направиме овој концепт што поблизок до луѓето.
Исто така, прилично сум изненадена и од позитивните промени што ги забележувам кај моите блиски. Ако претходно знаеја да ми кажат: „Ама зошто да не земам кеса во маркет, па каде да го фрлам ѓубрето што и така завршува на исто место“, сега гледам дека пазарат со свои торби и знаат да се пофалат со тоа. Тоа е нешто што екстремно многу ме радува и ме мотивира уште повеќе. Едноставно обожавам да ги славам сите мали победи во денот, без осудување, со многу разбирање и прифаќање. Интересни иницијативи има и во повеќето локали за кафе за носење во парк, каде што даваат дури и попуст доколку си донесеш сопствена чаша. Можам комплетно да се пронајдам во следново мото: „На светот не му требаат неколку совршени екологисти. На светот му требаат милиони несовршени екологисти“ - изјавува Марија.

Сите имаме тегли што можат да се користат


Според неа, свесноста кај луѓето е на високо ниво и тие одвај чекаат некоја позитивна промена.
- Од друга страна, овој концепт е целосна спротивност на моменталните консумеристички погледи, па така и ние не би сакале да стимулираме непотребно и несвесно пазарување, туку сакаме да бидеме достапни кога луѓето ќе го побараат ваквиот алтернативен тип на продукти. Сите ние дома имаме алтернативи кои можеме веднаш да почнеме да ги користиме. На пример, сите имаме торби за пазарење или имаме стара гардероба која лесно би можела да биде пренаменета за пазарење. Сите дома имаме тегли, тие тегли можат значително да го олеснат животот кога се работи за пазарување на мерење. Поентата е да започнеме од некаде. Овој концепт во светот е развиен во секоја сфера на системското дејствување. Градовите во странство имаат свој градски компост, имаат систем за собирање биоразградлив отпад од домовите на луѓето и само со тоа го намалуваат отпадот за дури 40 отсто. Неодамна повеќе од 60 земји ставија целосна или делумна забрана на пластичните ќеси, а сè повеќе земји најавуваат целосно намалување на јаглеродниот отпечаток во следните 10 години - потенцира Арсоска.



Свесното пазарување е поврзано со свесната продукција

Целта на „Зеро вејст продавницата“ е да стимулира свесно пазарување.

- Во моментов живееме во изобилство и сè што ќе посакаме ни е на само еден клик. Научени сме вниманието и љубовта да ги искажуваме преку материјални продукти. Научени сме да купиме нова техника кога старата ќе се расипе, нова гардероба кога старата ќе се искине. Купуваме парчиња од брзата мода кои чинат колку две векни леб, без да размислиме кој ја произведува таа облека, дали тие луѓе имаат доволно за задоволување на основните потреби, како тоа парче облека се транспортира до нашите бутици и како тоа наместо 4 колекции во годината, модата се менува во 52 различни модни трендови. На овој начин, со секоја секунда ги трошиме ресурсите на Земјата, кои се обновуваат многу побавно отколку што ние ги извлекуваме. Ако продолжиме со овој брз начин на живот, без да обрнеме внимание на она што е најважно, ќе ни требаат две и пол Земји за да опстанеме во следните години. Она за што сакам да покренеме свесност е токму ова свесно пазарење. Да пазариме, а притоа да ги имаме предвид сите овие аспекти што ги набројав погоре затоа што колку има побарувачка, толку ќе има и продукција - објаснува Марија.
Свесното пазарување е тесно поврзано со свесната продукција. Под свесна продукција се мисли производителите да ги произведуваат продуктите на еколошки начин, без да ги загадуваат почвата, водата и воздухот на површините каде што произведуваат.

- Замисли, купуваш бела маичка по кратки ракави за 250 денари, која е произведена во Пакистан од работници во супстандардни услови, без приход кој ќе им овозможи пристоен живот, а притоа е направена од памук кој е одгледуван со пестициди, екстремно штетни за животот на работниците. Освен тоа, за да се постигне белата боја на маичката, се користи белило со штетни хемикалии кои потоа се испуштаат во водата и во почвата, од кои овие работници живеат. Освен тоа, производителите треба да имаат план за завршниот циклус на продуктот, односно што ќе прават по прекинот на користењето. На пример, корисниците ќе можат да го вратат назад, а производителот ќе го преработи во сличен или друг продукт, а корисникот ќе може да го купи следниот со попуст. Со тоа ќе се постигне циркуларност на економијата. По следењето на овие принципи, да направиме свесен список на сè што ни треба и сакаме да го купиме, за да избегнеме импулсивно купување и да ја најдеме најеколошката алтернатива за сите овие продукти. Тоа е во принцип свесно пазарување. - истакнува Марија.



Прво онлајн, па физичка продавница

- Сакаме да понудиме сè за домаќинство и хигиена на точење, мерење или во реупотреблива амбалажа. Купувачите ќе можат да донесат сопствено пакување (од претходното користење на продуктот или обична тегла) и ќе можат да изберат соодветен шампон, регенератор, сјај за садови, обичен и течен детергент за перење алишта, средство за машина садови, сенаменско средство за чистење во домот (без штетни хемикалии), метален брич, путер за тело и уште многу други продукти. Во продавницата ќе соработуваме со повозрасни лица кои сакаат да работат, а не можат да најдат работа поради возраста. Потоа, следна цел е проширување на концепт-продавницата во другите општини и низ целата држава - навестуваат иницијаторите на „Зеро вејст продавницата“.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Наша тема